Трансформациите на Џејн Ер низ преводот

30.09.2019 11:26
Трансформациите на „Џејн Ер“ низ преводот

 

 Преведувачите се неопеаните јунаци на книжевноста. Или, за волја на вистината, во голема мера неопеани – тие имаат удел во Меѓународната Букерова награда која оддава признание на автор и преведувач, кои ја делат наградата од 50 000 фунти, и постои Меѓународен ден на преведувањето на 30 септември. Тоа е прилика да се прослават малите издаваштва кои објавуваат преведени романи и песни, како и неверојатниот напредок во онлајн преведувањето и, над сѐ, луѓето преведувачи чии вештини се поважни од кога било.

Но, да се потсетиме и дека преведувањето отсекогаш било двигател на културата. Книжевните класици – како и современите бестселери – досегаат до повеќе читатели преку превод отколку преку јазикот на кој биле напишани. Да го земеме за пример Џејн Ер на Шарлот Бронте: преведен е на најмалку 57 јазици, најмалку 593 пати.

Ова го менува начинот на кој размислуваме за Џејн Ер. Она што беше темелно англиска книга – врзана за Јоркшир и објавена во 1847 – станува многујазичен глобален текст во непрестано менување, кој постојано пушта корени во различни култури. Во Иран од 1980 до денес имало 29 преводи на Џејн Ер. Кога на училиште во Виетнам се предава корејски, во наставниот план има превод на Џејн Ер како пример за корејска книжевност.

Тоа го менува и начинот на кој треба да го проучуваме романот. Не би можела самата да го опфатам Џејн Ер како глобален феномен, па сѐ што имам откриено е благодарение на група од 43 коистражувачи во многу различни земји, како дел од Prismatic Translation project.

Преводот е креативен

Луѓето често мислат дека преводите имаат за цел да го репродуцираат изворниот текст, како фотокопир. Но, ова е далеку од точно, бидејќи, секако, секој јазик е различен. Всушност, процесот е многу покомплициран – и интересен. Бидејќи никогаш не може да се каже потполно истото нешто на друг јазик, преведувачите ја користат својата имагинација за одново да ја напишат книгата, само со различни материјали, за читатели со поинакви очекувања. Повеќе е како правење скулптура отколку фотографија.

Ова може веднаш да се види преку тоа како насловот се преобликува во различни форми. На јапонски во 1896 станал Ризо Каиџин (Идеална дама – преведено од Футо Мицутани), на португалски во 1941 бил was A Paixão de Jane Eyre (Страста на Џејн Ер – преведен од Месиа). На италијански во 1958 станал La porta chiusa (Затворената врата –непознат преведувач) и на турски во 2010 било преведено како Yıllar Sonra Gelen Mutluluk (Среќата доаѓа по многу години – преведено од Черен Таштан).

Мојот омилен од овие преобразувачки наслови е кинескиот, составен од Фанг Ли во 1954 и копиран од речиси секој кинески преведувач оттогаш: два од знаците кои можат да звучат како „Џејн Ер“ исто така може да значат и „едноставна љубов“ – па насловот ги изразува двете значења одеднаш: Џианаи.

Дури и мали лингвистички детали можат да минат низ фасцинантни трансформации. Да ги земеме за пример заменките. Во англискиот јазик постои само една форма „you“ (ти) во еднина. Но, дури и јазиците кои се многу блиску до англискиот, како францускиот, германскиот или италијанскиот, имаат нешто поинакво. Во нив се прави разлика помеѓу формално „you“ (Вие) и поинтимно „you“ (ти). Така, во тие јазици постои потенцијал за навистина важен миг во романот кој едноставно не може да се случи во англискиот јазик. Дали Џејн и Рочестер некогаш си се обраќаат со „ти“?

Се покажува дека во францускиот не го прават тоа (или барем не во преводите кои ги проучивме). Но, во германскиот е присутно. Еден од моите коистражувачи, Мери Франк, испитувала преводи од 1887 на Мери фон Борч и од 1979 на Хелмут Косодо. Заклучила дека во двата преводи Рочестер се префрлува на интимната форма од ти, „du“, само кога за прв пат ја запросува. Единствено во неверојатниот телепатски миг при крајот на книгата, кога таа го слуша гласот на Рочестер како ја повикува, таа ја употребува „du“ формата на глаголот за да го извика еквивалентот на „Wait for me!“ (Чекај ме). Нежноста на Рочестер конечно добива одговор.

Дали ова треба да го сметаме за нијансирање додадено од преведувачите? Или како нешто што цело време било некако присутно во англискиот текст, иако невидливо? Што би направила Шарлот Бронте кога би користела германски – или француски (на кој пишувала есеи и писма) со нивните различни ресурси? Овие прашања е веројатно невозможно да се одговорат – а ако го погледнеме корејскиот, на пример, кој има многу заменки за различни нивоа на формалност, сликата станува уште покомплицирана.

Феминистичка страст

Џејн е „страствена“ на разни начини. Како дете се опира на силеџиството на нејзините братучеди и се бори за своите права на училиште; како возрасна чувствува страствена љубов за Рочестер. „Passion“ (страст) во романот може да подразбира гнев, тврдоглавост, страдање, великодушност, копнеж и љубов.

Користејќи го зборот на сите овие начини, Шарлот Бронте изнесувала феминистичка позиција. Велела дека, за жена во раниот Викторијански период, љубовта не морала да биде нешто пасивно, што подразбирало таа да биде предмет на восхит. Наместо тоа, била поврзана со гнев и правда. Можела да биде средство за себепотврдување.

Ваквиот феминистички напон во романот е делумно она што го направило толку популарен низ светот. Низ Европа во втората половина на 19 век, и низ источна Азија во втората половина од 20 век, некои преведувачи и читатели биле воодушевени – други шокирани. И, секако, бидејќи културите и јазиците се различни, енергиите на романот морале да бидат канализирани на различни начини.

Повеќето јазици немаат единствен збор кој може да го покрие истиот опсег како „passion “ на Бронте, па, така, различно ги раслојуваат значењата. Интересно, ова често ја разделува гневната (страствена) помлада Џејн од онаа зрелата, и ја поврзува со Берта Мејсон, брутализираната прва сопруга на Рочестер која е заклучена на таванот во неговата куќа.

На персиски – како што открил Каиван Тахмасебиан – „passion“ е преведено со широк спектар зборови кои ги разделуваат елементите на љубов, копнеж, гнев и возбуда. На ова може да се гледа како загуба (опсегот на „passion“ исчезнал!) но е исто така и еден вид придобивка (погледнете ги сите овие различни нијансирања!).

Најславната реченица во романот: „Reader, I married him“, е исто така една од најпровокативните, како што преводите ни помагаат да воочиме. На словенечки – според истражувачот Џернеј Хабџан – се претвора во еквивалент на „Читателу, се венчавме“. Во меѓувреме, сите персиски преводи што досега ги испитавме го срониле самопотврдувањето на Џејн – тие го нудат еквивалентот на: „Читателу, тој се венчаше со мене“. Дури и денес, Џејн Ер поседува радикална моќ. Ќе генерира сѐ повеќе преводи.

Извор: https://theconversation.com
Илустрации: https://prismaticjaneeyre.org