Трамп се потсмева со настапот на Грета Тунберг во ОН

25.09.2019 11:29
Трамп се потсмева со настапот на Грета Тунберг во ОН

По критичкиот говор на Грета Тунберг во врска со меѓународната климатска политика на американскиот претседател, Доналд Трамп ја исмеа ученичката: „Таа делува како многу среќно младо девојче, кое се радува на својата светла и прекрасна иднина. Колку убава глетка!“ се подбиваше Трамп ноќеска преку Твитер. Кон твитот тој сподели и видео исечок од говорот на Грета Тунберг пред ОН во Њујорк.

Во видеото се гледа видливо разгневената ученичка која остро ги критикува политичарите што со својата неактивност придонесуваат за предавство на нејзината генерација.

Со треперлив глас и солзи во очите, 16-годишната Грета пред полната сала на Генералното собрание на ОН побара поголем ангажман од шефовите на држави и влади.

„Ми го украдовте детството и соништата со вашите празни зборови. Страдаат луѓе, умираат луѓе, колабираат цели еколошки системи. Се наоѓаме пред масовно исчезнување, а вие зборувате само за пари и кажувате бајки за вечен економски раст. Нè оставате на цедило, но младите луѓе почнуваат да го согледуваат вашето предавство“, обвини младата Швеѓанка.

Американскиот претседател е познат како скептик во однос на промената на климата. Тој не присуствуваше на говорот на Тунберг, а на самитот не е предвидена нивна официјална средба. Но, една кратка и непланирана сцена зад кулисите на самитот на интернет предизвика голем публицитет. На видео се гледа како Трамп со својата делегација поминува низ ходник на седиштето на ОН. Тунберг стои на неколку метри оддалеченост. Додека претседателот Трамп не и` обрнува никакво внимание на Грета, таа го гледа со остар и сериозен поглед.

Тунберг е иницијатор на младинското движење „Петоци за иднината“, кое минатата недела во цел свет организираше протест за заштита на климата, во рамките на кој на улиците низ цел свет излегоа повеќе милиони луѓе.

Извор: DW