Овие луѓе ја говорат вистината

27.09.2019 00:16
Овие луѓе ја говорат вистината

„Оваа зграда зборува (на)вистина″, перформанс на македонскиот визуелен уметник Филип Јовановски, изгледа едноставно и сведено, а сепак е комплексно, длабоко предупредувачко и потресно остварување. Може да заврши со солзи...

Во тажниот хол на новосадската Железничка станица - истата онаа во која без малку задутре ќе влета брзиот воз Белград - Нови Сад, станицата која повеќекратно го симболизира не само падот на некогашната земја и сите нејзини идеи и тенденции, туку и сеопштото подоцнежно цивилизациско потонување во провинцијализам, неукост, незнаење, завист, расфрлање и на крајот омраза кон поинаквото, денес беше изведен еден исклучителен перформанс.

″Оваа зграда зборува (на)вистина″ на македонскиот визуелен уметник Филип Јовановски е приказна за емпатијата, солидарноста, одговорноста кон заедничкото, јавното, општественото добро. И токму поради сите овие причини оваа година проектот е прогласен за победник на 14тото Прашко Квадриенале. Перформансот во Нови Сад беше изведен осум пати на 22, 23 и 24. септември како дел од придружната програма на овогодишниот БИТЕФ. Кураторка на проектот е Ивана Васева.

Во регион кој лесно го брише сопственото минато, а со тоа и најинтимните спомени, што неминовно води кон бришење на идентитетот и потполна дисфункција на чувството за светот и луѓето, користејќи театарско-филмски ефекти, а над сè јасно и прецизно изговорени мисли, актерката Кристина Леловац исплете трогателна историска читанка во која се испишани некои потресни чекори на нашиот опаднат и пропаднат свет.

Леловац говореше за поновата македонска историја, која, за жал, може да биде или веќе е и наша... За Милениумскиот крст, кој како гроб штрчи на планината Водно над Скопје, симболизирајќи го сето она што потоа следувало во центарот на градот, а кое изразено во цифри изнесува 600.000.000 евра – важно е да се нагласи дека не се работи за грешка, нема отповеќе нули – што разулавената и припроста политичка моќ ги фрли на монументални триумфални капии, бранденбуршки капии, лакови, споменици на познати и крајно непознати јунаци, гондоли на сред Вардар...

Наспроти целиот тој неук сјај и лажен идентитет стои една обична скопска зграда во која некогаш живееле и сеуште живеат некои луѓе, кои се грижеле едни за други, на кои им било важно ходниците да бидат чисти, а дворовите зелени, во нив да играат деца, а пензионерите да играат шах, џагор и пој на птици да го најавува секое ново утро.

Раскажувајќи ја приказната за таа вистинска зграда во која живееле луѓе кои живееле од Железницата, Кристина Леловац сугестивно ја претстави историјата на едно време на доблест и човечност кои исчезнаа под налетот на бес и врева, а потоа и на изразениот либерален капитализам на кој најдобар пи-ар му направија токму припростите креатури кои се откажаа од сопственото достоинство.

″Оваа зграда зборува (на)вистина″ е повик на емпатија, на размислување и ангажман околу идејата дека ако можеме да се одбраниме тука, на квадратурата на еден заеднички простор, тогаш можеме било каде, во нашата улица, на нашето работно место, во нашата држава...
Ако тука, на тој мал простор, умееме да се грижиме едни за други и за она што е околу нас, тогаш умееме да се грижиме и за сегашноста која има иднина.

Македонци, многу убаво и потресно беше ова што ни го прикажавте!

Извор: www.021.rs/story/Info/Kultura-i-umetnost

 

ОкоБоли главаВицФото