Климатски протест на „Петоци за иднината“

21.09.2019 12:49
Климатски протест на „Петоци за иднината“

Движењето за климатска правда „Петоци за иднината“ - Скопје, со други невладини организации, денес ја започнаа Недела на иднината со протест пред Влада на Р. Северна Македонија. Тие се придружија на врсниците низ светот кои одлучија масовно да вршат притисок врз владите за преземање активности против климатската криза.

Непосредно пред Самитот за климатска акција на Обединетите нации во Њујорк и наспроти декемвриската Конференција за климатски промени во Сантјаго де Чиле, со протести и активности ширум планетата, во над илјада градови и 139 држави, илјадници граѓани на над 4,5 илјади собири, се заложија против климатските промени.

„Скопје е дел од глобалниот бран на климатско будење! Со прекрасна енергија и во најголем број досега, со поддршката на O2 Иницијатива, Не биди ѓубре, Движење за чист воздух, Скопје Смог Аларм и Го Сакам Водно го означивме успешниот почеток на Неделата за Иднината. Хајлајт на собирот беше поставувањето на нашиот список со барања таму каде што на властодршците ќе им боде очи и повеќе нема да можат да го игнорираат. Исполнувањето на тие барања е единствениот начин за долгорочна рехабилитација на животната средина во Македонија, и ние ќе продолжиме со борбата сѐ до исполнувањето на тие барања.“

„Петоци за иднината“- Скопје има пет барања до институциите:

1. Прогласување на климатска вонредна состојба на национално ниво, како услов за институционална приоритизација и сензибилизација на општествените актери за прашањето.

2. Активирање на специјалното национално тело -комисија за борба против климатските промени,кое постои само на хартија и нема никакви ингеренции и овластувања.

3. Отпочнување на процесот за затворање нанпостоечките електрани на јаглен и преминувањенна 80% обновливи извори на енергија до 2030 ин100% до 2050 година.

4. Изработка на план за намалување на употребата на автомобили, заедно со комплетна обнова и проширување на капацитетите на јавниот транспорт.

5. Воведување на климатската проблематика во формалното образование во основните и средните училишта како посебен предмет.


Bо текот на целата Недела за Иднината ќе бидат организирани настани за зголемување на свеста за еколошката криза. Во сабота ќе се одржи велосипедски карван низ Скопје, од паркот Жена Борец до Градскиот парк, проследен со филмска проекција на тема - климатски промени. Во недела ќе се преземе акција за ослободување на заробени дрвја во Скопје. Ќе се одржи и панел-дискусија на тема климатски промени како и работилница „Градење моќ и глокално дејствување“ со дискусии за политичката екологија и климатските промени. На последниот ден, 27 септември, петок, во 13 часот ќе се одржи „Марш за климата“. Деталната програма за Недела на иднината можете да ја погледнете на следниот линк.

„Опстанокот на човековата цивилизација зависи од наредните недели, месеци и години . Ова е само почеток. Ние сме младите на кои оваа држава и овој свет останува. Протестираме во Петок за Иднината, затоа што немаме повеќе време за чекање да ни ги оставите таа држава и тој свет во нормална, здрава состојба!“ – се вели на фејсбук страната на Петоци за иднината-Скопје.

Во продолжение, фотографии на Небојша Гелевски.

Фотографии: Небојша Гелевски