Преку контактот со природата ги спознаваме своите и туѓите потреби

02.10.2019 00:23
Преку контактот со природата ги спознаваме своите и туѓите потреби

Интервју со Милан Дамјанац, конструктивистички психотерапевт, филозоф и социјален работник.

Колку контактот со природата ни помага да се разбереме себеси и своите потреби?

Сите живи битија стапуваат во контакт со себеси преку осетите и чувствата. Луѓето се делумно различни во таа смисла, па користат и зборови. Се обидуваме да го спознаеме светот така што го креираме и со рацете и со јазикот. Го креираме својот човечки свет, градовите, бетонот, ѕидовите. Ја креираме сопствената смисла и ѝ даваме име преку јазикот, без разлика дали станува збор за професија или нешто друго. Се гледаме себеси преку таа функција, преку функцијата на нашата професија или животната улога. Неволјата е во тоа што нашиот јазик и нашите јазични категории само донекаде ги опфаќаат нашите осети и чувства. Многу нешта кои ги чувствуваме и натаму им се провлекуваат на зборовите. Кога ќе се најдеме во контакт со природата ние сме принудени повторно да нурнеме во тој дел од нас кој одамна сме го заборавиле. Принудени сме да дојдеме во контакт со сѐ она што се наоѓа надвор од она што го нарекуваме „секојдневен живот“. Природата нѐ доведува во контакт со сите невербални доживувања на себеси и светот. Природата преку нови мириси, вкусови, бои и преку звукот на тишината и контактот со другите живи битија нѐ доведува и во контакт со нови чувства и осети и го продлабочува нашето разбирање на самите себеси. На некој начин, контактот со природата го продлабочува контактот со себеси и нѐ доведува во контакт со нашите потреби надвор од градската врева и вообичаените општествени барања. Контактот со природата исто така го овозможува, не секогаш, но често, чувството на сигурност наспроти анксиозноста и стравот што го чувствуваме при постојаните промени кои се одвиваат во човечкото општество. Природата зрачи со склад и постојаност. Тоа ни овозможува повеќе да бидеме во сегашниот момент (иако никогаш не можеме да бидеме целосно „тука“), а помалку во перцепциите на алтернативната иднина и сѐ што може да тргне наопаку. Тогаш и стапуваме во контакт со новите потреби и аспектите на нашето битие. Во природата остануваме сами со себе. Во градовите не можеме да го постигнеме тоа, најмногу заради технологијата. Технологијата „не ни дозволува“ да останеме сами со себе. Затрупани сме со информации и индустријата за забава, и затоа се забораваме себеси и своите потреби.

Во која мера контактот со природата ни овозможува да се поврземе со луѓето?

Контактот со природата ни овозможува да ја согледаме важноста на сегашниот момент. Технологијата нѐ затрупува со потребата постојано да бидеме дел од некои социјални случувања, без разлика дали преку комуникацијата, читањето вести или сурфањето на интернет. Во природа можеме да бидеме во контакт со себеси. Доаѓањето во контакт со своите потреби, со емоциите и осетите ни овозможува повторно да ги промислиме своите потреби и желби, а со самото тоа и желбите и потребите на другите луѓе. Ни овозможува да ја согледаме и туѓата и својата перспектива. Со самото тоа, контактот со другите станува условен од учењето да ги препознаеме и да комуницираме со сопствените потреби и да преговараме за туѓите потреби. Преговарањето станува услов за квалитетни и здрави односи. Промената на контекстот и допирот со природата е важен и заради градењето здрави граници. Доколку ни годи исклучиво контактот со природата, а не со другите, тоа укажува дека не сме успеале да се поставиме во однос на другите на соодветен начин. Постои голема разлика помеѓу комуникацијата со природата и комуникацијата со друг човек, кој може да одговори, да помогне, да замери, да се налути. Нашата способност за преговарање е она што го прави нашиот живот квалитетен. Доколку сме во состојба да им го пружиме на другите она што им треба, и од нив да го бараме она што ни треба нам, а притоа знаеме и од кого да го бараме тоа, тогаш ќе се чувствуваме добро. Во спротивно, неживите објекти секогаш повеќе ќе ни одговараат од живите субјекти кои можат и да ни кажат „не“, кои можат да направат нешто што не ни се допаѓа и не ни одговара.

На кој начин животот на современиот човек во урбаните услови влијае на неговата психичка состојба?

Анонимноста е обележје на денешницата. Во малите места, руралните средини и заедници, сите се познаваат и сите знаат нешто за секого. Со самото тоа, повеќе се води сметка за сопствените постапки и за тоа како другите ќе ги проценат нашите постапки, бидејќи нема анонимност. Затоа, правилата во малата заедница се поинакви и се казнува секој морален престап. Оттука и изразот: малограѓански морал. Од друга страна, анонимноста која е присутна во урбаните услови донесува многу поголема лична слобода, но и голема осаменост, што негативно се одразува на психичкото здравје. Животот во згради или куќи, опкружени со бетон и неживи предмети негативно влијае на психата бидејќи нема интеракција. Оттука и големиот интерес за домашните миленици. Човекот е битие на односи и интеракции. Потребно ни е друго живо битие, човек или животно, за да ни понуди љубов а и можност да бидеме некој што сака. Потребна ни е интеракција со другите, потребна ни е заемноста, потребно ни е да имаме улога во однос на другите. Урбаните услови овозможуваат поголема слобода, но и поголеми искушенија заради тоа. Потребно е да се изгради сопствен свет и во таква средина. Анонимноста ја загрозува секоја одговорност и морал. Вишокот слобода овозможува поголема неискреност, токму заради тоа што сите знаат дека нема казна. Природата и руралните заедници се исклучени од ваквиот вид слобода од морална казна. Затоа е и важно да се биде коректен кон другите, но и кон себеси. Проблем на денешницата се големата несигурност, зачестеноста на промените, големата одговорност и очекувањата и од животот и од работата, од нас самите. Овој вид психичка напнатост негативно влијае на нас и нашата потреба за воспоставување контрола над нашиот живот се појавува сѐ повеќе, а заради зачестените промени постојано ни се провлекува. Имаме впечаток дека сме преплавени со промени, обврски. Тоа предизвикува стрес како последица на високите очекувања и постојана потрага по стабилност и сигурност.

Каква е улогата на физичката активност во одржувањето здрава психа?

Физичката активност е мошне важна. Постои една наметната дилема за односот на телото и психата. Суштински, тоа е една целина. Грижата за себеси подразбира и грижа за сопственото тело, за физичката состојба и здравјето. Современите работни места често лошо влијаат на здравјето затоа што условите во кои се одвиваат ја нарушуваат оваа целина. Доколку поминеме осум часа дневно седејќи, тогаш тоа сигурно не е здраво и доведува до лоша состојба на мускулите и телото. Потребно ни е движење, затоа што човекот е процес, движење. Со самото тоа не можеме да се чувствуваме добро доколку го запоставиме овој важен аспект. Доколку на психичко ниво чувствуваме дека сме под притисок, дека сме преплавени со обврски, а не можеме тоа да го искажеме со зборови, нашето тело тоа ќе го искаже со болка, без разлика дали болка во главата или притисок во градите или нозете. Како што психичката болка се одразува на физичкото здравје, важи и обратното. И нашето тело е наш орган и средство за комуникација. Доколку тоа чувствува болка, и ние ќе ја чувствуваме. Ова прашање зависи од препознавањето на сопствените потреби. Доколку ги препознаеме, ќе знаеме дека и грижата за телото и физичкото здравје е многу важна за состојбата на нашата психа.

Како растенијата во просторот во кој работиме и престојуваме влијаат на нашето расположение?

Сѐ што е живо добро влијае на нас. Впрочем, најдобро ни влијае улогата во проектот и процесот на животот. Тоа значи дека ни е потребно некому да пружиме нешто, нешто да расте, да цвета. Чувствуваме задоволство кога ќе видиме дека сме придонеле, сме направиле некаква разлика. Растенијата не се исклучок. Тие зависат од нас и од тоа колку се грижиме за нив, а за возврат нѐ исполнуваат со својот раст и развој. На некој начин, секој подем на животот нѐ упатува на процесот кој зависи од нас. Колку што е важно собата да е светла, за да почувствуваме дека животот цвета и се зголемува, толку ни е важно и растението во просторот. Нѐ исполнува со чувство на мир и стабилност, цел и улога. Сигурноста и исполнетоста се она по што трагаме, а современите услови за живот нѐ преоптоваруваат со одговорност. Поедноставувањето на животните услови, очекувањата и потребите е навистина лековито.

Како престојот во природа влијае на човечката психа воопшто, а како на личностите склони кон депресија и ненадејни промени на расположението?

Престојот во природа е престој далеку од градската врева, константна промена на целите и барањата. Природата претставува промена на контекстот. Во природа можеме да бидеме поинакви отколку во својот вообичаен живот. Генерално, одморот е одличен индикатор за квалитетот на нашиот живот. Доколку забележиме дека постои голема разлика помеѓу нашето задоволство од себеси во нашето опкружување и секојдневните обврски и нашето задоволство на одмор, во поинаков контекст и средина, тогаш е јасно дека станува збор за некои проблеми кои не успеваме да ги решиме. Потребно е да се преиспитаме дали се работи за нашата преголема одговорност кон другите и работата, лошиот однос на другите кон нас, „затрупаноста“ со работа или нешто трето. Природата може да ни донесе мир, фокус, поинаква содржина за нашите мисли и чувства. Природата го менува контекстот и го смирува нашиот страв од промени и очајувањето заради рутината на притисоците и проблемите кои со себе ги носи животот во голем град. Доколку трепериме и чувствуваме страв, престојот во природа ќе нѐ опушти и исполни со сигурност. Доколку сме очајни заради повторувањето на стандардните обврски и притисоците во секојдневниот живот во големиот град, доколку постојано сме изложени на смог и градска врева, природата ќѐ не потсети на растот и развојот на животот и убавината на создавањето. Природата е контекст кој ни дава фокус и го намалува стресот. А тоа е добро и за расположението, и за анксиозноста и депресијата.

Колку редовниот престој во природа е важен за психичкиот развој на децата?

Би било убаво децата да се учат на интеракција со другите уште од мали, интеракција со врсниците, со другите околу себе. Децата треба да се учат да ги препознаваат и своите и туѓите потреби. Од друга страна, престојот во природа е важен заради интеракцијата со сите други живи битија, а пред сѐ заради чистиот воздух, здравата исхрана и спокојот. Преку контактот со другите живи битија и согледувањето на животните процеси, се учиме дека не може сѐ да биде онака како што сме замислиле, но учиме и дека за среќа и спокој е потребно малку. Детето не мора веднаш да учи странски јазици, да свири клавир или убаво да пее. Наспроти тоа, детето во природа би можело да научи дека е важно слободно да се изразува, да размислува и да чувствува, да пее, да танцува и да го доживува светот, а притоа да се почитува себеси и да ги почитува и другите. Би било добро да ја научи умешноста на земањето и давањето, а не само давањето или само земањето.

Дали општата психичка состојба на луѓето кои се поблиску до природата се разликува од оние кои живеат и работат во урбан простор?

Апсолутно. Високоурбанизираните заедници, како што се денешните големи градови, служат за побрзо поврзување на луѓето во проектот за создавање поголем профит и исполнување нови потреби. Проблемот со потребите е тоа што постојано се размножуваат, а постојано ни се провлекуваат. Тоа провлекување на задоволувањето на потребите нѐ прави постојано незадоволни, а да не ги споменуваме условите за живот: бетон, сообраќај и, што е најважно, храната и недостаток на контакти со луѓе. Во град среќаваме и премногу луѓе во текот на денот, но речиси со никого не комуницираме смислено. Храната е со лош квалитет и лошо влијае на нашето здравје, па со самото тоа и на психата. Во контекст на помалото место кое е поблиску до природата, притисокот е помал, а среќата и сигурноста поблиски. Животот во помало место, во природа, е здрав и не чини многу. Здравиот живот во урбано место чини многу. И природата стана нешто што се пакува во целофан и се продава. И од природата се прави профит, преку органската храна, скапите витамини или организираните посети на туристички места кои претставуваат недопрена природа. За жал, и здравјето стана привилегија и не може да си го дозволи секој. Сите треба да се запрашаме за своите животни цели и да сфатиме колкава цена се плаќа доколку работиме против своите потреби, против физичкото здравје и своите капацитети.

Слики: Christine Kim

Извор. http://plezirmagazin.net

Слични содржини

Живот / Теорија
Технологија / Живот / Теорија
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Став / Живот / Теорија
Технологија / Живот / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото