Октомври

01.10.2019 03:02
Октомври

Октомври, на латински October, го добил името од латинскиот збор за бројот осум – octo. Во најстариот римски календар, календарот на Ромул, во кој годината почнувала со март, а завршувала со декември, октомври бил осмиот по ред месец во годината. Кога во календарот биле додадени јануари и февруари, октомври, иако станал десетти месец во годината, си го задржал името October, буквално „осмиј“. Ова име месецот гордо си го носи повеќе од 2500 години.

На октомвриските календи Римјаните ѝ искажувале почит на Фидес (лат. Fides „Верност“), божицата на верноста, дадениот збор и заклетвата. На овој ден верниците доаѓале во храмот на Фидес на ридот Капитол и ѝ принесувале жртви на божицата со рака завиткана во бело платно. Жртвите ги принесувале со раце завиткани во бело платно за да покажат дека кога ќе дадат збор, нивниот збор е чист и без дамки, ист како раката со којашто ја принесуваат жртвата. Во храмот на Фидес на Капитол често се одржувале седниците на Сенатот, во него биле чувани договорите што Римјаните ги потпишувале со другите народи и војничките дипломи.

Од латинското October се изведени имињата на месецот октомври во многу јазици: англиски - October, германски - Oktober, француски - octobre, шпански - octubre, италијански – ottobre, грчки - Οκτώβριος, руски октябрь etc. Во македонскиот јазик латинскиот збор за бројот осум (octo) освен во октомври, преживеал и во октава, октет, октав и октоих.

Слика: римски мозаик од III век н.е., Ел-Џем, Тунис

 

Слични содржини

Историја
Историја
Историја
Книжевност / Историја
Историја
Историја
Историја

ОкоБоли главаВицФото