Што ако престанеме да се преправаме дека климатската апокалипса може да се спречи?

26.09.2019 10:36
Што ако претстанеме да се преправаме дека климатската апокалипса може да се спречи?


 „Постои бесконечна надеж“, вели Кафка, „само не за нас“. Ова е соодветно мистичен епиграм од писател чии ликови се стремат кон наводно дофатливи цели и, трагично или забавно, никогаш не успеваат да им се приближат. Но, ми изгледа, во нашиот забрзано затемнувачки свет, дека обратното на Кафкината досетка е еднакво вистинито: Не постои надеж, освен за нас.

Зборувам , секако, за климатските промени. Борбата да се заузда глобалната емисија на јаглерод и да се зачува планетата од топење го има чувството на фикцијата на Кафка. Целта е јасна триесет години, и и покрај искрените напори не сме постигнале речиси никаков напредок кон нејзино остварување. Денес, научните докази се на граница на неоспорливост. Ако сте помлади од шеесет, имате добра шанса да ја посведочите радикалната дестабилизација на животот на земјата – масовни пропаднати жетви, апокалиптични пожари, имплодирачки економии, епски поплави, стотици милиони бегалци од региони кои станале ненаселиви поради екстремни горештини или трајни суши. Ако имате помалку од триесет, речиси сигурно ќе го посведочите тоа.

Ако се грижите за планетата и за луѓето и животните кои живеат на неа, постојат два начини да размислувате за ова. Може да се надевате дека катастрофата може да се спречи, и да се чувствувате уште пофрустрирани или збеснати поради неактивноста на светот. Или, може да прифатите дека катастрофата се приближува и да почнете да преобмислувате што значи да се има надеж.

Дури и во оваа доцна точка, изобилуваат изрази на нереалистична надеж. Едвај да помине ден без да прочитам дека е „време да ги засукаме ракавите“ и „да ја спасиме планетата“; дека проблемот со климатските промени може да биде „решен“ ако ја обединиме колективната волја. Иако оваа порака веројатно сѐ уште беше вистинита во 1988, кога науката стана целосно јасна, во последните триесет години имаме емитирано атмосферски јаглерод колку во претходните два века индустријализација. Фактите се имаат сменето, но некако пораката останува иста.

Психолошки, ова одрекување има смисла. И покрај шокантниот факт дека наскоро ќе бидам засекогаш мртов, живеам во сегашноста, не во иднината. При даден избор помеѓу вознемирувачка апстракција (смрт) и смирувачките докази на моите сетила (појадок!), мојот ум преферира да се фокусира на второво. Планетата, исто така, е сѐ уште чудесно недопрена, сѐ уште во основа нормална – годишните времиња се менуваат, доаѓа уште една изборна година, нови комедии на Нетфликс – и нејзиниот претстоен колапс е уште потешко да го промислувам отколку смртта. Другите видови апокалипса, без разлика дали термонуклеарна или астероидна, барем ја имаат бинарната уредност на умирањето: еден миг светот е тука, следниот миг го нема засекогаш. Климатската апокалипса, спротивно, е хаотична. Ќе ја заземе формата на прогресивно тешки кризи кои хаотично ќе се надоврзуваат додека цивилизацијата не почне да бледее. Нештата ќе станат многу лоши, но можеби не премногу брзо, и можеби не за сите. Можеби не за мене.

Дел од одрекувањето, сепак, е понамерно. Злото на позицијата на Републиканската партија во однос на климатската наука е добро познато, но одрекувањето е вградено и во прогресивната политика, или, барем, во нејзината реторика. „Зелената нова зделка“, планот за некои од најсуштинските понудени предлози за проблемот, е сѐ уште врамен како наша последна шанса да избегнеме катастрофа и да ја спасиме планетата, преку огромни проекти на обновлива енергија. Многу од групите кои ги поддржуваат тие предлози го користат јазикот на „запирање“ на климатските промени, или имплицираат дека сѐ уште има време да се спречат. За разлика од политичката десница, левицата се гордее што ги слуша климатските активисти, кои навистина оставаат простор дека катастрофата теоретски може да се избегне. Но, изгледа не сите слушаат внимателно. Акцентот паѓа на зборот теоретски.

Нашата атмосфера и океани можат да апсорбираат само одредена количина топлина, пред климатската промена, интензивирана преку повеќе повратни спреги, да излезе од контрола. Консензусот помеѓу научниците и креаторите на политики е дека ќе ја преминеме точката на неповрат ако глобалната просечна температура порасне за повеќе од два целзиусови степени (можеби малку повеќе, но можеби и малку помалку). ИПКС - Интервладиниот панел за климатски промени – вели дека, за да се ограничи растот на помалку од два степени, не само што мораме да го вратиме наназад трендот од последните три декади. Мораме да се приближиме до нула нето емисии глобално, во следните три декади.

Ова е, најблаго речено, тешка задача. Тоа исто така подразбира дека им верувате на пресметките на ИПКС. Ново истражување, опишано минатиот месец во Scientific American, покажува дека климатските научници, далеку од тоа да ја преувеличат заканата од климатските промени, ја потцениле нејзината брзина и жестокост. За проектирање на порастот на глобалните просечни температури научниците се потпираат на комплицирано атмосферско моделирање. Земаат група варијабли и ги пуштаат низ суперкомпјутери за да направат „најдобро“ предвидување на порастот на температурата. Кога еден научник предвидува пораст од два целзиусови степени, тој само наведува број за кој е многу уверен: порастот ќе биде барем два степени. Порастот, всушност, може да биде многу поголем.

Како ненаучник, јас си правам сопствено моделирање. Пуштам разни идни сценарија низ мојот мозок, ги применувам ограничувањата на човековата психологија и политичката реалност, го забележувам жестокиот пораст во глобалната потрошувачка на енергија (досега, јаглеродните заштеди обезбедени од обновлива енергија беа повеќе од изедначени со потрошувачките барања) и ги бројам сценаријата во кои колективната акција води кон избегнување катастрофа. Сценаријата кои ги извлекувам од препораките на креаторите на политики и активистите, делат одредени неопходни услови.

Првиот услов е секоја од поголемите земји-загадувачи во светот да воспостави драконски мерки за зачувување, да затвори голем дел од енергетската и транспортната инфраструктура, и целосно да ја реорганизира својата економија. Според неодамнешна студија во Nature, карбонските емисии од постоечката глобална инфраструктура, ако оперираат во својот нормален циклус на траење, ќе ја надминат сета количина на „дозволени“ емисии – додатните гигатони јаглерод кои можат да бидат ослободени без да се премине прагот на катастрофа. (Оваа проценка не ги вклучува илјадниците проекти за нова енергија и транспорт кои се веќе планирани или започнати). За да се остане во тие дозволени рамки, потребна е интервенција од врвот надолу не само во секоја земја туку и секаде низ секоја земја. Претворањето на Њујорк во зелена утопија нема да помогне ако Тексашаните продолжат да испумпуваат масло и да возат камиони.

Исто така , акциите преземени од овие земји мора да бидат вистинските. Огромни суми владини пари мора да бидат потрошени без тоа да биде бесцелно трошење и без да се наполнат нечии џебови. Овде е корисно да се потсетиме на кафкијанската шега за мандатот за биогориво на Европската унија, кое служеше да ја забрза дефорестацијата на Индонезија за плантажи за палмино масло, и американските субвенции за етанол-гориво, кои на крајот им беа во прилог само на земјоделците со пченка.

Конечно, огромен број луѓе, вклучително и милиони Американци кои ја мразат Владата, мораат да прифатат големи даноци и сериозни ограничувања на нивните познати стилови на живот без да се побунат. Тие мораат да ја прифатат реалноста на климатските промени и да имаат верба во екстремните мерки кои се преземаат за борба против неа. Не можат да ги отфрлат како лажни вестите кои не им се допаѓаат. Мораат да го тргнат настрана национализмот и класните и расни огорчености. Мораат да бидат трајно преплашени од потопли лета и почести природни катастрофи, наместо само да се навикнуваат на нив. Секој ден, наместо да мислат на појадок, треба да мислат на смртта.

Наречете ме песимист, или наречете ме хуманист, но не гледам дека човековата природа ќе се промени во брзо време. Можам да поминам десет илјади сценарија низ мојот модел, и во ниту едно од нив не гледам дека таргетот од два степени ќе биде достигнат.

Ако судиме според неодамнешни анкети, кои покажуваат дека мнозинството Американци (голем дел од нив Републиканци) се песимистични за иднината на планетата, и од успехот на книга како ужаснувачката Ненаселливата Земја на Дејвид Валас-Велс, која беше издадена оваа година, не сум единствен кој дошол до овој заклучок. Но продолжува да постои неподготвеност тој заклучок да се емитува. Некои климатски активисти тврдат дека ако јавно признаеме дека проблемот не може да биде решен, тоа ќе ги обесхрабри луѓето да преземат каква било акција за подобрување. Ове ми изгледа не само како снисходлива проценка туку и неефективна, со оглед на тоа колку мал прогрес имаме до денес. Активистите кои го прават тоа ме потсетуваат на религиозните водачи кои се плашат дека, без ветувањето за вечното спасение луѓето нема да се трудат добро да се однесуваат. Од моето искуство, неверниците ништо помалку не го сакаат својот ближен отколку верниците. Па затоа се прашувам што би се случило ако наместо да ја одрекуваме реалноста, си ја кажеме вистината.

Како прво, дури и ако веќе не можеме да се надеваме да се спасиме од два степени затоплување, сѐ уште постојат практични и етички аргументи за намалување на јаглеродните емисии. На долг рок, веројатно не прави никаква разлика колку многу ќе ги надминеме двата степени; кога еднаш ќе се помине точката на неповрат, светот ќе стане себетрансформирачки. На пократок рок, пак, половични мерки се подобри од никакви мерки. Половично намалување на емисиите ќе ги направи итните ефекти на затоплување нешто помалку жестоки и донекаде ќе ја одложи точката на неповрат. Најзастрашувачкото нешто за климатските промени е брзината со која напредуваат, речиси месечното кршење на температурните рекорди. Ако колективната акција резултира во само еден разорувачки ураган помалку, само неколку години повеќе релативна стабилност, тоа би била цел кон која вреди да се стремиме.

Всушност, би вредело да се стремиме кон неа дури и ако воопшто нема ефект. Да не успееме да зачуваме потрошлив ресурс кога имаме достапни мерки за зачувување, беспотребно да додаваме јаглерод во атмосферата кога многу добро знаеме дека јаглеродот е предизвикувачот, е едноставно погрешно. Иако дејствата на една индивидуа имаат нула ефект врз климата, тоа не значи дека се безначајни. Секој од нас има етички избор пред себе. За време на протестантската реформација, кога „крајот“ беше само идеја, не ужасно конкретното нешто кое е денес, клучно доктринално прашање беше дали треба да се извршуваат добри дела затоа што тоа ќе нѐ донесе до рајот, или само затоа што се добри – бидејќи, иако рајот е под знак прашалник, јасно е дека светот ќе биде подобар ако сите ги извршуваат. Можам да ја почитувам планетата и да се грижам за луѓето со кои ја споделувам, без да верувам дека тоа ќе ме спаси.

Уште повеќе, лажна надеж за спас може да биде активно штетна. Продолжувајќи да веруваме дека катастрофата може да биде избегната, се обврзуваме да се справуваме со проблем толку голем што мора да биде сечиј приоритет засекогаш. Еден од резултатите е, необично, еден вид самозадоволство: гласајќи за зелени кандидати, возејќи велосипед на работа, избегнувајќи воздушно патување, може да се чувствуваме како да сме направиле сѐ што можеме. Додека, ако ја прифатиме реалноста дека планетата наскоро ќе се прегрее до точка на закана за цивилизацијата, има уште многу повеќе што треба да се направи.

Нашите ресурси не се бесконечни. Дури и ако голем дел од нив инвестираме во коцкање со слаби изгледи, намалувањето на јаглеродните емисии во надеж дека ќе нѐ спасат, не е мудро да се инвестираат сите. Секој билион долари потрошен на брзи возови, кои можеби се, а можеби не се соодветни за Северна Америка, се билион долари невложени во подготовка за катастрофи, репарациии за преплавени земји, или идна хуманитарна помош. Секој мега проект на обновлива енергија кој уништува жив екосистем – развојот на „зелена“ енергија што сега се случува во националните паркови на Кенија, гигантските хидроелектрични проекти во Бразил, конструкцијата на соларните фарми на отворени простори наместо во населени области – ја еродира отпорноста на природниот свет кој веќе се бори за својот живот. Осиромашувањето на почвата и водата, преголемата употреба на пестициди, уништувањето на светските рибници – за овие проблеми е потребна колективна волја исто така, и за разлика од проблемот со јаглеродот, ја имаме моќта за ги решиме. Како бонус, многу ниско-технолошки акции за зачувување (обновување на шумите, зачувување на пасиштата, јадење помалку месо) може да го намалат нашиот јаглероден отпечаток еднакво ефективно како и масивните индустриски промени.

Целосен избив на војна против климатските промени имаше смисла само додека можевме да ја добиеме. Кога еднаш ќе прифатиме дека сме ја загубиле, други видови акција добиваат поголемо значење. Подготвување за пожари, поплави и бегалци е директно релевантен пример. Но, надвиснувачката катастрофа ја зголемува итноста на речиси која било акција за подобрување на светот. Во времиња на растечки хаос, луѓето бараат заштита во племенство и вооружена сила наместо во владеење на правото, и нашата најдобра одбрана против ваква дистопија е да задржиме функционални демократии, функционални правни системи, функционални заедници. Во оваа смисла, секое придвижување кон поправедно и цивилно општество сега може да биде сметано за значајна климатска акција. Прекинувањето на омразата на социјалните медиуми е климатска акција. Воспоставување хумана имиграциска политика, застапување за расна и родова еднаквост, промовирање почит за законите и нивно применување, поддржување слободни и независни медиуми, ослободување на заедницата од оружје – сето ова се значајни климатски акции. За да се преживеат растечките температури, секој систем, без разлика дали од природниот или човечкиот свет, ќе биде потребно да го направиме што посилен и поздрав.

И тука е и прашањето за надежта. Ако вашата надеж за иднината зависи од лудо оптимистично сценарио, што ќе правите десет години од сега, кога сценариото ќе стане нефункционално дури и теоретски? Целосно ќе се откажете од планетата? Позајмувајќи од советите на финансиските планери, би предложил побалансирано портфолио на надежи, некои долгорочни, повеќето пократкорочни. Во ред е да се бориме против стегите на човековата природа надевајќи се да го ублажиме најлошото од она што доаѓа, но исто толку важно е да се водат помали, локални борби за кои постои реалистична надеж да се победат. Да продолжиме да ги правиме вистинските нешта за планетата, да, но исто така да продолжиме да се обидуваме да го зачуваме она што го сакаме. Конкретно – заедница, институција, диво место, загрозен вид – и да се охрабриме од тоа. Секое добро нешто што сега го правиме тешко дека претставува ограда против потоплата иднината, но навистина значајното нешто е дека е добро денес. Сѐ додека имате нешто што го сакате, имате нешто на што можете да се надевате.



Во Санта Круз, каде што живеам, постои организација која се вика Проект бездомна градина. На мала фарма на западниот крај од градот, нуди вработување, тренинг, поддршка, и чувство на заедништво за членовите на бездомното население на градот. Не може да го „реши“ проблемот со бездомништвото, но менува животи, еден по еден, речиси триесет години. Финансирајќи се делумно од продажба на органски производи, пошироко придонесува кон револуцијата за тоа како размислуваме за луѓето во неволја, за земјата од која зависиме и за природниот свет околу нас. Во лето, како член на програмата за земјоделство поддржано од заедницата, уживам во карфиолот и јагодите, а наесен, бидејќи почвата е жива и незагадена, мали преселни птици наоѓаат храна во браздите.

Може да дојде време, побрзо отколку што мислиме, кога системите на индустриско земјоделство и глобалната трговија ќе се распаднат и бројот на бездомници ќе го надмине бројот на луѓето со домови. Во таа точка традиционалното локално земјоделство и силните заедници веќе нема да бидат само либерални модерни зборови. Љубезноста кон соседите и почитта кон земјата – негувањето здрава почва, мудрото менаџирање на водата, грижата за опрашувачите – ќе бидат суштински во време на криза и во кое било општество што ќе ја преживее. Проект како Бездомната градина ми нуди надеж дека иднината, иако несомнено полоша од сегашноста, може исто така, на некои начини, да биде подобра. Најмногу од сѐ, сепак, ми дава надеж за денес.

Извор: https://www.newyorker.com
Илустрации: Леонардо Сантамарина

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото