Изложба на Моника Мотеска во Мобилна галерија

02.10.2019 11:39
Изложба на Моника Мотеска во Мобилна галерија

Во Мобилна/Монтажна галерија, во организација на Центарот за современи уметности Скопје, вечерва (2 октомври), во 20 часот ќе биде отворена изложбата на Моника Мотеска. Се работи за инсталацијата „Тивка деструкција ”, која ја сочинуваат цртежи и видео проекција врз мермерна плоча.

Цртежите на цвеќе (рајска птица / Strelitzia Reginae) се метафора на животот. Од една страна цвеќето коешто има форма на птица, егзотична, сензуална, мистична, убава, а од друга страна видео проекција на подводен живот. Рај наспроти нешто што се случува под површината на земјата - подземен живот. Свет којшто со еден удар би се срушил и би се претворил во прашина. Како контрапункт на цвеќето тој е другиот свет што се случува независно од нас. Една убавина наспроти друга. Еден поинаков поглед на убавината и опасноста што не демне секогаш без ние и малку да сме свесни. Иако банални и тривијални, цвеќето, водата и каменот транспонирани во друга димензија добиваат поинакво значење. Цветот како сексуално и телесно задоволство, уживање во земската убавина и минливост на истата. Водата во која се случува живот, но и непогоди, внатре земјата се тресе, се бранува, тој свет за нас сеуште е мистичен и непознат.

Моника Мотеска, родена во Прилеп, 1971 година. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност - сликарски оддел во Скопје, 1996. Се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација. Работела на дизајнирање на изложби и промотивни материјали од областа на старата фотографија.