Доста со прогнозите за пропаст на Западот!

30.09.2019 00:09
Доста со прогнозите за пропаст на Западот!

Ако му се верува на повеќегласниот хор на оние што алармираат, Америка е изгубена, Западот е на својот крај, а либералниот светски поредок е на смртна постела. Со реизборот на Доналд Трамп триумфот на популистите ќе биде несопирлив. Додека слободарското уредување пропаѓа во најава е нова ера на неонационализам, со Кина и Русија како ревизионерски лидери. Така нештата ги гледаат фаталистите.

Сепак е точно дека либералните демократии се во длабока криза. Да се отпишат целосно и со тоа и слободарската идеја на просветлувањето, би било спектакуларна грешка. Знаеме дека популистите може да се жалат, но не и да владеат. Етничкиот национализам, како оној во 20-от век, е болест, а не лек. Доналд Трамп можеби нема да пропадне на изборите, но неговата политика во реалноста ќе пропадне и многу порано отколку што се мисли за неговите европски колеги. Тоа дека западните земји мораат да егзистираат под штиклата на ревизионистичките големи сили не е извесност: за време на Студената војна научија дека може да се егзистира со системска конкуренција.

Самокритиката е главна особина на демократската политика

Во реалноста западните демократии се многу поотпорни и поприлагодливи отколку што сметаат фаталистите. Основна особина на демократската политика е критиката на своја сметка. Тоа го нема ниту една друга форма на владеење. Затоа либералната демократија може да си ги препознае грешките и да ги поправи без да се негира самата себеси или да се укине. Но, за да има иднина проектот на либерлен меѓународен поредок, западните држави мора да се простат од една грешка, од идејата дека целиот свет ќе го прифати западниот поредок. Од револуционерната 1989 година се прошири уверувањето дека со крајот на Студената војна дошло златното време на демократијата.

Мантрата беше дека трговијата создава промени, а на отварањето следува слобода. Источна Европа и Русија, Кина и Блискиот Исток би требало да бидат само попатни станици на победоносниот марш на сопственото уредување. Така настана либералното претерување, бидејќи сета политика беше насочена кон иста цел, демократска слобода под американска заштита, така што се чинеше дека не е нужно да се најде волја и средства за постигнување на целта.

Освен терористите, веќе немаше непријатели, само партнери кои требаше да станат пријатели. Во таквиот свет можеше да се толерира понекој што не ги почитува правилата, на пример во светската трговија. Им треба само уште маку време да станат „како нас". Текот на историјата знаеше само за една цел, неколку околни патчиња и скршнувања не правеа некоја разлика. Тоа дека другите си следат свои цели или само се преправаат дека се партнери или пријатели, не му текна никому во победничкиот свет на демократскиот детерминизам.

Пред урнатините на нашите очекувања

30 години подоцна „стоиме пред урнатините на нашите очекувања", како што вели историчарот од Мајнц, Андреас Редер. И што сега?

Најпрво треба системската критика на популистите да се сфати сериозно. Нејзините гласачи не се само исплашени од иднината. Реално, новите националисти помогнаа притоа да се разоткрие по некое недоразбирање и некоја измама. Барем покажуваат разбирливи дилеми како слободата, слободното движење и слободната трговија се интерпретираат во меѓународната соработка. Тоа да се признае не значи дека се одобрува ставот „Мојата земја на прво место“. Не значи ни дека се конзумираат политичките рецепти на популистите.

Кој сака да ја намали националистичката треска мора итно да преземе корекции за обнова на слободарскиот проект. На светот му е потребен Западот и тоа еден обновен Запад.

Отпорниот либерализам наново го обмислува Западот

Обновата треба да биде основната идеја на отпорниот либерализам. Се мисли на современа интерпретација на демократскиот либерализам: принципи и правила, скромен и свесен за своите ограничувања, но истовремено и подготвен да се брани. Отпорен либерализам значи наново обмислување на Западот со тоа што не се шири премногу, но затоа пак уште повеќе го чува идејното јадро, го застапува и брани. Треба одлучно да се застане зад слободарските принципи, особено за човековите права, ама истовремено да се направи дистанца од офанзивниот хопла-еве-сум-либерализам, кој во својата левичарска варијанта сака се повеќе нови политички полиња глобално да ги поврзе, или во десничарската варијанта наводното добро да го спроведе, па макар и со помош на пушки.

Нема лов по ултимативната добрина

Отпорниот либерализам не сака да го лови ултимативното добро, една summum bonum. Повеќе е умерен и скептичен. Се задоволува со тоа да спречи summum malum, ултимативно зло, како на пример злосторот против човештвото- геноцид. Така може слободарските вредности да не бидат изиграни, а сепак да се опстојува во мир во свет без либерален американски хегемон заедно со опасни режими. Либералниот меѓународен поредок ќе биде сочуван, но ќе ја прифати реалноста на конкурентските системи. Тоа и не е така малку во време на повторно оживување на авторитаризмот. Бара да се почитуваат сопствените правила и да се спроведуваат, кога ќе бидат повредени. Се очекува да им се спротиставиш на оние кои на западните земји незабележливо сакаат да им ги наметнат аспектите на авторитаризмот. Слободниот свет ќе мора да покаже еден вид толеранција во одбраната на своето. Либерализмот кој така настанува е внимателен и одбранбен, а не нападен, преку примери, а не мисионерски. Таквата воздржаност верна на своите вредности одговара на нашето време. Таков отпорен либерализам затоа може да води кон нов слободен поредок.

Томас Клајне Брокхоф е потпретседател на германскиот Маршалов фонд на САД. Претходно го водел штабот на претседателот на Германија, Јоахим Гаук. Деновиве излезе неговата книга „На светот му треба Западот – нов почеток за либералниот поредок", од која е инспириран и овој текст.

Слики: Kevin Corrado

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото