Сега кажувам: Каде не одам! (4)

22.09.2019 11:36
Сега кажувам: Каде не одам! (4)

 

Елена Мирческа
Знам дека СÈ можам исто како и тој другиот!

Имав 16 години кога се враќав дома сама после вечерно излегување. Се разделивме со другарките кај театарот во Прилеп и имав уште 200 метри до дома. Надвор беше толку густа магла што немаше видливост ни на два метри. Веднаш почувствував лоша енергија кога му ги слушнав чекорите зад мене. Носеше некои чевли со ѓонови кои одекнуваа по пустата улица и ми создаваа морници по телото. Жив човек немаше, ни кола да помине!

Стравот растеше во мене со секој изминат чекор, а немоќта да преземам било што беше сè поголема. Кога се доближив до мојата уличка, само слушнав како чекорите се забрзуваат, во моментот кога тој ја подаде раката кон мојата сукња, се свртив и вриснав на цел глас! Не се ни сеќавам дали успеа да ме допре или не, во тој момент и двајцата побегнавме во спротивен правец.

Долго време не одев никаде сама, се плашев од секоја сенка и од секој чекор зад мене. Толку длабоко настанот ми се врежа во потсвеста, што и денес ја чувствувам истата језа, понекогаш.

Единствената разлика е што сега знам дека не сум толку немоќна, па колку сака нека сум жена! Знам дека СÈ можам исто како и тој другиот! Знам дека секој манијак, насилник, провокатор, свиркач... ако бил храбар и силен, немало да ја користи својата надмоќ да малтретира, на било каков начин, некој послаб од себе! Послаб, мај ес!

Разбудете се жени, можете сè што ќе посакате, никој не е посилен од вас!!!



Јана Коцевска
Замислуваш како ги шлапаш со бејзбол палка

Од каде да почнам за тоа на какви фаци налетувам во јавен простор (било во МК било по лондони, паризи, хрватски итн.), кои толку вознемируваат што се чувствуваш немоќно да се извлечеш од таквата ситуација со правичен исход или барем смирено и без многу секирација да си ги продолжиш вечерта/денот.

Ју нејм ит: Фаќање за г'з на концерт каде сум скроз сама, без пријатели; го лоцираш ликот, му ја фаќаш раката додека го прави тоа - и никому ништо: поголем од мене два пати, да не случајно успеам и го однесам до обезбедувањето да го пријавам, за да ми кажат абе се дешава (дупла неправда).

Понатаму: бев следена од средно накај дома во 5 попладне од тип со ауто кој во исто време си го дрка; па фаќање за г'з од страна на група 10 мужи на сред Шанзелизе за новогодишна прослава додека татко ти стои од страна и факат не може да те одбрани, зашто сите ќе завршиме со модрици; па со дугарки од 8мо одделение (последен ден школо) одиме во парк и на нас си дрка типац постар, дедо возраст!

Да не редам кога ти свиркаат мајстори и довикуваат, исто и по сокачиња и темни улички, ама и на сред плоштад, луѓе, се дешава. Таква желба за насилство ми раѓаат да посакувам во моментот да им вратам некако, од што не знаеш како да се справиш, па си замислуваш како ги шлапаш со бејзбол палка, за барем во мислите да задоволиш некаква правда во стил на Тарантино филм, иако нели не е тоа решење во никој случај. Нема врска ни како си облечен, едноставно не важи тоа, зашто прилично сум мушкоданкаста, поготово бев во основно и средно...

Се повторува таа мантра насекаде и ме вади од кожа кога некој ќе каже дека некоја сама си го барала и провокативно се облекува. Па како сакам ќе се облекувам! Тоа не им дава право на луѓето да ми коментираат, и да ме пипаат. Фуј!

Мања Величковска
Истото се случува секој ден

На сѐ уште нестемнето, после втора смена и на враќање од училиште. Пред новогодишните празници, во време кога сите се прибираат дома, кога се враќаат од работа, кога ручаат. По замрзнат бетон, во време кога се фрла сол по улиците, со другарка ми се враќаме од седми час накај дома и поминувајќи од кај една слаткарница на по една лимонада одиме накај наше маало. Имаме по десет години што значи дека е прва година како не одиме целодневна или не нѐ чува некој по цел ден. Се чувствуваме големи и првпат се враќаме сами. По патот накај дома нема раскрсници, нема улици, нема паркинзи. Се враќаме поминувајќи меѓу зградите, каде што гледаат сите влезови, каде што има продавници, матични лекари, пошти, аптеки, центри за странски јазици. И покрај сите знаци од околината што прават да се чувствуваме безбедно, има една сеприсутна отсутност на локалниот живот што спие кога сфаќаме дека сме следени.

