Не е реализирана ниту една мерка од владиниот План за чист воздух

25.09.2019 13:49
Не е реализирана ниту една мерка од владиниот План за чист воздух

Разговор со Татјана Чакулев, активистка во еколошката организација „О2 Иницијатива“.

Колку сте задоволни од спроведувањето на мерките од ланскиот План на Владата за намалувањето на загадувањето на воздухот?

Мерките предвидени за оваа година или се тргнаа од Програмата, која претрпе измени на крајот од август, токму поради неспроведување на веб платформата за следење на имплементацијата на Планот за чист воздух, кампањите за подигнување на јавната свест за штетноста на разните форми на аерозагадување, планот за замена на постоечките нееколошки системи за греење во домаќинства, јавни објекти во најзагадените градови, или се во фаза на јавни повици и една јавна набавка, без склучен договор. Ниту една мерка не е имплементирана и реализирана.

Што досега, кои мерки и активности, можеа да бидат направени, а не се направени?

Сите планирани активности од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 требаше да бидат направени, од замена на начин на греење во домаќинствата, градинките, училиштата, здравствените и административните објекти, енергетската ефикасност, зелените ѕидови во градинките и училиштата како заштитна бариера, инсталирањето на филтри во малите и средни фирми од дрвната индустрија. Болниците во Чаир, Струмица, Куманово требаше да се гасифицирани пред почетокот на грејната сезона. Автобуси без или со ниски емисии требаше да имаме во јавниот превоз во Скопје, но и во Битола, Тетово, Куманово. Зимскиот режим на сообраќај требаше да стапи на сила со започнување на грејната сезона. Дивите населби требаше да ги нема, како и палењето на кабли, ланецот на илегален откуп на ваков бакар требаше да биде прекинат со апсење на главните лица кои го водат и вршат откуп/продажба на вака добиениот метал. Инспекцијата требаше да биде зголемена во број на инспектори, во обученост да вршат индикативни мерења, во постојана достапност на мобилен број и присутност на терен, во број на изречени казни. Дроновите требаше да биде во употреба цела година, секојдневно, дење и ноќе со термалните камери, камери можеше да се постават на хроничните жаришта каде постојано се фрла отпад и се пали…

Сите неисправни мерни инструменти требаше да се заменат во мониторинг станиците, нови станици требаше да се постават и сите требаше да ги мерат сите загадувачи, не само одредени. Законските измени требаше да се готови, забраната за употреба на јаглен, законот за индустриски емисии и др. Јавните кампањи за промена на начинот на греење, за штетноста од горење на кабли, гуми, отпад, стрништа, јаглен, нафта и сл. со понудените алтернативи требаше да се вртат по телевизиите. Управувањето со отпад, реискористување, рециклирање, компостирање, требаше да биде започнато со имплементација. Градежните зони можеа да бидат според стандарди со редовна инспекција.

Што може најургентно да се направи сега, до почетокот на зимата и на загадувањето?

Ништо. Сега е доцна. Зависно од температурите, за две до три недели ја започнуваме грејната сезона, а за тоа време не може да се направи нешто што би дало видлив резултат.

Треба ли да се преземат интервенти мерки како, на пример, набавка на маски…

Маските, но само оние кои ги филтрираат во најголема мера ПМ честичките и кои не дозволуваат воздухот да навлезе надвор од нив, треба да ги има секое дете, болни граѓани, но и останатите, сè додека дишеме екстремно загаден воздух, како нашиов.

Какви мерки преземаат други градови кои се соочуваат со овој проблем?

Мерките се јасни. Во транспортот: чист, незагадувачки и добар јавен превоз, густа и безбедна велосипедска мрежа и пешачки патеки, кои ќе овозможат напуштање на автомобилите и намалување на загадувањето од сообраќајот. Поставување на филтри и системи на дизел возилата, автобуси, автомобили, камиони, градежни машини. Во индустријата: построги гранични вредности, што значи помала дозволена количина на загадувачки супстанции кои се испуштаат во средината…

Извор: skopskoeho.mk