Столб на срамот

30.09.2019 16:44
Столб на срамот

Неодамна јавно го поставив прашањето што може поединецот да направи контра овој „гламурозен“ кич во главниот град, контра „Скопје 2014“, или контра кој и да е план на власта – која и да е – ако таа навистина намислила да се однесува, или да не се однесува, согласно дадените ветувања и/или демократските принципи. Кај нас, сега и тука, како впрочем и пред неколку години, одговорот е еден и ист – ништо! И тоа е поразувачкиот факт не само во поглед на „Скопје 2014“ туку и во однос на сите политики на власта, која и да е, во дадениот македонски општествено политички миг. И тоа е нашата алфа и омега, првата и задната страница на македонската демократија која што, за жал, се сведува само и единствено на ветувања и – неисполнувања на ветеното. И тоа така не може да функционира, ниту ден повеќе, без оглед што, формално, па и фактички, никој не обрнува којзнае колкаво внимание на гласот на јавноста. Тој поразителен факт е клучната точка на македонската демократија. Или ќе почне да функционира, или – не. Ама тоа не значи многу нешта, меѓу другото и губењето на вербата во потенцијалните демократски капацитети на државата, особено во времето на оваа политичка опција која сите сакаме да ја гледаме како социјалдемократска, како демократска во пошироката смисла на поимот, како „народна“ (што и да значи тоа!). Ако наспроти сите поединечни, (неформално но и формално) групни укажувања за сите злосторства на дотичното „Скопје 2014“, ако наспроти едно чудо експертски извештаи и елаборати и сериозни меѓународни упатувања на сите кршења на безброј важечки закони власта односно нејзините носечки институции остануваат глувонеми, тогаш логично е прашањето: за кого истите работат? Ако само јас, на овие страници, изнесував факти и аргументи за незаконската и во суштина штетната страна на овој „проект“, паралелно со отворен повик до надлежното обвинителство и неговиот прв човек, а сето тоа најбезобразно се игнорира, како да ја дефинирате таа ситуација? Ако кај нас, сè уште, ниту еден официјален во тоа време орган или поединец не е ниту повикан на некаков разговор, да не речам распит, за каква правда и правосудтство говориме во оваа држава? Зарем криминалот на оној Боки Зеричи и неговите компањони со рекетирањето на некои бедни 2-3 милиони евра се побитни за државава од „Скопје 2014“ и украдените речиси една милијарда евра? Некој треба ли да одговори на овие прашања? Или – не?!

Сеедно, не дека и треба да се очекува којзнае каков спектакуларен одговор, но она што поединецот (сè уште) може да го направи во интерес на правдата во оваа држава е да биде настојчив во јавното покренување на сите битни прашања / криминали сврзани со овој самонаречен и самонарачан проект, но и со посочувањето на главните виновници за целата оваа историска калварија на македонската култура, уметност, демократија, законодавство, правда … Зашто овој „проект“, и овој „проект“ поименично мислам дека вреди – според украдените материјални но и духовни вредности – многу повеќе од барем половината случаи покренати од покојното Специјално јавно обвинителство. Зошто? Мислам дека го знам, и барем го насетувам одговорот, ама коментарот ќе го оставам за некоја друга прилика. Или, само како навестување: убеден сум дека нашите правосудни органи се до толку неписмени за овој вид криминал што дури не умеат да ги согледаат ни неговите вистински димензии! Тие се тотално некомпетентни за оваа материја, ама не сакаат тоа да го кажат. Мислите дека грешам? Баш би сакал да слушнам противодговор!!! Поточно, ако грешам, ако тие се свесни за сите аспекти на овој мега криминал, зошто тогаш не покренуваат случај? Има ли поголем криминално-политички случај, има ли поголем финансиски криминал, има ли поголем културен криминал во оваа и ваква јадна Македонија? Ќе гукне ли Јовески, или и понатаму ќе се вади на важноста на некои ситни шибицари од типот на онаа „медиумска“ будала?

Како и да е, а имајќи ја предвид особено горенаведената причина, но и сите други, особено онаа дека контра ваков јавен, отворен, масивен и масовен криминал мора да постои соодветен одговор, можеби поединецот може посилно и поконсеквентно да влијае на јавното мислење во поглед на покренувањето на соодветни постапки контра сите учесници во овој мега-криминал, или кражба на векот, како сакате. А тоа може / треба да биде на следниот начин: макеодонската јавност мора да оформи столб на срамот на кој што со мрсни црни букви ќе бидат впишани сите главни имиња – учесници во овој криминал. Да, знам, секој полуписмен македонски адвокат ќе скокне и ќе свика дека тоа е прејудицирање на вината, дека секој е невин додека не се докаже спротивното, ама … центарот на Скопје најречито говори во полза на обвинувањата. Ама, нели велат правдата била слепа? Е па во случајов – не е! Или, ако сакате, за која и каква презумција на невиност можеме говориме за оној бандит во Будимпешта кој отворено изјави дека е творец на „Скопје 2014“, или за министрите во неговата влада (а особено за оној надлежен за финансиите) кои свесно и доброволно учествуваа во криминалот односно во неговото прикривање, или пуфлана како министерка за култура преку чии раце поминаа сите пари за овој кичерај, или за оние градоначалници на Општина Центар кои така беневолентно ги земаа незаконски доделените државни пари и ги расфрлаа на она ѓубре среде градот? Понатаму, на македонскиот столб на срамот ќе мора да се најдат и имињата на сите оние „стручни“ поддржувачи на шизоидното „Скопје 2014“, почнувајќи од онаа фарсична збирштина од разноразни „д-р“ директорчиња во Управата за заштита на културното наследство, па на националниот / локалните конзерваторски центри кои безрезервно го бришеа вистинското македонско културно наследство за да отстапат место за прогласување на новите вмронски идиотски „градби“ за ново културно наследство, па сета онаа македонска интелектуална фукара (филозофи, сликари, писатели, глумци и остала багра) која секојдневно, по налог на малоно фирерче, ја труеше јавноста со нивните славопојки во полза на неговата идиотштина, оние полуписмени „архитекти“ кои ни продаваа муда за бубрези тоест штали и колиби за постмодерна, оние провинциски историчари на уметност и критичари чии што перверзни тези тежнееа да го оправдаат грабежот и кичерајскиот криминал низ сите оние испрдоци што секојдневно ни предизвикуваат гнасење, кога и да ги видиме … Се разбира дека на тој хипотетички столб на срамот, апсолутно при врвот ќе се најдат имињата и на оние самонаречени (партиски) уметници чии што дилетантски „творби“ ни го засмрдуваат градот веќе толку години, заедно со имињата на оние општински одбори и комисии кои што им ги прифаќаа по цени недостојни за такви шутраци. А сите беа плаќани со државни пари небаре се најголемите светски мајстори на занаетото. А тие да ти биле мајстори на далаверата, зашто поинаку не би ни можеле да опстојат.

Заборавив некого? Можеби, ама историјата нема да ги заборави, во тоа треба да бидат сигурни зашто кога-тогаш на чело на оваа држава ќе дојдат посмели и поучени луѓе, посмели и поодговорни за судбината на идните генерации. И тие, верувам, навистина ќе го подигнат тој столб на срамот, зашто оваа држава имала големи срамови во минатото, ама друг културен срам од ваков формат – не! И тоа мора соодветно да се обележи. Она што малку „ме јаде“, иако немам за тоа лична причина, е следната вистина: дали идните генерации ќе ги поштедат и овие кои денес глумат дека не го гледаат оваа смрдливо гомно пред носот, кои едноставно, од неразбирливи причини, нне мрдаат со прст да се справат со ова зло наречено „Скопје 2014“? Или, и нивните имиња ќе се најдат на тој столб на срамот? Не знам, не сакам да прејудицирам, секој треба да мисли на / за себе. Ама сигурен сум дека тој ден ќе дојде!


Слики: Свирачиња
Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com/

ОкоБоли главаВицФото