Човекот што оди по нас изгледа како млад дечко и додека се обидуваме да му избегаме со забрзан чекор, забележуваме дека мастурбира. Кога доаѓаме до крајот на еден ред згради, на самиот агол од последниот влез, се појавува една постара жена. Таа ја посматра ситуацијата, го погледнува бледо и незаинтересирано младичот, а нас ни дава знак да бегаме, попатно споменувајќи ни дека истото се случува секој ден.
Сексуалното вознемирување на јавен простор СЕ случува секој ден.



Билјана Котевска
„Точната доза на паника“

Сè додека случаите на сексуално вознемирување и сексуално малтретирање ги гледаме како изолирани случаи предизвикани од индивидуи кои се лоши луѓе (ака "few bad apples") и сè додека не ја гледаме системската природа и вкоренетост на истите - ќе бидеме на истово дереџе. Не е за делење совети за пријавување, носење пиштол, тепање, итн. Напротив. Жените знаат за сите тие опции кои денес се нафрлаат во коментари под постовите за #сегакажувам, како и за многу други опции баш бидејќи ги имаат овие животни искуства.

Всушност, #СегаКажувам #КадеНеОдам #TaniTregoj #KuNukShkoj е баш за фактот дека ги имаме развиено тие механизми за справување и за преживување, како и за теретот кој доаѓа со нив. Се работи баш за откривање и предочување во јавност на целиот товар на безбедноста кој жените го носат, т.е. за таканаречената “safety work” на која сме учени и која ја правиме секој ден од мали нозе, бидејќи сме жени. За предочување на обемот на опресијата која доаѓа од чувството на несигурност со кое живееме секој ден, кое ни е во голем дел интернализирано, вклучително и преку социјализацијата каде треба да сме потивки, поневпечатливи (идеално невидливи), помалку присутни во јавниот простор и во јавниот живот за да сме безбедни.

Исто како што инстинктивно луѓето тргаат рака од оган, жените прават многу од работите за кои денес може да се прочита на хаштагот. Реалноста е дека ако сте жена и ако не ги активирате овие механизми и мерки на безбедност тогаш сте невнимателна, а ако ги активирате тогаш сте параноична или лажете. Овој аршин Фиона Вера-Греј го нарекува “точната доза на паника”, а тоа е таа доза која се очекува жените да ја имаат во секое време и се очекува да живеат според неа за да не бидат подложени на сексуално вознемирување и малтретирање. Но, штосот, вели Вера-Греј, е во тоа што таква доза не постои. Па така резултатот е дека жената ќе биде секогаш крива. Затоа, фокусот мора да е на системски и на коренити општествени промени, а бидејќи првиот чекор за вакви промени е препознавање и видливост на проблемот, затоа #СегаКажувам #КадеНеОдам #TaniTregoj #KuNukShkoj.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Слики: Michelle Kingdom

Споделете искуство на сексуално вознемирување на јавен простор: непријатни и вознемирувачки искуства од сексуална природа коишто сте ги доживеале на улица, јавен превоз, влез во зграда, лифт, такси превоз... Овие исуства се секојдневни, но не смее да бидат нормализирани!

Идејата на оваа иницијатива не е само да се споделат овие искуства, туку да се покаже колку тоа влијае врз слободата на нашето движење низ јавните простори, начинот на кој ги користиме и колку ги користиме тие јавни простори. На пример, дали претрчуваме или се движиме спокојно, дали одиме пешки во куси релации или трошиме пари за такси, дали се преправаме дека зборуваме на телефон кога се чувствуваме загрозени, избегнуваме некои локации, внимаваме како се облекуваме, носиме средства за евентуална самоодбрана и слично.

#СегаКажувам#КадеНеОдам#TaniTregoj #KuNukShkoj

Слични содржини

Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Активизам / Став
Општество / Живот

ОкоБоли главаВицФото