Марија От Франолиќ за женската историја, феминизмот, пишувањето...

04.10.2019 01:17
Марија От Франолиќ за женската историја, феминизмот, готвењето, пишувањето...

Интервјуто со Марија От Франолиќ го води Лора Томаш


Кон средината на минатиот век, Силвија Плат во кујна спремала јадење додека Тед Хјуз и австралискиот поет Чарлс Дојл на масата дискутирале (исклучиво) за поезијата на Тед. Од тоа време потекнува и нејзиниот запис од дневникот во кој подвоената Плат забележува дека наместо да го чита Лок чита книги за готвење тешејќи се, пак, со дневничките белешки на големата Вирџинија Вулф која исто така упаѓала во среќната практична затапеност при готвењето кога некој важен издавач, да речеме, ќе ѝ одбиел некој текст. Книжевната теоретичарка и критичарка Марија От Франолиќ во интересниот текст на својот блог Текстовница, насловен „Женската борба за креативност или како одат заедно поезијата и лукот“, на Силвија Плат и Вирџинија Вулф им ги придодаде и Ванда Микшиќ (според чија песна „Моите раце од лук“ нејзиниот текст го добил насловот), Софија Толстој, Марина Цветаева и Дивна Зечевиќ. Сите тие на сличен начин се изјаснуваат за проткајувањето или неспоивоста на секојдневното и интелектуално-уметничкото, за речиси картезијанската поделба помеѓу кујната и библиотеката, а траги од истиот сентимент може да се најдат и во вековите пред новата ера, кога првите будистички монахињи во автобиографски стихови неблагонаклоно се осврнувале на садовите за толчење и молзење и лонците од секаков вид - артефакти од своите минати животи.

Моменталната популарност и достапност на дневничките, автобиографските и мемоарските женски текстови и великодушното споделување приватни моменти на социјалните мрежи ни овозможува да дознаеме за своите современички претходнички. Секако, можеме да се жалиме дека такви работи има премногу, дека не ни одговара дигиталната преплавеност со туѓите животи, понекогаш и со право. А можеме и да се помириме со фактот дека јавниот простор барем е поисполнет со гласови и мислења. Да помислиме само на триесет метри високиот столб од бел мрамор (изворно обоен) на римскиот цар Трајан, подигнат на Трајановиот форум во Рим околу првиот век по Христа и малку помалку од две илјади години пред Инстаграм, чија спирална временска црта во плиткиот релјеф го документира неговиот поход на Дакијците, и каде (на столбот) тој, Трајан, се појавува педесетина пати. Тоа бил импозантен мемоарски, империјално-рекламен потег без опција за коментирање, кој ја изоставува женската перспектива, ги занемарува и лукот и поезијата и ритуалната репетитивност на животот, а ги нормализира и слави мачоистичката култура на војната и колонизаторските проекти - донекаде сроден со најновиот приказ на карикираната машкост: петтото продолжение на култниот Рамбо, со гладијаторски наслов До последната капка крв, во историски маневар од Колосеумот до киното.

Докторирајќи со истражување на женската историја и секојдневието прочитано од женските автобиографски текстови, От Франолиќ во своето дело се фокусира на процесите и значењата на микроисториските наративи, кои ја надополнуваат или повторно ја пишуваат официјалната историја, често минуциозно преиспитувајќи го чувственото. На тој начин тие се противтежа и на блазираноста како императив и особина на одредени аспекти на модернитетот, да позајмам од социологот Ева Илоуз, но и на манипулативното мобилизирање на емоциите за политички и потрошувачки цели. Значи, нималку тривијални. Затоа разговарав со Марија От Франолиќ за женската историја, феминизмот, нејзините книги и неможноста животот да се поправи во текст.


ЖЕНИ СО ДУХОТ ШТО СЕ БАВАТ

Ја истражувавте женската историја од женските необјавени автобиографски текстови. Како почна потрагата по ракописи и што ве натера на тоа?

Голем дел од животот живеев во пост-феминистичко уверување, на факултет читав феминистичка теорија но во кругот во кој се движев не ја забележував нерамноправноста и мислев дека феминизмот заправо не е практичен и не е потребен во животот. Го сменив мислењето кога родив и сфатив дека општеството надвор од мојот тесен круг сѐ уште е многу патријархално и традиционално: во паркчето гледав како мајките им викаат на децата дека не смеат да плачат зашто се момчиња, сфатив дека во продавниците се нуди облека со розева боја за девојчињата и сина за момчињата. Освен тоа, после мојата биолошка одреденост, психичката и физичката зависност од детето го ставија во втор план сето она кај мене што беше интелектуално, и тоа ме исплаши, ми се чинеше дека е готово со размислувањето, читањето и пишувањето, дека животот ќе се претвори во низа практични барања кои ќе ме потопат. И почнав да читам женски биографии, дневници и автобиографии - ме интересираше како жените во минатото го поврзувале приватното и интелектуалното, како жените што илирката Драгојла Јарневиќ ги нарекувала жените со духот што се бават наоѓале време за себеси и своите уметнички или интелектуални интереси од многуте домаќински, мајчински и семејни обврски. Запишав докторат на Филозофскиот факултет за подлабоко да се занимавам со оваа тема, и - откако прочитав многу објавени женски наративи - замислив дека ќе пронајдам некои необјавени, кои не ги поминале уредничките цензури, и дека ќе докторирам со нивна анализа.

Кои архиви ви беа достапни додека истражувавте за книгата, дали имаше многу приватни архиви? Колкав дел од тоа не е категоризиран, непретставен, а е вреден? Со колку луѓе разговаравте во врска со материјалите и какви ви беа искуствата, дали има некои анегдоти, занимливости?

Мојата потрага по женски ракописи траеше повеќе од две години, одев во книжари, архиви, музеи, антикварници, приватно се распрашував за семејното наследство. Од приватните архиви го контактирав само оној на колекционерот Јосип Ковачиќ, тој со години ги собирал делата на хрватските уметнички, ја создаде Збирката хрватски сликарки, слушнав дека тоа е нешто фасцинантно, но заради низа околности за жал не го видов тој простор. За време на истражувањето не добив впечаток дека во хрватските архиви има многу неорганизирани интересни женски ракописи, повеќе би рекла дека ние како култура не ги вреднуваме таквите текстови, како воопшто да не ги сметаме вредни за архивирање. Во една архива дури ме прашаа зошто ракописот мора да биде женски кога тие имаат толку многу машки ракописи!

Дадов оглас во весници, списанија и портали дека барам необјавени женски ракописи, ме поддржаа бројни уредници, новинари, библиотекари и колеги, но на крајот немаше многу ракописи. Неколку писма, автобиографски збирки со песни, младешки дневници, еден дневник за патувања и една прекрасна автобиографија на жена која на постари години пишувала за својот живот, за своите деца, автобиографија на сликарката Наста Ројц, неколку писма од педагогот Марија Јамбришак, и кога веќе мислев дека ќе морам да се откажам заради неадекватноста на материјалот, ми се јави Петар Здуниќ, сопругот на фолклористката и писателка Дивна Зечевиќ,, и на располагање ми го даде нејзиниот необјавен дневник кој го пишувала од 1961 година, па сѐ до смртта во 2006 година. Во ракопис напишала повеќе од 6000 страници. Докторирав со овој интересен, динамичен и неконвенционален женски текст и ја напишав книгата за женската историја и женските автобиографски текстови Дневник насочен кон недостижното: Секојдневието во женските записи. После тоа изборот од дневникот го уредив како посебна книга чиј наслов е Животот испарува како вода: Избор од дневниците 1961-2006.

Во контекст на женските записи ме интересира улогата на кустосите, уредниците или уредничките, организаторите и организаторките на архивскиот материјал во (ре)презентацијата на жените. Каква е нивната одговорност и улога и како се манипулира со афективните димензии на архивите, односно нивната рецепција? Дали и дневникот, особено ако е осмислен за подоцнежно читање (а многу дневници се такви) е веќе „уреден“ и колку може да му се верува?

На ова прашање нема едноставен одговор. Секогаш е прашање зошто нечии документи се чуваат, се ставаат во архиви, се валоризираат, и обратно, зошто некои се фрлаат, уништуваат, мистериозно исчезнуваат, и на кого му одговара да бидат чувани, односно да исчезнуваат? Низ историјата имало многу случаи на уништување женски ракописи. Најпознатиот светски политичар и дневничар, Самуел Пепис, во дневникот кон крајот на 17 век на цела страница опишува како ги уништил приватните документи на својата жена додека таа плачела и го молела да не го прави тоа. Резултатот од тоа е што сите знаеме кој е тој, но Елизабет Пепис во историјата постои само како негова сопруга, таа е нема, нема своја приказна. Познат е и случајот на поетот Тед Хјуз кој ги „изгубил“ последните белешки од дневникот на поетесата Силвија Плат, оние кои претходеле на нејзиното самоубиство. Подоцна, тоа „губење“ го објаснил со грижата за децата. Писателот Хенри Џејмс уништил копија од дневникот на Алис Џејмс (не знаејќи дека постои уште една), а сопружниците на писателките Кејт Менсфилд и Џорџ Елиот „уредувале“ делови од нивните дневници, за сликата за нив да биде подобра во јавноста (се прашувам: подобра за кого?). Секако дека секогаш се работи за намерно уништување, приватните текстови не се чуваат и заради немарност, неразбирање, незаинтересираност на помладите генерации и од други причини.

Кога станува збор за уредувањето автобиографски текстови, тогаш можам да зборувам за моето искуство - за две мошне различни читања на ист ракопис. Дневникот на Дивна Зечевиќ прво исцрпно го пречитував за докторатот и за својата книга - така се фокусирав на женските теми и описот на секојдневието. После некое време повторно го проучував, но за подготовка на самостојната книга, избор од дневникот, па тој ракопис го гледав со други очи. Во двата случаи знаев дека не можам да бидам објективна и затоа во докторатот и во својата книга Дневник насочен кон недостижното пишував лично, во прво лице, се одреков од прокламираната академска неутралност и ги напишав своите уреднички дилеми, многу прашања оставив отворни, зашто тоа ми се чинеше како единствено прифатливо и етички оправдано.

Кога од дневникот на Дивна правев избор за книгата Животот испарува како вода, знаев дека секој уредник или уредничка би имале поинакви приоритети, дека секој би направил некоја друга книга, можеби дури би прикажал некоја друга Дивна Зечевиќ. Се прашував како да ја прикажам онаква каква што била (или онаква каква што јас мислам дека била), ме мачеше што таа би сакала да исфрлам, а тоа секако не можев да го знам. Дневникот е субјективен жанр (самите авторки избираат, не запишуваат сѐ и некои нешта ги премолчуваат, и главно калкулираат со читателите), а уредничките исто така се субјективни. Тоа има и свои предности, зашто се отвораат простори за многубројни интерпретации на истиот текст. Дневникот може да се посматра како книжевен текст, за тоа пишува Анда Буквиќ Пажин во својата интересна книга Ова овде сум јас: Дневници на германски автори од периодот околу 1880 која ја уредував. Од друга страна, автобиографските текстови не се исклучиво фикција, може да се читаат како историски извори, иако не се сосема веродостојни. Па и „вистинските“ историски документи се избрани, архивирани, предочени и интерпретирани на одреден начин.

Во врска со таквата класификација на текстови неодамна слушнав одлична анегдота од филозофката и феминистка Ева Баховец од Филозофскиот факултет во Љубљана која се занимава со Симон де Бовоар. Беше во Париз во библиотеката Compagnie des livres до Сорбона и таму првпат видела дека Другиот пол на Симон де Бовоар е класифицирана како филозофија - стоела помеѓу Бадју и Бенјамин. Библиотекарките ѝ рекле дека самите ја „протуркале“ таму и дека не се сигурни дали така и ќе остане, зашто вообичаено се класифицира како книжевност. Тоа е најдобар показател дека женските текстови сѐ уште лесно се тривијализираат.

Можете ли да кажете нешто повеќе за автобиографскиот жанр – дневниците или друга конфесионална проза или поезија сѐ уште често се сметаат за женски домен и се потценуваат. Се поставува прашањето дали тука се работи за oversharing или уметност, тераписки или уметничко-креативен потфат? Кога говориме за канонот, каде спаѓа дневникот, и по што се специфични женските дневници?

Дневникот во канонска смисла е маргинализирана форма. Како историски документ се смета за недоверлив, како книжевност не е доволно литерарен и генерално се држи до тривијалното, приватното, сентименталното и (пре)секојдневното. Вистина е дека дневникот – за разлика од автобиографијата – е фрагментарен, недовршен, репетитивен, но мислам дека е неправедно поради тоа да се прогласи за неважен и сентиментален. Јас го гледам од друга страна, мислам дека тоа е жанр полн со потенцијал – може да се исчитува на разни начини, да се анализира и користи во практична смисла.

Во средината на ’70-тите Елен Сиксу и други теоретичарки пишувале за „женското писмо“ (écriture féminine), тврделе дека негови одлики се повеќегласност, фрагментарност, разбиена синтакса и отворен крај, а не линеарна, кохерентна структура. Затоа во ’80-тите се појавиле теоретичарки кои докажувале дека дневникот е примарно женски жанр, дека е флуиден, неважен и фрагментарен, баш како и женските животи во кои дневно се испреплетуваат толку различни обврски што денот не може да биде линеарен.

Јас не би рекла дека дневникот е женски жанр поради својата форма (бидејќи, да речеме, и Тетратките на Пол Валери се флуидни и фрагментарни). Меѓутоа, мислам дека дневникот можеме условно да го наречеме женски од општествени причини. Пред сѐ, жените во минатото не мислеле за себе дека се доволно важни да седнат и да напишат автобиографија, приказна за својот живот. Ниту пак имале време за таков потфат, оптеретени со бројни обврски во приватната сфера. Затоа дневникот бил идеална форма за нив – повремено би седнале и би запишувале – пет редови или десет страници, зависно од слободното време и расположение. За многу жени просторот на дневникот бил важен бидејќи се остварувале помеѓу неговите страници, далеку од очите на сопрузите и општеството изразувале нешто за што ниту самите не биле секогаш свесни.

Денес е појасно дека поимот „жена“ не е еднозначен бидејќи женските субјекти премногу се разликуваат – женското искуство оттаму не може да се сведе на заеднички именител, се инсистира на слободен избор на идентитетот. Кога ги документираме женските животи како исклучени од главнотековната историја, всушност ги мултиплицираме нивните приказни, и истовремено ги конструираме. Велиме дека историјата е пишвана од различни перспективи, дека нема конечни вистини. Како тогаш да се претстави женскиот материјал и животното искуство а да не западнеме во замката на есенцијализирање на „жените“? И како сепак да се воспостави каков-таков солиден идентитет за жените да остварат некое „општествено јас“ кое може политички да учествува? Кој е, тогаш, субјектот на феминизмот?

Феминизмите се заслужни за освестувањето на фактите дека индивидуалните искуства силно се разликуваат и дека нечие искуство секогаш може да обезвредни некое друго. Феминистичките настојувања ги дестабилизираа категориите општо и поединечно, ги растресоа книжевните канони и го објаснија знаењето како ситуирано: не постои општо знаење некаде во воздухот, тоа е секогаш одредено знаење на некои личности на некое место. Треба да се внимава кој говори и кого притоа исклучува. Тоа е важно бидејќи сите, поединечно и колективно, лесно се улулкуваме во „вистинските“, „правилни“ наративи. Женските искуства се разликуваат класно, расно, временски, жените се одредени и од просторот на кој живеат, светогледот и други фактори. Сепак, би требало да постои можност да се каже „жена“ – бидејќи и покрај разликите, на жените им е заеднички животот во патријархатот кој на разни начини системски ги исклучува.

Кој е тогаш субјект на феминизмот/феминизмите? Одлично прашање, и денес не е лесно да се одговори на него! Речиси е невозможно да се говори во име на сите жени истовремено. Но, заборавивме – бидејќи премногу ставаме акцент на разликте - дека и не мораме да говориме во име на сите истовремено. Феминизмот мора да биде инклузивен, но почнува да се чини дека претераната инклузивност дошла преку глава. Од ’90-тите години феминистичките движења се цепкаат, акцентот е на индивидуалното освојување слобода – на фактот дека можеме да избираме – свој начин на живот или свој род. Но, ако родот го набљудуваме исклучиво како индивидуален избор, ја губиме поголемата слика, поимот за заедништво, и болно сме цинични спрема големиот број жени кои живеат во услови во кои ништо не можеле да изберат: бидејќи живеат во сиромаштија, зависат од другите или пак трпат родово базирано насилство – мажите сѐ уште во голем број тепаат, па и убиваат жени! Родот како избор е погубен и за женската биологија, се маргинализираат важни женски теми како мајчинството, абортусот, менопаузата и слично – кои имааат многу конкретни, биолошки, животни последици врз жените.

Да се разбереме, постојат оние кои ги избрале својот род – и длабоко сум уверена дека транссексуалците (како и хомосексуалците) терба да станат општоприфатени во општеството, да ги добијат правата кои ги имаат сите останати и дека дури тогаш ќе бидеме колку-толку здраво општество. Но се прашувам, зошто групите кои го избрале својот род имаат потреба да ги „истуркаат“ жените? На пример, во Америка веќе некое време постои движење кое се залага за тоа клиниките за абортус да престанат да се викаат „женски“ бидејќи можеби и транссексуалците еднш ќе абортираат, т.е. сега веќе абортираат жени кои се чувствуваат како мажи. Таквата логика нѐ враќа на старото патријархално сценарио: на која група и да ѝ падне на памет може жените, како лабава и ионака слабо поврзана група, да ги стави настрана. Амбивалентна сум и кон терминот „родови студии“ – родот секако треба да се проучува од разни аспекти, и секако да го истражува маскулинитетот – но зошто тоа дури и терминолошки ги потопи женските студии? Интересно е уште нешто: политичката коректност нѐ парализира, станува незгодно слободно да се изразиш од позиција на сопственото искуство, па сега додека пишувам дека некои групи ги истуркале жените, размислувам дали е воопшто во ред така да говорам. Тоа е многу опасно и нѐ приближува кон цензура која се спроведува во име на слободата.

Не смееме да дозволиме пеколната комбинација на политичка коректност и ретрадиционализација на жените да се истакне како политичка категорија. Како што се запраша Ненси Фрејзер: Која е воопшто смислата на феминистичкото движење доколку не сме во состојба да смислиме начини на живот во кои зајакнувањето на одредени групи не значи автоматски и слабеење на други? Додека женскиот идентитет е флуиден, тој во политичка смисла е нестабилна категорија, феминистките самите придонесуваат кон тоа да го губат гласот во политичка смисла, а тој денес сѐ повеќе им треба. Ако поголемиот дел од феминистичките настојувања се идентитетски и индивидуални, се губи заедништвото и чувството на поврзаност на разните аспекти на проблемот. Би требало да се вратиме на универзалните прашања – што ни е заедничко? Постои ли нешто човечко за што можеме да говориме, што е тоа, и како феминизмите можат да покренат промени – не само за жените туку и за мажите, значи да нѐ доведат до некое подобро општество во иднина? На таа трага е фантастичната книга на Гордана Босанац Високо чело – таа феминизмот го сфаќа како инклузивен, поширок хуманистички проект.

Феминистката Робин Морган уште во ’80-тите пишувала за „универзално сестринство“, но јас денес не гледам ниту универзална, ниту локална солидарност. Како секој вид на феминизам да се држи за себе и држи дека единствен во право. Да речеме академскиот феминизам – кој ни е силно потребан бидејќи може да биде расадник на идеи кои тогаш би можеле да се прелеат во пракса (и обратно!), претежно е одлепен од реалноста, се пишуваат комплицирани текстови кои ги чита потесниот академски круг, како да се храни самиот себе, и тоа го прави на униформиран и често неинтересен јазик и на начин кој не поставува прашања туку ги перпетуира истите одговори. Според мене, феминизмите се должни да работат на својата разбирливост. Инаку дозволуваме основните општествени наративи да станат во најдобар случај пост-феминистички (не ни треба феминизам бидејќи жените работат, се школуваат, еве и претседателката е жена, што уште би сакале, ако не доминација?), а во најлош случај стануваат анти-феминистички (сите нормални се против феминизмот, бидејќи тоа се некои збркани фрустрирани жени кои мразат мажи и деца).

Со оглед на ретрадиционализацијата во општеството – додека феминистичкото движење ја губи енергијата на расправи за деталите – би можеле да останеме без елементарни женски права како абортус, адекватно платени породилни отсуства, заштита на злоставуваните жени и слично, ќе нѐ прегазат традиционалните националистички политики кои тендираат да ги затворат жените дома, во брак, во пратијархален образец на живот. Тоа е во ред ако жените сами го избрале, но ако им стане наметнато се враќаме во времињата кои сме мислеле дека се зад нас. Неодамна повторно ја читав Смртните гревови на феминизмот од Славенка Дракулиќ, тоа е првата книга на феминистички теми на овие простори (излезена е 1984), некои есеи се од 1979 и се сѐ уште релевантни, за насилството над жените, сексуалното образование или сексистичкиот дискурс во јавната сфера. Тоа е застрашувачки, јас сум родена 1979! Но добра вест е дека повторното издание на Смртните гревови на феминизмот излегува следната година во Фрактура, заедно со цела серија женски наслови – тоа покажува дека псотои интерес за женски теми.

Во книгата Дневник насочен кон недостижното (Диспут, 2016) која, како што наведувате, е посветена на бабите и поетесите, пријателките и соработничките, духовните аутсајдери, споменувате дека е тешко да се усогласи креативниот живот со мајчинството. Говорите и за грижата на совест, за чувството на различност на жените кои не ги исполнува само мајчинството. Како тогаш да се комбинира мајчинството и креативноста?

Ми се чини дека Шуламит Фајерстоун била во право кога уште во 1970 во книгата Дијалектика на сексот утврдила дека нема да постои рамноправност помеѓу жените и мажите додека само жените раѓаат. Голема е победата на феминизмите дека биологијата не треба да нѐ одредува – што значи дека жените не мораат да стануваат мајки, ниту дека желбата за мајчинството им е нужно природна – но од иницијалната желба да ја ослободат жената од товарот на биологијата – феминизмите како да отидоа предалеку во негирањето на тој проблем.

Секако дека на жените не треба да им биде природно да посакуваат да бидат мајки, туку тоа апсолутно треба да биде нивен избор, но што кога жените сепак ќе се одлучат за тоа? Мајчинството е често занемарена тема во поновата феминистичка теорија бидејќи идентитетските прашања ја истиснаа биологијата. За него е тешко да се говори: мајчинството од една страна е целосно обично, секојдневно, а од друга страна туѓо, понекогаш и зазорно за оние кои немаат деца. Секогаш е помеѓу биологијата и општествениот конструкт, помеѓу мајчината анатомија и потребите на детето, помеѓу феминистичките дискурси кои зазираат од биологијата и анатомијата и реалните, материјалните, биолошките состојби кои жените ги соочуваат со суровата, променлива, болна и често неочекувана природна сила. Уште пред 70 години Симон де Бовоар во Вториот пол утврдила дека, за разлика од мажот кој сакаат со нешто сериозно да се занимава, „...жената непрестано мора да ја обновува својата одлука. Таа напредува, не сосредоточена на целта пред себе, туку пуштајќи го погледот да ѝ лута секаде наоколу. Така нејзиниот чекор е срамежлив и несигурен. Уште повеќе со тоа што ѝ се чини дека што повеќе се оддалечува толку повеќе се одрекува од останатите прилики... Онолку колку што жената посакува да биде жена, нејзината независна положба ѝ создава комплекс на помала вредност. Обратно, поради тоа што е жена се сомнева во сопствените професионални можности.“

Токму ова е важно дека жената често не е сосредоточена на целта. Ако има деца, времето ѝ е расцепкано, треба силно да се бори за време за себеси, а ако нема деца, можеби ќе се прашува, што би било да ги имала, можеби сè уште не е предоцна... Затоа мислам дека темата за мајчинството нужно не ги исклучува жените без деца – самиот потенцијал на жената за раѓање ја прави ранлива, зашто нејзиниот сопруг, брат, државата, политиката секогаш лесно ќе се сетат да го забранат абортусот, ќе го стават раѓањето надвор од законот, ќе го осудат вештачкото оплодување или слично.

