„Мој ДДВ“ е делумно исполнето предизборно ветување на СДСМ

22.09.2019 23:13
Мој ДДВ“ е делумно исполнето предизборно ветување на СДСМ

Проверката на ветувањето од предизборната програма на СДСМ за враќање на 15 проценти од данокот на додадена вредност што го плаќаат граѓаните при секое купување на производи и услуги, покажува дека ова ветување е делумно исполнето.

На секој граѓанин (т.е. на секој краен потрошувач), ќе му се врати 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот на луксузни производи. Целта е, од една страна, да се обезбеди поголем приход за секое семејство; и, од друга страна, да се воведе силна иницијатива на граѓаните да инсистираат на издавање на фискална сметка, со што сите би ја имале улогата на даночните инспектори, со што би се подобрило плаќањето врз основа на ДДВ…

…Со оваа мерка ќе обезбедиме: Враќање на 8 милијарди денари годишно кон граѓаните на Република Македонија;…

[Извор: Предизборна програма на СДСМ, стр.49 – датум, Датум: декември 2016 г.]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во предизборната програма на владејачката партија СДСМ од 2016 година, на неколку места е набележно ветувањето дека дел од ДДВ-то што го плаќаат граѓаните ќе им биде вратено во висина од 15 отсто. Мерката е детално образложена на стр. 49 и 50 од предизборната програма, при што во делот на очекувањата е наведено што ќе се обезбеди со оваа мерка. Покрај другото, на стр. 50 децидно пишува:

Враќање на 8 милијарди денари годишно кон граѓаните на Република Македонија;

Мерката стартуваше од 01.07.2019 година, кога започна со примена законот донесен за таа намена. Таа беше најавена десетина денови претходно, кога на заедничка прес конференција премиерот Зоран Заев, тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски и директорката на УП Сања Лукаревска, ја најавија и ја објаснија мерката.

Тогаш министерот Тевдовски истакна дека Владата очекува државата на граѓаните да им врати максимум околу 50 милиони евра годишно, како и тоа дека повратот по лице е ограничен на 1.800 денари за три месеци, односно 28.800 денари годишно за едно четиричлено домаќинство. (околу 15-та минута од видеото од прес конференцијата).

И од Владата и од УЈП неколку пати нагласија дека мерката е одлична и дека придонела за зголемено издавање фискални сметки, значи зголемена даночна дисциплина, како и тоа дека граѓаните масовно скенираат фискални сметки и дека наскоро (декември) државата ќе почне да им ги враќа парите. Приходите од ДДВ за јули и август биле повисоки за 10 отсто споредени со истиот период 2018 година, а за два месеца од примената грѓаните треба да добијат назад 2 милиони евра.

Изразувам огромно задоволство од досегашниот тек на реализацијата на Мој ДДВ. Од почетокот на Мој ДДВ на 1 јули, па заклучно со крајот на август веќе евидентиравме 15 милиони скенирани фискални сметки, остварен е промет од над 7,6 милијарди денари, вкупен ДДВ во износ од нешто над 800 милиони денари и 15% поврат кај граѓаните што изнесува 125 милиони денари, односно 2 милиона евра, изјави првиот човек на УЈП, Лукаревска на втори септември 2019 г.

Ако се анализира прецизно ветувањето, факт е дека мерката е спроведена (иако со големо задоцнување зашто беше ветена во првите 6 месеци односно во План 180 – стр.209). Со посебен закон е воведен поврат на дел од ДДВ-то, финансиската дисциплина очигледно е зајакната и приходите од ДДВ-то се зголемени.

Но, исто така е факт, дека во програмата стои оти СДСМ планирал да им врати на граѓаните по 8 милијарди денари годишно или околу 130 милиони евра, а кога е претставена мерката од страна на Тевдовски беше кажано дека се очекува максимален поврат на околу 50 милиони годишно. Тоа значи дека Владата и институциите ја намалиле сумата за поврат кај граѓаните за околу 80 милиони евра од првичните планови и дека вовеле рестрикции со кои максималниот износ за поединец е 1800 денари месечно.

Ако се суди пак, според првите два месеца од примената на мерката, нема да биде изненадување ако вкупниот поврат за една година не ја надмине сумата од околу 15-ина милиони евра.

Поради горенаведените аргументи сметаме дека може да се оцени ова ветување на СДСМ како делумно исполнето.

ИЗВОР:
СДСМ – План за живот во Македонија, стр.49/50 – [Проверено на 05.09.2019]
Влада – Прес на Заев, Тевдовски, Лукаревскa – [Проверено на 05.09.2019]
УЈП – Соопштение – [Проверено на 05.09.2019]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер