Аб’т (фрагмент)

28.09.2019 11:34
Аб’т (фрагмент)

 

 1.

  По два дена, мама излезе од бунарот вешто прескокнувајќи го недоѕиданиот обрач од камен, ги подистресе карираниот капут и жоржетната сукња што ѕиркаше под него со опачината на дланката, павтајќи го малото прсте во воздухот, и со брзи чекори се упати кон куќата низ натрупаниот, неисчистен снег. Крепсатенската марама на точки што ја носеше околу вратот ѝ се беше подлизнала и подискривила, па на едната страна ѝ досегаше до половината, на другата – одвај да можеше да ѝ се спушти низ вратот. Стоевме на прозорецот, всушност клечевме на наслонот на каучот, со газињата свртени наопаку во однос на седалото и на собата. Брат ми Час молчеше и се ѕвереше надвор. Одвреме-навреме со лакот ја подбуцнуваше сестра ми Вера, ќе ги одлепеше очите од стаклото и со нив ќе ѝ дадеше ишарет дека и таа треба да гледа надвор. Тој се џареше во мама, таа – повеќе во него, отколку во неа. Јас гледав тивко и со полуотворени очи, чувствувајќи се некако премалено и двојно. Како еднаш да гледав однадвор, другпат однатре. Како еднаш да доаѓав заедно со мама; а другпат, како да се исчекував себеси да дојдам, заедно со брат ми и сестра ми. Неколку секунди откако мама ја снема во прозорецот, ја слушнавме металната врата и знаевме дека влегува дома. Туп-туп-туп затупоти по скалите и ете ти ја пред нас како да била тука до пред миг, а не како да ја немало два дена.

- Долу! – свика, и Час и Вера само се лизнаа низ наслонот и седнаа пристојно на каучот. – Нема да ме гушнете? – се насмеа и го разведри воздухот.

Брат ми и сестра ми ѝ се фрлија во прегратка, а јас продолжив тивко да гледам. Еднаш како да ме гушкаат и мене; другпат како самиот да гушкам.

Мама приближи еден стол до каучот, потоа седна и ги крена нозете на него. Сосе влажните и по малку калливи чевли со ремчиња, директно на зеленикавиот скај.

-Па, и не му е лошо таму, да ви кажам – рече и длабоко се издиша.


Комшиите одеднаш заврнаа кај нас. Како нов, неочекуван снег. Едни ѕвонеа, други викаа од дворот: „Зореееее, Зореееее“, трети веќе тупотеа по скалите, а Томе, шнајдерот-пожарникар, втасан прв, веќе чукаше со свитканиот показалец на вратата од собата со ниша, која ни беше и кујна и дневна. Во горниот дел на вратата имаше прозорец од декоративно, сињак-стакло, „за да не се сопира светлината во ходникот“. Низ шарите со сложена симетрија на цветчиња заробени во рустично царство на ливчиња и стебленца, не можеше да се види ништо повеќе од нечија сенка.

- Напрееед! – рече мама и Томе ја исполни рамката на вратата, повеќе со својата широка насмевка, отколку со ситната става.
- Добар ден, добре ни дојде, Зоре – рече, небаре пречекува гости, а не како самиот да е гостин. – Како си помина?
- Па, и не му е лошо таму, да ви кажам – мама ја повтори истата реченица во множина, обраќајќи ни се на сите одеднаш. Потоа стана да ги пречекува другите комшии кои очигледно и самите ја беа виделе од своите прозорци како излегува од бунарот. Уредно ѝ го врати столот на трпезариската маса како што треба да стои и тргна кон ходникот. Речиси се судри со Добрица Колебенска, жената на Томе, шнајдерот-пожарникар, која тој очигледно ја беше оставил зад себе, брзајќи да ја види мама.
- Повели, Добрице, повели.
- Колку убаво што се врати! Знаев дека ќе излезеш од бунарот, па кај си ги оставаш ти децата! – Добрица речиси плачливо ја гушкаше мама и ѝ зборуваше нежно во вратот, заплеткувајќи ги зборовите во нејзината коса. 

Алинка и баба Горка, Боца, Живко Гагула, Тане и Мила, нивниот вечно цврцнат син Љубен, Дилбера, Родна и Војчо, Лозана,.. за миг сите изнаседнаа во нашата соба. Мама само вадеше шамлици од некаде и ги приставаше. Тишината удираше по ушните тапанчиња како неподнослив џагор. Taa по третпат, ама немо, ја довлечка реченицата „Па, и не му е лошо таму“, се потпре на неа и продолжи да раскажува стоејќи.

- Убаво му е. Си има куќa, речиси како оваа, собата му е, еве, ваква, можеби малку подолга, плафонот ми се виде некако понизок. Има кауч, витрина, телевизор, тоа... Фино ми се виде. Шпорет, висечки, а, бе, како сегде, како овде, како кај вас дома. Се грее на дрва, ама печката му стои на исто место како, еве, нашава нафтена – покажа со раката кон нафтената печка со рерна и за миг го прекина описот на новата куќа на својот маж. Се проврте низ собата и, не можејќи да ги издржи сите очи вперени во неа, продолжи, ама со сосем различен глас од претходно: – Има слични завеси како овие, обични, перлонски, само со поситни шари, нема вакви ливчиња на нив, туку материјалот е некако прскан, сам од себе. И, да, ист ѕиден чивилук на развлекување...
- Како хармоника! И ние имаме таков! – премногу весело дофрли цврцнатиот Љубен.
- Да, како хармоника, Љубен, навистина – мама му ја усвои споредбата небаре ја кажува сосем трезен и продолжи: – Ист како овој во ходничето, само таму беше закачен во собата, зад вратата...
- Значи веќе има куќа во бунарот? – праша Мила. Тане ја стапна со ногата под маса.
- Да, да, цела куќа, сосе сѐ. Има и една слика со гондола во неа, знаете како оние сликине што ги купувавме кога бевме на 8 Март во Трст. И јас купив слична таква, ама, не знам што ми текна, се менувавме со една колешка од фабриката. Јас ѝ ја дадов сликата со гондола, таа ми ја даде вазнава – го впери прстот во дрвената вазна, речиси допирајќи ја. – Многу ми се допаѓаше. Уште ми се допаѓа... И тепихот во бунарот ми се бендиса, вака... – почна да ги шири рацете, за да ги долови формата и големината на тепихот – од крај до крај на ѕидот. Сѐ покриваше, затоа не видов дали под него има паркет или нешто друго. Не ни прашав.
- Не се враќа? – директно и отсечно праша Алинка со својата саката десна рака в џеб.
- Па штом се закуќил веќе во бунарот... – промормори Добрица.
- Закуќен е и овде, Добрице – ја прекори Томе.

Мама не одговори. Таа раскажа само за едната соба и молкна... Прашањата и заклучоците вртеа кругови околу неа коишто само јас можев да ги видам. Брат ми и сестра ми зачудени седеа на каучот притеснети од комшиите и си ги гризеа усните. Секој на свој начин. Брат ми првин ќе ги искривеше во некаква гримаса и потоа силно ќе го прекасаше едниот крај, додека другиот му се извиткуваше како некаква чурилка. Сестра ми директно ги зариваше горните заби во долната усна и таа се повлекуваше навнатре и исчезнуваше. Изгледаше како да нема ништо помеѓу носот и брадата. Ним, на брат ми и сестра ми, којзнае дали воопшто им беше јасно за чија куќа раскажува мама.

Одеднаш молкот задува и почна да носи сѐ пред себе во собата. Зборовите се стуткаа по ќошињата и чекаа да помине невремето. Кога малку потстивна, Томе, шнајдерот-пожарникар, прв ја фати тишината и со едно обично „и“ ја пресече остро и брзо, како со ножици. Му успеа дури и да продолжи:

- И?.. Што ќе правиш сега?
- Ќе молерисувам – му одговори мама.
- Сега, сред зима?
- Да. Сега, сред зима.

 

ОкоБоли главаВицФото