Тања Бругуера, една од најзначајните ангажирани уметници во светот, ќе одржи предавање во МСУ

30.09.2019 11:57
Тања Бругуера, една од најзначајните ангажирани уметници во светот, ќе одржи предавање во МСУ

Тања Бругуера е една од најзначајните и најангажираните уметници во светот, која се занимава со инсталација и перформанс и чии дела често пати ги нагласуваат општествените ефекти од моќта на политичката сила.

„Политичко времено специфично“ е насловот на предавањето што ќе го одржи светски позната уметница во Музејот на современата уметност во Скопје на 2 октомври (среда) со почеток во 19 часот.

Изразот „Политичко времено специфично“ е термин кованица на Тања Бругуера, осмислен со цел да се дефинира уметноста која е создадена да постои во одреден политички момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание.

Со оглед на тоа што веќе не е доволно да се создава уметност како а постериори реакција или коментар, време е да се создава уметност за она што се уште не е случено и она што допрва треба да се случи.

Таа учествувала на изложбата „Документа 11“, а ја основала и програмата за Бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана.

Бругуера има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015 година, во Музејот на современа уметност „Тејт“ во Лондон, во музејот „Гугенхајм“ и во МОМА, Музејот на современа уметност во Њујорк...

Бругуера неодамна го отвори Меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана – како школа, изложбен простор и „тинк-тенк“ за уметници-активисти и Кубанци.

Родена е во 1968 година во Хавана, Куба. Живее и работи во Хавана и во Њујорк.