Дали директната демократија може да го порази популизмот?

04.10.2019 00:37
Дали директната демократија може да го порази популизмот?

Уште од кога се случија двете катастрофи во 2016 година - референдумот за Брегзит на Обединетото Кралство и изборот на американскиот претседател Доналд Трамп - се појави широко распространета вознемиреност за „глобалниот бран“ на популизам и огромна грижа за непромисленоста на таканаречената директна демократија. Во Велика Британија, гласачкото тело беше замолено да одговори на премногу поедноставено прашање за тоа дали сакаат да останат или да излезат; а во Соединетите држави, примарните избори на Републиканската партија во 2016 година беа предадени на неодговорни гласачи и радикални активисти. Оттогаш, се повикува на повторно зајакнување на „чуварите на портата“, што е фин начин да се каже дека неизмиените маси треба да се држат што подалеку од донесувањето политички одлуки.

Сепак, овој либерален импулс е одраз на погрешно толкување на поновата историја: елитите, а не масите, беа тие кои овозможија простор за Брегзит и за Трамп. Освен тоа, бесрамниот презир кој елитата го покажува кон директната демократија не само што ја потврдува популистичката реторика, туку го игнорира и фактот дека референдумот може да биде многу делотворно оружје против популистите.

Трамп и оние кои гласно се залагаа за Брегзит, како Најџел Фараж, не ги должат своите победи на некој катастрофален пропуст во директната демократија, туку на елитите кои соработуваа со нив во овој процес. Британските конзервативни лидери можеби се оградија од Фараж, но во крајна линија многумина од нив сметаа дека неговиот став за Брегзит е оправдан, исто како што водството на Републиканската партија ја даде својата официјална поддршка на Трамп. Точно е дека милиони британски гласачи гласаа за опцијата за „Излегување“ и милиони Американци гласаа за очигледно неквалификуван кандидат за претседател. Меѓутоа, ова делумно се должи на тоа што познати личности како Борис Џонсон и поранешниот американски спикер на Претставничкиот дом Њут Гингрич ги уверуваа дека правилно ќе постапат доколку го сторат тоа.

Покрај тоа, партиските елити не сопреа откако на популистите им ја изразија својата поддршка. Тие исто така не ја исполнија нивната обврска за формулирање кохерентни политички платформи. Референдумот за Брегзит беше директен резултат на неуспехот на водачите на Ториевците да донесат колективна, обврзувачка одлука по прашањето за членство во ЕУ. Републиканската партија, пак, ефикасно го префрли својот процес на избор на кандидат на приватните кабелски ТВ станици, чија главна грижа е привлекување гледачи.

Сепак, нема ли вистина во тврдењата на либералите за постоењето на подлабока поврзаност помеѓу популизмот и директната демократија? На крајот на краиштата, популистичките политичари обично се обидуваат да воспостават директна врска меѓу себе и граѓаните, тргајќи ги настрана традиционалните политички партии и, кога е можно, професионалните новинари. Лик како Бепе Грило, основачот на италијанското движење „Пет Ѕвезди“, без исклучок ги критикува етаблираните политичари и традиционалните медиуми, ставајќи ги во ист кош. Сите популисти тврдат дека подобро од сите ги познаваат „вистинските луѓе“, дека ги знаат нивните желби и ветуваат дека ќе служат како нивен „глас“.

Ова тврдење е целосно теоретско: „народот“ и „гласот“ се само симболички конструкции. Во пракса, никој освен популистичкиот лидер всушност не треба да зборува. Следствено, референдумот има посебно значење за популистите. Бидејќи веќе се конструирани „вистинските луѓе“, одговорот на секое прашање за волјата на луѓето се знае однапред. Така, за популистите, улогата на „народот“ е целосно пасивна. Народот треба само да го штиклира точното квадратче за да потврдат што веќе кажале популистите.

Меѓутоа, тоа е само еден концепт за директна демократија. Друг пристап го смета референдумот како точка во еден поширок и, пред сè, отворен процес на одлучување, при што граѓаните разгледуваат различни тврдења, заедно со доказите што ги поткрепуваат или побиваат тие тврдења, пред конечно да донесат одлука. Наместо да им препуштаме на популистите да одлучат со повторното зајакнување на „чуварите на портата“, треба да се запрашаме како да се организираат референдуми кои ќе ја извршуваат нивната соодветна демократска функција.

Се разбира, може да се истакне дека штетата е веќе направена, барем во земји како Унгарија, Турција и Полска, каде популистите користеа избори, а понекогаш и многу манипулативни „национални консултации“ за да ја консолидираат својата моќ. Општествените научници само што започнаа да го разгледуваат прашањето како авторитарните популистички режими можат да се вратат во соодветни демократии. Потребни ни се нови стратегии за соочување со појавата која различно се нарекува - „демократско уназадување“, „уставна регресија“ и „автократизација“.

Еден од предлозите е да се фокусираме на фактот дека многу авторитарни популистички влади имаат корист од длабоко поделена опозиција, што понекогаш е резултат на свесно дејствување на самите популисти. За поделената опозиција е потешко да формира коалиции и да избере најдобар можен кандидат кој ќе се спротивстави на вкоренетите популисти (затоа што секоја партија сака да биде избран нејзиниот водечки претставник). Потсетете се само на мачните дискусии за парламентарните избори во Унгарија во 2018 година. Откако расправаа за тоа дали екстремно десничарската партија на Јобик треба, па дури и дали може, да влезе во сојуз со либералната левица, опозициските партии останаа во голема мерка одвоени, а Фидеш-КДНП на премиерот Виктор Орбан освои 133 од 199 пратенички места.

Јасно е дека формирањето коалиција на екстремната десница и левица е многу проблематично. Но, друг проблем е што дури и ако гласачите сакаат смена на власта, тие можеби не сакаат да бидат дел од тактичко гласање што може да даде подеднакво лоша или дури и полоша алтернатива. Не може да се обвинат унгарските либерали за тоа што одбиле да гласаат за кандидат на Јобик.

Референдумите нудат еден излез од оваа дилема, заради нивната бинарна структура. Иако тие честопати се причина за формирање необични коалиции, тоа скоро и да не е важно за индивидуалниот гласач. Откако ќе заврши референдумот, целта на коалицијата е остварена. Уште подобро, референдумот може да се осмисли на таков начин што ќе се разоткрие непопуларноста на популистичката влада, со тоа што ќе се покаже дека таа влада всушност не ја претставува волјата на народот.

Разбирајќи го вистинскиот демократски потенцијал на референдумите, некои авторитарни популистички влади, на пример, во Унгарија, ги отежнаа искрените иницијативи покренати „од долу нагоре“, односно од народот до врвот. Можеби звучи спротивно на општото мнение, но директната демократија би можела да биде алатка против популизмот. Нема гаранција дека таквата стратегија ќе успее во кој било даден контекст; но подобро е отколку да се чека спас од „чуварите на портата“.

Јан-Вернер Милер е професор по политика на универзитетот Принстон и автор на книгата Democracy Rules, која наскоро ќе биде објавена.

Слики: Nate Kitch

Извор: Project Syndicate

 

Слични содржини

Општество / Европа / Став

ОкоБоли главаВицФото