Михаљ, 45, Котбус, Германија – Босна – Србија – Кигали, Руанда

03.10.2019 12:32
Михаљ, 45, Котбус, Германија – Босна – Србија – Кигали, Руанда

Од збирката раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (Или-Или, Скопје, 2019)


Михаљ, 45, Котбус, Германија – Босна – Србија – Кигали, Руанда

Се викам Јакуб, но овде сум во име на брат ми Михаљ кој живее во Руанда и поради далечината не можеше да дојде, но толку му беше важна средбава што ме прати мене, иако јас се немам преселено од улицата „Карл Либкнехт“ во Котбус, на којашто сѐ уште живеам со моето семејство и со мајка ми. Михаљ можеби дури и ќе дојдеше да можеше, но мислам дека ќе му беше непријатно да ја раскаже својата приказна за тоа како заминал од „Карл Либкнехт“. И мене ми е малку непријатно сето ова, ама ќе ми беше уште понепријатно да ја имав напишано, тогаш веќе ќе беше некаков документ, а најмалку тоа го сакам во нашето семејство. Се надевам дека ќе ме разберете.

Еве, вака беше: Михаљ е помлад од мене три години, ние сме Лужички Срби, нашето семејство е од Котбус, моите предци таму живееле уште од десеттиот век. Лично мислам дека немаме никаква врска со Србија зашто и онака не знаеме српски, зборуваме германски и долнолужичкосрпски јазик, а и протестанти сме. Но, секако, има и такви кои веруваат дека сме браќа со Србите од Србија, а меѓу нив, за жал, беше и брат ми. Велам за жал зашто Михаљ си беше нормален млад човек, прва генерација студенти на Техничкиот факултет во Котбус, редеше само десетки, кога наеднаш, на почетокот на деведесеттите, почна да се однесува прилично чудно. Прво почна да носи книги од библиотека за јужнословенските народи и да ги чита до доцна во ноќта, а дотогаш не читаше никакви други книги освен за на факултет. Дома не ни имавме други книги освен готвачките на мајка ми. Татко ни беше автомеханичар, а по средното училиште му се придружив и јас и набрзо целиот двор од куќата го претвориме во сервис за поправка на коли. И Михаљ го интересираа технички работи, но не и сервисот, па велеше дека кога ќе го заврши факултетот ќе побара фирма поврзана со тоа што го учел, а не со нашиот сервис за коли. Татко ми тоа го одобруваше, велејќи ми насамо: „Тројца од иста куќа се премногу за еден сервис“, не мислејќи притоа на обемот на работата туку на можноста да дојде до несогласувања кога би биле сите тројца по цел ден заедно во сервисот. 

А сега Михаљ почна да подзаборава на испитите и почна да ги чита сите оние книги во кои бараше сѐ што можеше да најде за Србите од Србија. На телевизија тогаш одвреме-навреме даваа информации за случувањата во Југославија, за војната што изби таму и за поважните настани од тој период. Михаљ за кусо време стана опседнат со Србите и со Србија, гласно пцуејќи ги Босна, муслиманите, Хрватите, Словенците и сѐ што не беше српско или просрпско во земјата што се распаѓаше на речиси две илјади километри од нас. На почетокот му се чудевме зошто толку се оптоварува со нешто што е далеку од нас и не нѐ засега, но една вечер, кога на вестите на телевизија јавија дека на пазарот во Сараево одекнала граната при која загинале околу педесетмина, а околу дваесет луѓе биле ранети, Михаљ во мигот гласно и јасно извика „Јес!“ и ни се сврти: „Отсега натаму да ме викате Михајло, не сум повеќе Михаљ!“ „Може, ама некој друг“, му одврати татко ми додека мене срцето ми биеше кукавички, а мајка ми отиде во спалната соба, каде што липаше без престан цела вечер.

Мислам дека сите бевме шокирани од реакцијата на Михаљ кога ги виде сите оние раскосени тела на пазарот во Сараево, тогаш изгледа најспоменуван град во медиумите не само во Европа, туку и во светот. Утредента на Михаљ никој од нас не му обрнуваше внимание, а ни наредните денови. Беше како малку посрамен, не ручаше со нас, уште рано одеше во библиотека и се враќаше пред спиење, а во нашата соба се вртеше кон ѕидот и со тоа ми даваше до знаење дека не сака да зборуваме. По неколку дена се појави на појадокот и рече дека заминува. „Каде, Михаљ?“ го праша нежно мајка ми, мајките се секогаш подготвени да простат и да заборават. „Во Босна“, рече, „им требам на Србите“. „Оди и не враќај се, нам ваков не ни требаш“, му рече татко ни, додека мене срцето ми тупотеше кукавички, а мајка ми, пребледена како крпа, почна гласно да плаче.

Така замина брат ми во Босна, каде што се поврзал со српската војска и активно се борел на нивна страна, без да знае и самиот за што. Најлошо било што не знаел српски, па и самите српски борци го гледале со чудење, мислеле дека е платеник на некој Аркан, а кога виделе дека се бори тукутака, од љубов кон братска Србија за која не ни знаел којзнае што, едни му се смееле, други го тапкале по рамо и го викале брате. Подоцна ми го раскажа сето тоа, а и дека бил еден од напаѓачите на истиот пазар во Сараево, на крајот од август 95-тата, со уште повеќе жртви од претходниот напад кој го воодушеви кога го виде на телевизија. Премрев од тоа што ми го кажа.

Откако брат ми замина во Босна, ние само уште тоа го правевме дома – гледавме телевизија, поставивме сателитска антена и баравме информации за случувањата во Југославија на секој можен канал, без разлика дали разбиравме или не. Ни беше страв и за Михаљ и од Михаљ. До крајот на 96-тата брат ми ми се јави двапати, само мене, само за неколку секунди, колку да каже „жив сум, а вие?“ и јас да му одговорам „и ние“. Во 97-та се јави само за да ми каже дека по војувањето во Босна се преселил во Ниш, во Србија, конечно во таа негова Србија, но дома, во Германија, не си дојде сѐ дури не почина татко ни, во 2005 година.

Го немавме видено повеќе од 11 години, а кога се појави на нашата врата, син ми, тригодишен, почна да плаче и да вика „дух со блада, дух со блада!“ Духот со брада беше Михаљ, личеше на монах, но немаше светлина во неговиот лик како кај монасите, туку една жолчност и речиси злоба, очите му беа пропаднати, подочниците му беа речиси до половина до образите, брадата, неуредна и мрсна, речиси до појас. Само мајка ми го бакна кога го прегрна, а јас и жена ми му подадовме рака, додека Јан, расплакан, се скри зад вратата во кујната. Михаљ не остана долго, рече дека некој пријател му нашол работа во Руанда, односно во руандската војска во Конго, и дека дошол само да извади некои документи за патувањето. „А сега, пак, ќе одиш во Руанда?“ го прашав и си ја поткаснав усната, а жена ми ме подбутна со лакотот да молчам. Не само на Јан, на сите ни беше страв од Михаљ.

Во годините кога брат ми се бореше на страната на српската војска во Босна, Руанда беше тукушто излезена од граѓанската војна во која милион луѓе загинаа од раката на своите сограѓани, Хутусите, и веќе беше вклучена во војната во Конго, односно Заир, како што тогаш се викаше. Можевме да замислиме во каква состојба е државата. Кога ќе помислам сега на тоа време, не можам да не речам дека истовремено се случуваа два геноцида, босанскиот и руандскиот, ама светот не мрдна со прст, а брат ми дури и учествуваше во едниот. Сега сакаше да отиде во земјата на другиот, и тоа, секако, како војник-платеник на руандската војска кој ќе убива луѓе во Конго, што беше крајно налудничава одлука. Но брат ми, незавршениот студент со десетки, очигледно сосема беше забегал со умот, па после Босна и неколку години живот во Србија каде што конечно го беше научил јазикот, ама изгледа и беше сфатил дека тој, како Лужички Србин, нема ништо заедничко со Србите во Србија, сега се беше одлучил повторно да се бори, во редовите на руандската војска во Конго. Крвта очигледно му беше удрила в глава, и тоа премногу.

Со мајка ми веќе бевме отрпнале дека стариот Михаљ повеќе не постои. По мојата свадба, а особено по смртта на татко ни, мајка ни му се беше посветила целосно на син ми, а со жена ми се согласуваа многу убаво, така што мирот колку-толку се врати во семејството, јас продолжив со работата во нашиот сервис за коли, а на Михаљ и јас и мајка ми помислувавме скришум, во себе, без да го споменуваме. Дури и ми олесни што дошол само за документите и дека неговото присуство нема подолго да го наруши мирот во семејството, иако неколкупати помислив да го пријавам на локалните власти, да им кажам дека од Котбус ќе замине преку повеќе држави сѐ до Руанда и Конго, а верувам дека властите ќе направеа сѐ за да го попречат, Германија по Втората светска војна едноставно не сакаше да си има работа со каква било и чија било војна.

Но дали навистина сакав Михаљ да остане дома? Не, не сакав син ми да живее со таков стрико, со „дух со блада“ од кој ќе се плаши и дење и ноќе, не сакав жена ми да стравува од неговата насилна природа, не сакав мајка ми да се буди ноќе, да липа и да ги крши прстите помислувајќи дека Михаљ може нешто да ни направи, не сакав едноставно да живеам со таков брат под ист покрив. И замина. Од Руанда почна да се јавува дури кога и таму почна Интернетот да функционира како насекаде низ светот, преку мејл, после цели пет години во кои нашиот живот си течеше обично, Јан наполни осум години и одвреме-навреме прашуваше кое е момчето на неколку од фотографиите во семејниот албум. „Духот со блада“ го беше избришал од сеќавањето, а кога му кажувавме дека го нарекол така при првата и единствена средба, велеше дека не е можно момчето на фотографиите воопшто да станало дух со брада.

По некое време брат ми почна да ми пишува куси пораки, дека ја преживеал војната меѓу Руанда и Конго и дека сега работи како чувар во затворот во Кигали. Му одговарав кусо, дека сите сме добро и дека сѐ е во ред, никогаш не прашувајќи го дали планира да се врати и не споменувајќи го син ми. Сакав дури и во писмата да го заштитам од „духот со брада“ кој го беше извадил од памет на тригодишна возраст. Михаљ не се беше оженил, но еднаш ми напиша дека има дури три љубовници, „за разлика од тебе“, на што не реагирав. По некое време ми напиша дека почнал да работи во банка во Кигали, и тоа во германска, финансирана со државни средства на Германија, како еден вид хуманитарна помош за Руанда, после сѐ што се случи таму. Дека работи во канцеларија со многу симпатична Германка во која е вљубен, а го засакал и нејзиниот син со кого се преселила во Раунда после разводот во Регенсбург. Дека конечно сфатил што е тоа љубов. Кога ѝ кажав на мајка ни, таа само рече „Нему само Германка може да му го дотера умот“. Знам дека во душата првпат после толку години почувствува олеснување.

Во 2016 година брат ми дојде во Германија, со жена му, Германката Клаудија, и нејзиниот син, Клаус, 17-годишно момче со лузни од акни на лицето. Михаљ личеше на остарена верзија на момчето кое замина да се бори во Босна и син ми повеќе не се плашеше од него. Дури и се смееше кога се сети дека го беше нарекол „дух со блада“. Брат ми се однесуваше убаво со нас, дури и отидовме сите заедно на неделна миса, мајка ми блескаше од радост, мене ми беше жал што татко ни не е жив за да го дочека „блудниот“ син во вакво издание. Иако не знам дали ќе му простеше за сѐ што беше направил во сите тие дваесет години. Останаа три седмици, во меѓувреме беа и овде, во Лајпциг, кај родителите на Клаудија.

Претпоследната вечер му предложив да излеземе сами, „како браќа“, си помислив, бидејќи јас сите тие години и немав брат, а не сум ни знаел колку тоа ми недостига. Клаудија и син ѝ гледаа Евровизија со моите, Јан не се двоеше од Клаус, во домот владееше пријатна семејна атмосфера. Јас и Михаљ излеговме од дома и седнавме во „Султана“, едно пакистанско ресторанче на крајот од нашата улица што тој не го имаше видено. „Дури и на ’Карл Либкнехт‘ има кај да седнеш“, се пошегував, „иако не служат пиво“, а тој ми рече: „Сѐ дури не ја запознав Клаудија, не ни бев свесен дека сум живеел на улица што го носела името на Карл Либкнехт. Знаеш дека бил од Лајпциг?“ Хм, интересно, никогаш не сум размислувал за тоа. Ама ете, брат ми дури и за тоа размислувал. Набрзо и двајцата ја сменивме темата. „На што се должи оваа промена кај тебе?“ го прашав, а срцето ми тупотеше кукавички. „Претпоставувам на Клаудија и на Клаус“. „И да и не“, рече. „Знаеш, лани во Конго го уапсија Ладислас Нтаганцва, тој што нареди да се сотрат Тутсите во Руанда. Нормално дека ќе добие најголема казна. Ама тоа не е толку важно. Важно е што тој и многу од неговите војници се покајаа за сѐ што направиле и почнаа да бараат прошка од преживеаните жртви. Одат од куќа во куќа, клекнуваат пред преживеаните жени, деца или роднини и бараат прошка што убиле член на семејството, силувале ќерка, му пресекле рака на таткото, го наболе детето со мачета среде стомакот итн. И знаеш што, ретко кој им ја треснува вратата пред нос. Повеќето им отвораат, ги сослушуваат, ги гледаат нивните расплакани лица и раце кои молат за прошка и им проштаваат. А банката во која работам им помага на жртвите парично или со поволни кредити за обнова на живеалиштата.“ „Убаво“, го слушав и не знаев што сака да ми каже со разговорот. „Знаеш“, рече, „размислував да го продолжам одморот во Европа, да отидам на неколку дена во Босна. И јас да го направам тоа што го прават Руанѓаните.“ „Што?“ „Тоа, да побарам прошка... од жртвите.“

Го гледав како низ магла. Дури тогаш станав свесен дека брат ми, исто како Хутусите во Руанда, додека се борел со српските војници во Босна, всушност убивал луѓе, нечии родители, роднини. „Силував и неколку жени“, додаде, како да ми ги чита мислите. „Еден од тие случаи го сонувам секоја ноќ. Беше во Добој, еден град на северот од Босна. Силував девојче пред очите на дедо ѝ, а потоа дедо ѝ го убив. Не знам што се случило со девојчето, сега е веќе возрасна жена, нормално, ако преживеала. Ама сакам да отидам таму, да ја најдам и да ѝ побарам прошка“. „Сигурен си?“ го прашав. Немав слушнато дека виновниците во Босна почнале да бараат прошка од жртвите. Дали брат ми ќе биде првиот што ќе го направи тоа? Лужички Србин кој толку се беше поистоветил со српството што се бореше на нивна страна во Босна, убивајќи невини луѓе и силувајќи девојчиња. Брат ми, Михаљ, кој сакаше да го викаме Михајло. Сега знае српски, по војната живееше некое време во Србија, го запозна српството, ама изгледа не се пронајде во него, па замина во Руанда, а и таму, со руандската војска, сигурно убивал и силувал во Конго. „А во Конго, таму ништо не направи?“ го прашав претпазливо. „Во Конго? Да, и таму направив многу работи. Веќе бев кај едно семејство да побарам прошка за тоа што им го убив синот, беше инвалид, не можеше да побегне од куќата, ама ме избркаа. Конгоанците не се како Руанѓаните, не простуваат толку лесно. Ама во Босна, којзнае... велат дека Босанците се меки луѓе.“

Слушав и не можев да поверувам дека седам со брат ми, убиец и силувач, дека пиеме чај и дека ништо не е како во младоста, пред да почне да чита книги за Србите и српството во Југославија. А сепак, не отиде во Босна да бара прошка. Не можеше да го смени авионскиот билет за Руанда, а за нов немаше пари. И си замина со жена му и нејзиниот син. Живеат во Кигали во Руанда, работат со Клаудија во германската банка и во ниту една порака не ги споменува повеќе ни Босна, ни Конго, ни Руанда. Кога го прашувам што прави, секогаш ми одговара: „Играм игри. Моментално сам, ама нејчесто со Клаус.“ И ми наведува игри на Интернет што не ми се познати, но ги знае син ми. Вели дека во нив секое ново убиство носи нови поени и награди.

Кога се појави повикот за оваа средба, не сакајќи помислив на брат ми. Му го пратив по мејл. Ми рече дека тој е вистинскиот претставник на човек кој заминал од улицата „Карл Либкенхт“ и животот драстично му се сменил. Ама дека не може да дојде. Па затоа да одам јас во негово име. И еве ме тука. Не, не барам прошка за брат ми, само сакам да го евидентирате на списокот како некој кој сѐ дури живеел на улицата „Карл Либкнехт“ бил обичен, млад човек, а потоа се претворил во монструм. Иако тоа, секако, важи само за него. Тој е исклучок, не правило.

Слики: Jessica Hess

 

ОкоБоли главаВицФото