Владимир Јанчевски е годинашен добитник на наградата на АИКА

02.10.2019 12:09
Владимир Јанчевски е годинашен добитник на наградата на АИКА

Комисијата на Здружението на ликовните критичари АИКА Македонија во состав Мира Гаќина (историчар на уметноста и куратор), Славчо Димитров (теоретичар на културата) и Бојана Јанева-Шемова (историчар на уметноста и куратор), по разгледувањето на повеќе доставени предлози донесе одлука наградата да му ја додели на Владимир Јанчевски за неговиот предлог истражувачки проект „Политички слики после смртта на уметноста: Фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата“.

Наградата „Ладислав Баришиќ“ има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.

Предлог проектот на Владимир Јанчевски „Политички слики после смртта на уметноста: Фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата“ тргнува од историското, светското и регионално наследство, место, значење и впечаток што го имаат оставено во историјата на уметноста различните политички ангажирани уметнички практики на сатира, карикатура и фотомонтажните слики, за да истите ги смести во современиот локален контекст, и понуди интерпретативна рамка и теориски и методолошки издржана перспектива за читање и контекстуално - сензитивно сместување на овие практики во современиот македонски контекст (2009/2016г.).

На овој начин, вредноста на предложениот проект е, најмалку, тристрана. Од една страна истиот нуди поширок историски преглед на фотомонтажата и сатирата како политички ангажирани уметнички форми кои својата интервенција ја пренесуваат од автономно-уметничката сфера директно во полето на политичката арена. Од друга страна Јанчевски има за цел да ги истражи сликовните техники и стратегиите, и политичките импликации на фотомонтажните сатирични слики, како директен израз на протестната визуелна култура во специфичниот и автократски карактеризиран политички контекст на Македонија, што му ја дава и третата вредносна димензија на овој предлог проект.

„Јанчевски фокусот го става врз огромната архива на сатирична хроника продуцирана во посочениот период од страна на значаен број уметници и уметничко-активистички и протестни групи. Сите овие слики, како што тврди Јанчевски, „претставуваат еден богат иконографско-јазички трезор и сведоштво за раскошната, „барокна“ имагинација на авторите, откривајќи ја притоа специфичната екстравагантност на Власта.”

Имајќи ја предвид богатата критичка, теориска и кураторска пракса на авторот, како и квалитетот на предложениот истражувачки проект, за кој Комисијата мисли дека ќе даде посебен придонес кон испишувањето на поновата историја на фотомонтажната сатирична пракса во Македонија, и ќе ја стави истата во фокусот на уметничката критика и теориските иследувања, сметаме дека овогодишната награда на AICAзаслужено оди во рацето на Владимир Јанчевски“, се вели во образложението на комисијата на АИКА.

Владимир Јанчевски (1984 / Скопје) е самостоен истражувач кој живее и работи во Скопје. Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката практика и теоријата на сликите, потоа ангажираната уметност, интервенции во јавен простор и социополитички феномени, како и современите форми на цензура и иконокластички акти. Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност. Организирал повеќе самостојни и групни изложби. Во 2018 година поканет како ко-куратор на 12-тото Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност-Скопје. Учествувал на панел дискусии и одржал јавни предавања во Скопје (УГД-Штип/Музеј на Македонија, 2018; ФЛУ, 2018, 2016, 2015; СЦ Дуња, јули/септември 2017; Фестивал „Другаприказна“ МСУ, септември 2017), Битола (Фестивал за современи уметности АКТО 2013, 2014,2018), Струга (ДримОн, јули 2015), Фрајзинг/Минхен (Open Sysyems, јуни 2014) итн. Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии - Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции организирани од универзитети во Риека, Будимпешта, Клуж, Скопје и др. Како дел од јадрото на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА (2012-2015), коорганизирал, кокурирал, модерирал и пишувал за петнаесетина интернационални настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии посветени на актуелни теми. Автор е на повеќе од 50 текстови за современата уметност, теоријата на сликата, како и текстови за современите визуелни уметници .

Доделувањето на наградата е финансиски овозможена со подршка од Министерството за култура Република Северна Македонија и несебична донација на семејството Баришиќ.


 

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото