Долгата рака на статистиката

30.09.2019 00:35
Долгата рака на статистиката

Жана Калман, најстарата Французинка

Според една позната анегдота, еден статистичар се удавил во езеро со просечна длабочина од половина метар. Од друга страна пак, Французинката Жана Калман живеела цели 122 години, од 1875 до 1997 година и заминала во историјата како една од најдолговечните човечки личности кои некогаш се родени на планетата Земја. И тоа, спротивно на секоја статистика. Живеела во Арло и заради долговечноста била ѕвезда во медиумите и медицинските студии - наводно се хранела со маслиново масло, вино и чоколадо (јадела еден килограм чоколадо неделно).

Локалниот нотар Андре Франсоа Рефре во далечната 1965 година ѝ верувал на статистиката која тогаш тврдела дека жените во Франција живеат 74 години. Тој со Жана Калман (во тоа време во длабока старост, со полни 90 години) склучил договор за доживотно издржување - во замена за нејзиниот стан до крајот на нејзиниот живот ќе ѝ исплатува надомест во вредност од 330 евра.

Ќе се покаже дека тоа и не бил некаков план - нотарот склучил договор со личноста која ќе стане најдолговечната Французинка. Следните 30 години го плаќал станот во кој не се вселил никогаш, а по неговата смрт во 1995 година, месечното издржување за старицата го плаќале неговите наследници.

Славниот пример кој го наведува Бил Брајсон во своите книги покажува дека статистиката, кога ќе се примени кај поединечни случаи, може да измами на сосема бизарен начин. Меѓутоа, статистиката и тоа како е веродостојно оружје не само кога на физичарите им помага да го разберат „просечното однесување“ на големиот број молекули во термодинамичкиот гас, туку и во секојдневниот живот.

Британската професорка Хана Фрај од унивезитетскиот колеџ во Лондон, во статијата „What Statistics Can and Can’t Tell Us About Ourselves“ во последниот број на угледното списание Њујоркер пишува дека „и покрај ограничувањата, статистиката игра централна улога во светот на општествените процеси“.

Имено, статистиката често укажува на „невидливите правила“ - оние кои е невозможно да се разложат кога ги посматрате како поединечни случаи, кои стабилно се одржуваат кога ќе дојде до големи броеви. Можеби не сте обрнале внимание но во нашето, модерно доба, впрочем сметате дека статистиката погодува добро и кај појавите кои се сосема неочекувани.

Така бројот итни случаи во Ургентниот центар препознатливо расте за празниците, бројот возила на белградските улици секогаш се зголемува во петок попладне, а бројот родени бебиња во некое породувалиште секогаш се менува според исто правило. Врз основа на увидот во статистиките полицијата дури може да предвиди и колку тепачки и скршени глави ќе има во кафеаните, па и колку пијани возачи ќе седнат во возилата некоја вечер.

Адолф Кутле

Стабилноста на ваквите бројки е дел од мотивацијата на исклучително популарното истражување големи групи податоци во последниве години, таканаречена Big Data анализа (која прераснува во научно-технолошки култ).

Белгискиот математичар Адолф Кутле, астроном и научник кој го измислил индексот на телесната маса, првпат во 19 век се запознал со веродостојноста на статистиката во криминалот. Анализирајќи ги податоците за злосторствата, кои почнале да се собираат и класифицираат една деценија претходно, Кутле вчудоневидено го забележал она што денес ни е речиси сосема вообичаено - дека бројот убиства во некоја област е сосема идентичен секоја година.

Кутле забележал дека бројот убиства, силувања и грабежи се одржува независно од работата на полицијата и судовите, нарекувајќи го тоа „застрашувачка точност со која се потворуваат злосторствата“. Како предвесник на таканаречената социјална физика, Култе се обидувал да утврди вакви скриени правила и за разни други општествени феномени.

Јасно е дека смртта - кобност која е поиндивидуална од сѐ останато во човечкиот живот - секогаш и за секого доаѓа на единствен начин, во конкретни семејни и здравствени околности. Меѓутоа, кога се посматра колективно, онака како што Кутле ги посматрал злосторствата, преку статистиката, смртта исто така станува сосема предвидлива - прецизно може да се каже колку луѓе ќе умрат во некој град или во некоја земја за една година. Кога таа бројка некоја година ќе се промени тоа зборува за вонредна ситуација - за некаква епидемија, војна, колапс или пак чудно подобрување на квалитетот на животот. Но не може да се каже кога ќе дојде смртта во некој поединечен случај, како што покажува примерот со Калман.

Според списите од истрагата за Шипман, која одновно е отворена 2003 година, најубиствениот британски сериски убиец е фатен токму заради статистички несовпаѓања. Имено, во болницата Брук која се наоѓа во предградието на Манчестер, докторката Линда Рејндолс се посомневала во статистиката на куќниот лекар Харолд Шипман - неговите пациенти, особено стариците, умирале многу, многу почесто отколку кај другите лекари.

Докторката Рејндолс случајот го пријавила кај инспекторите, а истрагата ја водел Ди Дејвид Смит. На почетокот тој не можел да направи ништо со статистиката и случајот бил затворен. Но, неколку месеци подоцна, сомнежите се повториле и со нови докази откриле дека Харолд Шипман убил дури 215 свои пациенти. „Лекарот на смртта“ ги убивал жртвите со вбризгување смртоносна инјекција, откако претходно ги натерал да му го препишат имотот. Меѓутоа, на крајот статистиката не работела во негово име.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото