Хомо супериор

27.09.2019 00:49
Хомо супериор

Хи Џијанкуи

Кина, провинција Гуандонг. Тука, во делтата на Бисерната река, под низата гигантски облакодери во мегалополисот Шенжен, меѓу 12 милиони луѓе растат шестмесечните близначки Лулу и Нана. Тие се првите човечки битија „мутанти“ - бебиња на кои со технологијата CRISPR-Cas9 во лабораторија им се изменети гените.

Откако ембрионите биле подложени на контроверзен генетски експеримент во детската болница во Шенжен, близначките во октомври 2018 година се родиле во тајност.

Последните истражувања на другата страна од светот, на Универзитетот во Калифорнија во САД укажуваат дека промената на генот CCR5 - кој на кинеските близначки им е отстранет од ДНК за да ги направи отпорни на вирусот ХИВ - драматично би можела да влијае на нивните интелектуални способности и менталната моќ. Имено, отсуството на генот CCR5 ја подобрува меморијата и ја зголемува интелигенцијата. Оваа околност и претходно беше позната од тестовите со глувци, за овогодинешните истражувања објавени во списанието Cell дополнително да потврдат дека недостатокот на генот CCR5 од една страна го олеснува закрепнувањето од мозочен удар, додека од друга, ги зголемува мозочните способности и доведува до побрзо напредување на училиште и во кариерата.

Близначките Лулу и Нана, на кои им е отстранет генот CCR5, можеби сепак би можеле да имаат сосема нормален, здрав живот, па можеби - далеку од медиумите и научните лаборатории - ќе растат безгрижно, ќе си играат и ќе учат, ќе напредуваат и ќе си ја пронајдат среќата. Меѓутоа, со оглед на посебните „моќи“ кои ги добиле со отстранување на генот CCR5, нивниот живот би можел да биде и нешто сосема друго - кошмар како оној од заплетите на Марвеловиот универзум. Нивната приказна, чудна и страшна, навистина потсетува на приказните со мутанти на кои им е вграден генот Икс со што се претворени во нов (под)вид луѓе со посебни моќи - Хомо Супериор.

Иако привлекоа огромно внимание ширум светот, за вистинскиот идентитет на близначките се знае многу малку. Нивните родители заради страшна болест биле спречени да имаат потомство - таткото им е заразен со ХИВ - така што, додека дождот над Шенжен го носел монсунот од Јужното кинеско море, се упатиле во болница каде се пријавиле на програмата за вештачко оплодување за двојки со ХИВ.

Програмата ја водел еден необичен истражувач - Хи Џијанкуи, биофизичар од Јужниот универзитет за наука и технологија во Шенжен. Љубезен и уреден, со внимателно испеглана кошула, Хи земал отсуство од универзитетот за да го спроведе експериментот во детската болница. Тој е еден од многуте кинески научници кои се вклучија во „генетската војна“ помеѓу САД и Кина. Со желба да отиде чекор понатаму, Хи одлучил да употреби нова, моќна технологија за манипулација со гените, позната како CRISPR-Cas9 чија примена на ембрионите во Кина сѐ уште не била забранета. Ќе се покаже дека Хи ќе биде првиот кој ќе излезе надвор од етичките граници и ќе го направи токму она од кое истражувачите се плашат откако е откриена оваа техника - ќе ја примени на човечките ембриони.

CRISPR е нова генетска технологија која интензивно се истражува само десет години, но толку е во фокусот на научниците што веќе се применува ширум светот. Ако CRISPR и не е најголемото, тогаш речиси сигурно е најисплатливото откритие на нашата ера - независно од етичките дилеми и примената на луѓе, веќе неколку години се води жестока меѓународна правна битка помеѓу компаниите кои потекнуваат од Универзитетот Беркли и Институтот Броуд околу првенството на откритието и патентираните права кои уште сега вредат милијарди долари.

Инаку, CRISPR е речиси случајно откриен природен одбранбен механизам со кој се штитат бактериите и кој им овозможува со леснотија да ги пронајдат бактериофагите кои се вгнездиле во нејзината, прокариотска ДНК. Тоа е имун систем кој ефикасно ги отстранува натрапниците од ДНК ланецот. За тоа, како своевидни „ножици“, се користат протеините асоцирани со CRISPR кои се нарекуваат CAS. Се покажало дека, со помош на овој механизам кој го истражувале само заљубениците во бактериофагите, можно е да се остранат и делови од генетските информации кои не се вируси или плазмиди и тоа кај далеку посложени организми од бактериите. Така во 2012 година се создаде технологија со чија помош научниците можат да го остранат и заменат кој било дел од ДНК. И со тоа се преобликуваат разните ужасни болести засновани на гените, но и целиот тек на еволуцијата.

Хи решил тоа да го примени на паровите заразени од ХИВ и да спречи вирусот да го пренесат на потомството. Во долгата борба против ХИВ-от одамна стана јасно дека овој вирус е поврзан со човечкиот ген CCR5, како и дека неговата блокада (како што и дејствуваат некои лекови против ХИВ), доведува до подобрување на состојбата кај пациентите. Знаејќи го тоа, Хи одлучил целосно да го отстрани генот од човечкиот ембрион и на двојките со ХИВ да им ја понуди оваа нова, контроверзна идеја за добивање генетски изменето потомство кое ќе биде здраво. Преписката, подоцна објавена и во Њујорк Тајмс, покажува дека тој бил во контакт со американските универзитети и редовно ги известувал своите колеги од Америка за напредокот кој го постигнува - за успешната примена на CRISPR, потоа за зачнувањето, бременоста и на крајот, раѓањето на близначките.

Кога експериментот успеал, а близначките без генот CCR5 се родиле, на почетокот на ноември 2018 година, ситуацијата се вжештила. Хи им го испратил своето дело на списанијата, но одлучил да не чека рецензија. Вестите дека кинескиот научник го применил CRISPR на човечки ембриони почнале да се шират, списанието од универзитетот МИТ ја објавило приказната дека Хи одлучил да излезе во јавност. Се појавил на научна конференција во Хонг Конг и го обелоденил својот експеримент, како и веста дека се родени првите човечки бебиња со изменета ДНК.

Тврдењата на Хи предизвикаа медиумско цунами, светските телевизиски мрежи се вклучуваа во директен пренос од оваа конференција за генетика, бројни научници ширум светот беа ужаснати, а Хи мошне брзо беше прогласен за „научник монструм“. По ваквите рекации, наскоро се појави вест дека истражувањата се прекинати, дека Кина спроведува истрага за етичките прашања, дека Хи е во „домашен притвор“, како и дека Кина ќе воведе нови законски одредби за да се спречат слични експерименти на човечки ембриони.

Во меѓувреме, скриени од јавноста, генетски изменетите близначки пораснаа доволно за да ги препознаат своите имиња. Можеби веќе и знаат да седат. А можеби и многу повеќе.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото