Германскиот Бундестаг изгласа почеток на преговори со Северна Македонија

27.09.2019 01:59
Германскиот Бундестаг изгласа почеток на преговори за влез на земјава во ЕУ

Германскиот Бундестаг, вчера вечер, со 476 гласа за, 122 против и 16 воздржани потврди дека Македонија ги исполнува условите да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија.

Во дебатата што траеше повеќе од половина час, пратениците на владејачките ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите изразија поддршка за реформските напори на Скопје и го наведоа Преспанскиот договор како големо достигнување за целиот регион.

Ова значи дека на самитот на европските лидери во октомври Германија ќе одобри Македонија да добие датум за почеток на преговори.

Во делот за С. Македонија владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани. Се додава дека С. Македонија мора да преземе дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.

Акциските планови предложени од Европската комисија мора да добијат јасни рокови, чие исполнување треба да биде услов за отворање на нови Поглавја. Бундестагот го задржува правото да го смени својот став доколку утврди дека не се исполнуваат поставените услови за почеток на преговорите.

Конечната одлука ќе ја донесат сите земји-членки на Унијата.

Бундестагот на истата седница го одобри и барањето датум за Албанија, за која 395 пратеници гласаа за, 188 беа против, а воздржани исто така 16.

Еврокомесарот Јоханес Хан прв го поздрави гласањето на германскиот Бундестаг и рече дека „признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ“.

 Извор: DW