Смртта се крие во подрумот на комшијата (три маалски приказни)

24.09.2019 11:05
Смртта се крие во подрумот на комшијата                       (три маалски приказни)

 

 1.

Комшијата сака да ги исече борчињата во неговиот двор зашто го потсетуваат на гробишта. Тоа ми го соопшти со солзи во очите. Ми беше непријатно да му кажам дека ги сакам гробиштата, дека го сакам нивниот мир, сенките, надгробните споменици со прерано или предоцна згаснати животи, пченицата, ракијата во бело пластично чавче, кучињата кои бараат остатоци од храна заборавена на парастос... Му реков дека го разбирам, но не се согласувам со неговата одлука. Сепак, тоа се само дрвја и не е фер да се убијат од сентиментални причини. Се почеша по побелената коса, се замисли за миг, свечено ми соопшти дека купил нова косилка за трева и влезе во својата гаража каде остана со часови.

Еден друг комшија ги полева цвеќињата во неговиот двор. Ги има стотици: петунии, камени цветови, неколку видови ружи, пркоси, кактуси, бегонии, далии, гераниуми, фикуси... Им зборува, ги милува, се топи од среќа и сонува дека еден ден, кога ќе се пресели на гробиштата во Бутел, сите цвеќиња од неговиот двор ќе се пресадат врз неговиот гроб за да бидат заедно за век и веков. Се насмевнува и од очите почнуваат да му капат солзи радосници со кои ги полева веселите растенија.

Комшија Борче и комшијата Цветко се најдобри другари; едниот живее лево од мојата куќа, другиот - од десно. 

Стојам во средина меѓу две идни умирачки и мечтеам за вечноста.


2.

Комшиите Борче и Цветко ми се закануваат дека ќе ми викнат полиција ако не го искосам пирејот од мојот двор кој со брзина на скршено срце ползи кон нивните беспрекорно одржувани градини. Тоа е прекрасно растение, им велам со милозлив глас, но тие ми праќаат погледи полни со омраза зад кои се кријат демоните на педантноста. Ве молам, ги преколнувам, оставете го на мир уште само неколку недели, да созрее доволно за од него да направам пигмент за мастилото со кое ќе ги напишам моите идни раскази. Молчат. Ме мразат до коски, но од почит кон баба ми, се согласуваат. Комшијата Борче ме прашува за што ќе се работи во расказите. За едно семејство, за едно детство, за преселбите... сакате да додадам нешто? Сакам да ги спомнеш моите прекрасни цвеќиња, веднаш испалува комшијата Цветко. Напиши нешто за оградата од бршлен која ги дели нашите дворчиња, ми вели комшијата Борче. Нема проблем, им велам, ќе направам како што сакате. Комшиите задоволни влегуваат во своите домови, ги вклучуваат телевизорите на кои се појавува Собранискиот канал и во исто време извикуваат: Долу Влада!

Косачот ми намигна.


3.

Полиј ги овошките, ми вели комшијата; Суша е, ќе ги носиш на душа. Види ги – убавици! Ако не пијат вода ќе се престорат во старици. Ќе ги пратам во дом, му велам а тој одмавнува со раката и ме предупредува да не се шегувам со такви работи. Комшијата од соседната куќа тажно кимнува и ми го вели истото, но со помалку жар во зборовите: не му е грижа за овошките, тој само сака сите дворчиња да бидат убави како неговото. Што мириса вака? – прашувам и двајцата комшии трчаат кон своите кујни. Го пуштам цревото, палам цигара и почнувам да кашлам. Треба да престанеш, ми вели кајсијата. Ќе фатиш некоја болештија, се сложува црешата. Знам, им велам, нема да дочекам да ги пробам вашите плодови. Нема да ги пробаш ако не ги полеваш, ме прекорува првиот комшија додека пробува да го спаси загорениот ручек. Да, се согласи вториот и пцуејќи го фрли ручекот в ѓубре. Ми пропадна манџата, вресна од кујната; Ти си крив, ќе те убијам! – ми се закани, рипна од кујнскиот прозорец, го зема ашовот и сиот црвен во лицето ја прескокна оградата која ги дели нашите куќи, застана на половина метар од мене, замавна и ми ја отсече главата. Телото ми заврши во оградата на првиот комшија, а мојата глава слета на блиското игралиште каде што маалските деца играа фудбал. Јеееееее, нова топка, се израдува детето Робеспјер. Видете – топката пуши цигара, хахаха! Оставете ја топката да допуши, па ќе ја пробаме, тивко изусти моето омилено комшиче Добре и останатите се согласија.

Колку воспитано дете, си помислив.

Слики: The Royal Art Lodge

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото