Американците повторно почнуваат да ги сакаат синдикатите

22.09.2019 23:23
Американците повторно почнуваат да ги сакаат синдикатите

Денес имаме причина да славиме. Јавната поддршка за синдикатите достигна 64 проценти, според последната анкета на компанијата Галуп.

Компанијата Галуп постојано ја истражува јавната поддршка за синдикатите уште од 1936 година. Галуп соопшти дека, според нивните истражувања, јавната поддршка за синдикатите, од 1967 година до сега, „ретко надминувала 60 проценти. Сегашното ниво на поддршка од 64 проценти е едно од највисоките за синдикатите кои Галуп ги забележал во последните педесет години“.

За да го разбереме овој тренд, потребно е да се земат предвид три фактори: стагнирачките плати и, паралелно, намалувањето на бенефициите; бранот штрајкови на учителите и наставниците; како и порастот на популарноста на Берни Сандерс.

Првиот фактор - ниските плати и бенефициите - може да се разбере само кога ќе се посматра заедно со другите два фактори. Платите, сѐ повеќе, не се доволни за да ги покријат трошоците за живот кои растат брзо, додека во исто време, работодавачите продолжуваат да ги намалуваат бенефициите за работниците, за да ги зголемат своите профити. Сето тоа го прави животот на обичните работни луѓе прогресивно тежок. Статус кво-то, кое долго е присутно е очигледен извор на фрустрации и претставува основна причина за мотивацијата на работните луѓе да се приклучат кон колективна акција во вид на формирање синдикати.

Меѓутоа, влошувањето на условите не доведува автоматски до зголемување на позитивното мислење во јавното мислење за синдикатите. Токму спротивното, платите во Америка стагнираат уште од седумдесеттите години на дваесеттиот век, а токму тогаш почнува и падот на јавната поддршка за синдикатите, како и падот на бројот членови на синдикатите. Неолиберализмот е на влезна врата уште од средината на седумдесеттите, и оттогаш пропагаторите на неолиберализмот на терен беа мошне успешни, од една страна, да извлечат поголема продуктивност и поголеми профити од работниците, а да не го делат профитот со нив, додека, од друга, беа успешни и во тоа да ги убедат работниците дека токму синдикатите се тие кои се алчни и дека синдикатите се виновни за ниските плати на работниците.

Значи, влошувањето на условите самото по себе не доведе до зголемување на поддршката за синдикатите. Луѓето не почнуваат да ги поддржуваат синдикатите само затоа што нивните работодавачи ги третираат лошо. Она што е потребно е да постои кредибилна алтернатива за постоечката состојба.

Бранот штрајкови на учителите и наставниците започна 2018 година. Штрајковите во Западна Вирџинија, Оклахома, Аризона, Калифорнија, Вашингтон и уште неколку држави ги доведоа синдикатите во фокусот на медиумските вести, што им овозможи да станат видливи и релевантни кај големи делови од поулацијата, првпат во последните неколку децении. Уште поважно, преку „преговарање за заедничкото добро“ и поврзувањето на нивните барања со благосостојбата на цели заедници, штрајковите успеаја да ги убедат луѓето во ставот дека она што е добро за синдикатите и работниците исто така е добро и за студентите, родителите, но и за целокупната јавност.

Меѓутоа, за да се дополни оваа слика недостасува уште еден сегмент. На пример, кога наставниците од Чикаго го започнаа својот штрајк во 2012 година, најважните корпоративни медиуми ги дочекаа ладно. Ваквата перцепција од страна на медиумите е поврзана со широката дебата во јавните училишта и синдикатите, а таа дебата е обликувана од страна на оние кои се залагаат за приватизација на училиштата и разбивање на синдикатите во таканареченото „движење за реформи во образованието“. На пример, списанието Тајмс во 2008 година објави издание со слика од Мишел Ре на насловната, жена позната по разбивањето синдикати. Во ова издание новинарите ја славеа нејзината херојска „борба против лошите наставници“. На насловната страница од списанието Тајмс од 2014 година се наоѓа насловот: „Речиси е невозможно да се отпушти лош наставник. Некои милионери кои се занимаваат со нови технологии најдоа начин да го направат токму тоа“. Оваа статија ја споменува „војната против сигурноста на вработувањето на наставниците“ како нешто позитивно.

Оттогаш, односот на јавното мислење за наставниците и нивните синдикати се промени за 180 степени. Кога наставниците започнаа масовен штрајк во 2018 година, медиумските репортажи беа главно позитивни, додека јавната поддршка беше огромна. Кога бранот штрајкови на наставниците ја достигна кулминацијата, списанието Тајмс објави издание на чија насловна страна се наоѓаше слика од наставник што штајкува, а под сликата стоеше насловот: „Јас имам мастер диплома, шеснаесет години искуство, работам две дополнителни работи, а сепак морам да донирам крвна плазма за да ги платам сметките. Јас сум наставник во Америка“. Ова беше само една од трите фотографии на насловната на Тајмс, од кои секоја беше проследена со текст кој пружаше позитивен поглед на специфичниот средношколски наставник. Насловот на главниот текст од тоа издание на списанието беше „Тринаесет приказни за животот со наставничка плата“.

Се чини дека наставниците и синдикатите на наставниците одеднаш веќе не ги гледаат како проблем на државното школство. Впрочем, зајакнувањето на наставниците и нивните синдикати се чини како вистинско решение на проблемите.

Што се промени помеѓу 2014 и 2018 година? Главна причина е тоа што во вистински момент се појави претседателски кандидат од Демократската партија кој најмногу се бореше за целите и интересите на синдикатите, од сите претседателски кандидати во историјата. Берни Сандерс ја користеше својата мошне популарна претседателска кампања како масовна платформа за да ја критикува нееднаквоста во општеството и ги промовираше вредностите на синдикатите и колективното работничко дејствување. Дури и откако изгуби на прелиминарните избори во Демократската партија, тој следните неколку години ги помина ширејќи ја пораката која ги величаше работниците и синдикатите. Тој се залагаше за зголемување на синдикалните барања и за материјална помош за наставниците и другите работници за поуспешно да се борат против своите шефови.

Сандерс ја повлече американската политика кон лево и создаде политичка клима во која на работниците се гледа на многу попозитивен начин. Наставниците ги започнаа своите штрајкови во текот на оваа нова политичка клима. Ерик Бланк, во неговата книга „Револтот во црвените држави“, покажува дека наставниците од Западна Вирџинија и другите американски држави беа охрабрени за започнат акција преку пораката на Сандерс која доживеа голем успех. И во таа нова политичка клима овие штрајкови беа дочекани позитивно од страна на медиумите и широката јавност.

Не постојат гаранции дека ова високо ниво на јавна поддршка за синдикатите ќе опстои. Но, во анализата за зголемувањето на поддршката можеме да сфатиме каков труд и каква работа се неопходни, за да продолжи овој тренд.

Синдикатите треба да продолжат да работат за да бидат повидливи за широката јавност преку штрајкови, а покрај тоа, треба да изградат широка класна поддршка за барањата чие исполнување би ја зголемило благосостојбата на цели заедници. Социјалистите треба да продолжат да ги користат изборите, на што повисоко можно политичко ниво, како средство за ширење на пораката која зборува негативно за корпорациите, додека, од друга страна, ги поддржува интересите на работниците и синдикатите. Ако се вложи доволно труд во такви проекти, сосема е можно овој тренд на зголемување на популарноста на синдикатите да биде само почеток за целосно оживување на работничкото движење во Америка. Крајната цел е создавање широка база кај целата популација, која ќе биде многу поподготвена да ги поддржи, но и, најпосле, да им се придружи на синдикатите.

Извор: https://jacobinmag.com