Климатските планови на ЕУ полоши од мртво слово на хартија

25.09.2019 01:01
Климатските планови на ЕУ полоши од мртво слово на хартија

Додека ОН соопштува дека времето за спасување на планетата истекува сѐ побрзо, гласилата од Европската унија пишуваат дека земјите членки немаат конкретни планови за укинување на субвенциите за фосилни горива.

Како што нагласува Еурактив „ниедна членка на ЕУ сѐ уште нема конкретен и разработен план за прекин на субвенционирањето на фосилните горива, и покрај обврската која ја преземаа на состанокот на земјите од Г20 пред десет години“. Тоа се резултатите од најновата анализа на интегрираните енергетски и климатски планови на сите 28 земји членки која ја спроведоа ODI (Overseas Development Institute), Friends of the Earth од Холандија и CAN Europe (Climate Action Network).

За ситуацијата да биде полоша, во последните интегрирани национални планови само девет земји повторно ја истакнале намерата да престанат со субвенционирање на фосилните горива. Но, притоа, само шест од нив осмислиле и конкретни чекори кои главно се состојат од дополнителни ограничувања на субвенциските шеми, но дури ни тие земји немаат сеопфатни планови. Сепак, ни тоа не е најлошиот дел: пет европски земји, Велика Британија, Германија, Грција, Полска и Словенија планираат воведување нови субвенции до 2030 година. Целта на овие субвенции е камуфлирана во „кодните имиња“ како „поддршка за нискојаглената транзиција“. На пример со грчката „поддршка за нискојаглената транзиција“ се планира целосна замена на дизел погоните со погони на природен гас или финансирање на транспортот на течен гас во Полска.

Препишани колажи и лажни ветувања

Секако, тука не треба да се заборават ниту новонајавените субвенции за скенирање и ископување фосилни ресурси кои сѐ уште се сочувани во тлото или под морското дно во Хрватска и другите балкански земји. Во случајов, манипулацијата се состои во тоа што ваквите концесии не придонесуваат за ублажување на климатските промени, затоа не се ни вметнати во националните планови кои - да бидеме реални - се само препишани колажи од другите национални планови на „поугледните“ земји.

Како впрочем функционираат нештата? Ваквите планови во Хрватска главно ги пишува понискиот службенички кадар во институциите, кој всушност е и стручен во работата што ја извршува. Тоа е оној кадар кој носи голем товар од работата, но нема никаква моќ на одлучување. Партискиот кадар кој има моќ на одлучување но не го носи товарот од ваквата работа по правило не се ни чувствува обврзан да ги почитува таквите планови - зашто вистинските одлуки и онака ретко се донесуваат во министерствата. Прво се склучуваат недозволиви јавно-приватни договори кои потоа со неформален декрет се спроведуваат на дело во министерствата, независно од европските планови и меѓународните обврски.

Меѓународните договори кои според меѓународното право имаат поголема тежина од другите видови договори, опишани во практиката паѓаат во вода, а самитите на земјите од Г20 - кога макар и декларативно се обидуваат да направат нешто добро - се покажуваат само како социјални простори за вмрежување и лично, односно приватно напредување, а не како места каде се донесуваат добри општествени стратегии и секако не како места на кои се гради светлата иднина на планетата. Тоа го докажува и фактот дека владите од ЕУ во периодот од 2014 до 2016 година за субвенционирање на фосилните горива просечно давале по 55 милијарди евра годишно, што е информација од Европската комисија.

Да потсетиме, се работи за средства на даночните обврзници, за наши пари, за чија распределба не сме имале никаква моќ на одлучување. Затоа, да не им веруваме на Данајците ни кога носат подароци. На Балканот се пласираат сосема лажни ветувања за големи наоѓалишта кои од овие земји ќе направат нова Норвешка.

Слики: Alex Safavinia

Извор: https://www.bilten.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото