Утре во МСУ се отвора изложбата на МОМус од Солун

26.09.2019 12:28
Утре во МСУ се отвора изложбата на МОМус од Солун

Музејот на современата уметност во Скопје, за првпат во историјата е домаќин на Музејот на современа уметност „МОМус“ од Солун, соседна Република Грција.

Утре, 27 септември (петок) со почеток во 20 часот, ќе биде отворена голема постановка со наслов „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ (Am I That Name or That Image?). Ова е прво претставување на солунскиот Музеј на современа уметност пред македонската публика со дела од нивната колекција.

Во Скопје веќе пристигнаа кураторката на изложбата Сираго Цијара, нејзините асистенти Домна Гунари и Ерини Папаконстантину. Понатаму, член и претседател на Управниот одбор на музејот, Андреас Такис и директорката на MOMus, Мариа Цацаноглу.

На отворањето на изложбата ќе бидат присутни и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис.

Во МСУ ќе бидат изложени дела од 16 автори меѓу кои: Филипо Берта, Џејмс Бридл, Фениа Котсополу, Куриаки Гони, Владан Јеремиќ и Рена Радл, Мајда Катари, Мариана Игнатики, Олег Мавромати и Борјана Роса, Вирџиниа Мастрогианаки, Елени Мајлонас, Наташа Пападопулу, Марило Понцин, Виви Тиога, Ира Валдрон, Евангелиа Басдекис, Александрос Плорамитис...

Дело на Alexandros Plomaritis „Please love me image“

Во 21.30 часот со свој диџеј сет ќе настапи Димитрис Ангелис.

Паралелно со главната програма, во сабота на 28 септември предвидена е серија перформанси. Во 19 часот со перформансот „Во сеќавање на моите капиталистички љубовници“ ќе се претстави уметникот Томас Дијафас. Александрос Пломаритис настапува во 20.15 часот со перформансот „Сакај ме те молам“. Проектот насловен „Електронска музика и аналогни инструменти во дигитален свет“ го сочинуваат музичари и музички продуценти, кои се дел од куретната електронска и експериментална сцена во Солун. Станува збор за колективот „Ја скришив вазната“, кои настапуваат во 22 часот и Или & Тоцуко, кои ќе настапат во 23 часот. Станува збор за перформанси на анбиентален звук, импровизации и ефекти.

„Кураторскиот тим од Солун пристигна во Скопје. Уметничките дела од колекцијата на МОМус, веќе се аранжирани во просторот на Музејот на современата уметност и подготовките околу поставувањето на изложбата се пред крај. Тимот на МСУ е возбуден што успеа да воспостави ваква културна размена, која е од историска важност за Република Северна Македонија и Република Грција. Уметноста го има приматот да ги обединува луѓето за добра цел. Искрено се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи со ваков интензитет и во иднина“, вели Мира Гаќина, директорка на МСУ, Скопје.

Дело на Vivy Tsioga

Сираго Цијара, кураторката на изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ смета дека начинот на којшто се доживуваме себеси и нашите односи со другите луѓе драстично се менува во ерата на дигиталната култура, поставувајќи го прашањето како се дефинираат современите луѓе. По името што им го дало семејството, по нивното потекло, по нивната професија, родот, сексуалноста, општествената класа, религијата, етничката припадност, индивидуалната или колективната меморија, или тие својства се преиспитуваат и стануваат предмет на нова обработка во контекстот на имиџот што луѓето го стекнуваат или го конструираат за самите себе на социјалните медиуми? И колку е таа дигитална слика за нив „реална“? Дали старата дистинкција помеѓу „реалното“ и „конструираното“ повеќе не е релевантна и дали сликата за самиот себе отсекогаш била измислица на замислено претставување, кое само се пренесува преку новите технологии?

„Уметниците/учесници во постановката даваат критички осврт на наивната сигурност на основната дистинкција помеѓу постоењето и неговото измислување, помеѓу реалното претставување и фалсификувањето. „Реалноста“ на меѓучовечкиот однос е нарушена и одново воспоставена, во согласност со имиџот, маската и идеалниот модел што го конструираме за самите себе. Поради тоа и дигиталните медиуми, како фотографијата, интернетот, видеото и проекцијата, се користат во голема мера при визуелното претставување на самиот себе“, појаснува Цијара.

Дело на Vivy Tsioga

Инаку, тимот од Музејот на современата уметност Скопје, минатата година беше во работна посета во неколку водечки институции од областа на современата уметност во Солун. Директорката на МСУ, Мира Гаќина и дел од кураторски тим, разговараа за можни идни соработки со конкретни предлози за размена, истражување и изложување. Директорката на МОМус, г-ѓа Марија Цацаноглу изрази голем интерес за соработка со МСУ - Скопје. И двата музеи се фокусирани кон современото уметничко визуелно творештво и имаат автентични колекции, кои покриваат важни периоди од светската уметност на 20от век. Паралелно со изложбената програма се направија и планови за реализација на летна школа за млади уметници и куратори од регионот, како и за заеднички настап при конкурирање на соодветните фондови во ЕУ и други меѓународни структури.

На 18 јули оваа година МСУ – Скопје во МОМус – Солун ја отвори изложбата „Се што ни е заедничко“ со дела на 14 уметници од Југоисточна Европа. Куратори на изложбата беа Мира Гаќина и Јованка Попова, а истата беше соработка меѓу двата музеи, како дел од пошироката заедничка програма на МСУ Скопје со институции и музеи од регионот и Европа.

 Дело на Natasa Papadopoulou

 

 

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото