Антикитера

04.10.2019 00:54
Антикитера

Ако барем еднаш сте гледале некој од оние опскурни документарци за древните вонземјани, веројатно сте имале можност - заедно со другите претенциозни (и подеднакво неуверливи) откровенија - да го запознаете и механизмот Антикитера. Овој мистериозен јунак од бројните псевдоисториски приказни е реален, во археологијата внимателно проучуван и опишан артефакт, но бидејќи се обвиен со контрасти, поволен е за разновидни мистификации.

Врз основа на досегашните истражувања, се смета дека Антикитерата е примитивен, но софистицирано направен аналоген компјутер за одредување на движењето на планетите низ зодијакот според египетскиот календар. Веројатно бил еден од првите аналогни компјутери кои некогаш биле направени. Ако се внесе некој датум со помош на рачката, механизмот на бројчаниците ја покажувал позицијата на планетите, Сонцето и Месечината за тој ден.

Механизмот бил откриен во близината на егејскиот остров Антикитера и така го добил името. Грчките нуркачи, ловци на сунѓери, се приближиле до островот во 1901 година откако претходно биле зафатени од ненадејна бура. На длабочина од 42 метри нуркачите нашле потоната римска галија, што во тоа време предизвикало големо возбудување во јавноста. Археолозите заклучиле дека галијата потонала околу 80 година пред новата ера и дека била дел од римски конвој кој пренесувал грчки уметнички дела од островот Родос.

На подводниот локалитет се вратил археологот Спиридон Стаис, кој на 17 мај 1902 година забележал дека на едно парче карпа извадена со галијата е вметнат - запчаник. Се покажало дека воопшто не се работи за карпа туку за човечки артефакт - за софистициран механизам од бронза со должина 33, ширина 17 и дебелина од 9 сантиметри. Артефактот првенствено се состоел од три скршени парчиња и многу поситни фрагменти, а до 2005 година биле пронајдени повеќе од 70 делови од механизмот.

На предната страна од механизмот се наоѓа бројчаник со две гравирани скали. Едната е фиксирана и на неа се нацртани знаците од зодијакот, додека подвижниот прстен ги покажува месеците и годината. Буквите гравирани на скалата на зодијакот им одговараат на знаците на чинијата со календарот. Употребата на напредни диференцијални запчаници во внатрешноста на механизмот во тоа доба овозможувала положбата на небесните тела да се пресметува со собирање и одземање на аголните брзини на запчаниците.

Механизмот е создаден околу 100-та година пред новата ера, а најмалку што може да се каже за него е тоа што е внимателно осмислен и направен мошне остроумно. Со оглед на тоа дека бил дел од товарот на еден морски транспорт, не е бесмислена ни претпоставката дека според својата конструкција не е единствен - можно е да постојат и други слични неоткриени механизми.

Сложеноста на механизмот не се вклопувала во претставата за степенот на развој на технологијата во првиот век пред новата ера, што е клучен дел од заплетот на сите мистификации за механизмот Антикитера. Софистицираниот комплет запчаници кои ротираат ексцентрично функционира како своевиден епицикличен или диференцијален систем со запчаници, за кои се сметало дека се откриени дури во 16 век кога почнал забрзаниот развој на механичките часовници.

Без вистински научни објаснувања за неговото потекло, артефактот во текот на поголемиот дел од 20 век бил мистерија за научниците и повод за најразновидни дилетантски шпекулации. Првото поопсежно истражување во 1951 година го спровел историчарот на науката Дерек Прајс од Универзитетот Јеил. Тој во 1974 година го објавил делото Грчки запчаници, во кое врз основа на постоечкиот врежан текст и реконструкцијата на системот со запчаници ја изнел теоријата дека Антикитерата како механизам е аналоген компјутер за одредување на положбата на планетите.

На почетокот од 21 век Мајкл Рајт од Музејот за наука во Лондон, изразил сомнеж за истражувањето на Прајс. Тој ја оспорил неговата реконструкција, пред сѐ за функцијата на двата бројчаници од задниот дел на механизмот, но довербата во гледиштето на Прајс останала распространета. За да се открие намената на механизмот, неколку години подоцна започнал проект за истражување на механизмот Антикитера кој ги поврзал истражувачите од Универзитетот во Кардиф во Велика Британија, Националниот универзитет во Атина, Аристотеловиот универзитет во Солун и Националниот археолошки музеј во Грција.

Со помош на томографијата на Икс зраците, овој тим ги открил најфините записи во внатрешноста на механизмот - дешифрирањето на записите покажало дека се однесуваат на знаците на зодијакот и движењето на небесните тела, па може да се каже дека тие се и своевидно античко упатство за употребата на механизмот.

Судејќи според сѐ, механизмот се темели на геоцентричните модели за движењето на телата во Сончевиот систем кои биле распространети во тоа време и кои во 2 век пред новата ера ги систематизирал Клавдиј Птоломеј. Според геоцентричните модели планетите се движеле околу земјата по кружни патеки, но притоа правеле и мали кружници, таканаречени епицикли (нивното движење на небото не можело да се објасни поинаку).

Механизмот Антикитера можел прецизно да го репродуцира движењето на Сонцето и Месечината врз основа на епицикличниот модел кој го развил Хипарх, додека движењата на Меркур и Венера можеле да се темелат на моделот на Аполониј од Перга.

Станува збор за мошне практични знаења од Антиката кои, судејќи според сѐ, се изгубиле во некој момент од подоцнежната историја, за време на „мрачниот“ среден век. Затоа Антикитерата, ако не е доказ за мистичните средби на античките луѓе со напредна цивилизација, тогаш е показател дека знаењето од една епоха може лесно да исчезне и да потоне толку длабоко што ќе биде октриено милениуми подоцна.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Свет / Наука / Историја
Општество / Наука / Историја
Наука / Технологија / Историја
Наука / Историја

ОкоБоли главаВицФото