И денес е тешко да се усогласи креативното и мајчинството. Времето поминато со децата е физички и психички напорно, растргнато, вклучува мултитаскинг, брзина и голема доза адреналин и на жените по неколку часови поминати со децата во такво темпо им треба време да се вратат на себеси, да се сосредоточат, а и да се ослободат од древната грижа на совест што не се „само мајки“. Освен тоа, уметничкото и креативното занимање нема работно време кое завршува во 4 или 5 попладне. За него треба подготовка, сопствена соба за која пишуваше Вирџинија Вулф, но и уште повеќе слободно време и важна е поддршката од другите кои ќе ја охрабрат жената во тоа што го работи.

Софија Толстој во дневникот, 1898 година, на 54-годишна возраст, напишала: „Денеска се прашував зошто нема генијални писателки, уметнички или композиторки. Тоа е затоа што целата страст и способност на енергичната жена ја трошат нејзиниото семејство, љубовта, нејзиниот сопруг и особено нејзините деца. Нејзините други способности не се развиваат, остануваат во стадиум на ембрион и атрофираат. Кога ќе престане да ги гледа и образува децата, ќе ѝ се разбудат уметничките пориви, но тогаш е веќе предоцна...“

Денес, сто и дваесет години подоцна, испаѓа дека нештата не се промениле многу: добра вест е дека мажите сè повеќе се занимаваат со децата, а лоша дека многу жени сè уште ја немаат потребната поддршка од околината за креативна работа – а и самите често ги присвоиле барањата на општеството според кои повеќе би требало да се посветат на приватната сфера, да не бидат „себични“ и „амбициозни“.

Ги анализиравте текстовите на Дивна Зечевиќ, Вирџинија Вулф, Силвија Плат, Меј Сартон, Софија Толстој, Марина Цветаева, Драгојла Јарневиќ и други кои животот го чувствуваат некако „стеснет“, испишувајќи ја својата различност, често посакувајќи во текстот да го поправат својот живот, што, се разбира, одново во секој поединечен случај се покажува невозможно. Зошто е невозможно и како им пристапивте на нивните текстови?

Во својата книга сакав да тргнам од конкретните женски искуства, онакви какви што жените самите ги опишале во автобиографските текстови. Ме интересираа животите на аутсајдерките кои меѓусебно се разликуваат според многу нешта, но заедничко им е излегувањето од стереотипите и фактот дека не сакале да ги исполнуваат општествените конвенции. Во автобиографските текстови ја испишувале својата различност, многу од нив продолжувале да пишуваат дури и кога сфаќале дека тоа не им донело вистински промени. Ми се чинеше дека тие жени можеби подобро ги гледаат своите околности, гледајќи ги однадвор и повеќе ги промислуваат алтернативните начини на постоење и мислење. Нивното невклопување го гледав како место на кое почнуваат нови можности, а не како нешто што ги ограничува. Затоа нивните автобиографски текстови не сакав само да ги читам и тексуално да ги анализирам, не ги проучував како книжевни текстови – сакав да говорам за животите на авторките што ги пишувале тие текстови. Се разбира дека текстот не може да се изедначи со животот, во процесот на пишување, авторките претеруваат, ги разубавуваат своите животи – но, по многу прочитани женски дневници, тие текстови ги доживувам како трошки од женски животи расфрлани по блежниците, блоковите и хартиите. Тој расфрлан товар полн со повторувања и контрадикции како подобро да го опфаќа расположението на животот, неговите промени и ритам, од позаокружените автобиографии или мемоари.

Денес се изгубија големите вистини, нè опукружуваат еден куп информации, теории, разни видови знаења и совети, од кои многу се опасно нескептични и догматски, па и самите феминизми честопати се поставуваат исклучиво! Таквата состојба води во претерани релативизации и теории на заговор. Затоа се одлучив за анализа која всушност е повик за дијалог, според Patrociniо Schweickart, „посетување на текстот“, лична средба исполнета со почит. Одлучив кон текстовите да се поставам како да можам да разговарам со авторките: да ги прашам како им било, за што размислувале, како се бореле со своите околности. Тие жени веќе ги нема, но зад себе ги оставиле своите текстови и во нив своите дилеми, несигурности, расположенија – тоа ме интересираше. Прашање, впечаток, отворање можности без конечни тврдења. Сакав аутсајдерските женски приказни да ја дополнат пошироката слика на женската историја.

Ги споредував дневниците на Дивна Зечевиќ со дневникот на илирката Драгојла Јарневиќ. Нивините тексуални дилеми и преокупации ги споредив со моите дилеми денес и испишав тројна женска биографија, тнр. „симгинеграфија“ и утврдив дека животите на неприпаѓачките во различни историски околности навистина можат да се споредуваат и дека имаме многу заедничко. Не сакав да донесувам големи заклучоци ниту да тврдам нешто за жените чиишто текстови ги анализирав, туку да направам еден вид мозаик на аутсајдерски женски искуства.

Треба да се раскажуваат женски приказни зашто постојано доаѓаат млади жени на кои треба да им се освести минатото, треба да знаат дека жените и пред нив ги поставувале истите прашања и смислувале разни стратегии за преживување во патријахатот. Затоа по својата книга правев и интервјуа со интелектуалки, ги прашував како го усгласувале интелектуалното и мајчинското, во желба нивните приказни да не се заборават, да поттикнат други жени на размислување, а можеби и на промена на сопствените животни околности. Животите ни се кратки и глупаво е постојано да ги повторуваме истите грешки само затоа што премалку ги познаваме животите на нашите претходнички. Теоретичарката Нолте Ленсинк прекрасно забележала дека кога дневниците ќе почнеме да ги доживуваме како текстови, а не како субтекстови, можеме да ги искористиме за да научиме за женската култура – која веќе нема да ја гледаме како субкултура. Се разбира, кога женските приказни ќе престанат да бидат неважни, на важност ќе добијат не само женската историја, туку и сегашноста и иднината.

Во мај ја модериравте трибината за веб проектот „Od5do95“ кој постои веќе три години. Тоа е виртуелен музеј на женската усна историја и секојдневие, кој го покренаа режисерката Аријана Лекиќ Фридрих и снимателката Андреа Каштелан, а им се придружи и продуцентот Тибор Кесер. За што се работи и зошто е важен тој проект?

Од 9 до 95 е фантастичен мултимедијален проект, вистинско документирање на женската историја и секојдневие! Андреа не ја запознав, но Аријана Лекиќ Фридрих има посебен сензибилитет, заразен шарм и активистички е настроена. Ужасната од ретрадиционализацијата на општеството и намалувањето на женските права, одлучила да направи нешто и ја осмислила платформата од 9 од 95 на која поставила интервјуа со жени на различни теми: за нивните деца, за мајките, амбициите, интересите, желбите, болестите, стареењето и слично. Опфатила жени со различни возрасти, па и девојчиња, а снимала и жени во помали средини. Мислам дека со тоа постигнала повеќе важни работи: на жените им дала простор слободно да зборуваат, а интервјуата се јавно достапни, па нивните приказни навистина можат да им послужат на други жени. Учесничките зборуваат за работи кои често се премолчуваат или се сметаа за премногу неважни за да се истакнуваат, можеби дури и приватно. Проектот е вреден и како меѓугенерациска размена. Платформата е модерна, жените зборуваат интересно и емотивно и интервјуата се многу убаво снимени. Со уживање ги изгледав речиси сите интервјуа и им посакувам среќа со финансирањето, кое е тешко да се добие кога станува збор за женски теми.

Важно е да се проучува секојдневието, особено од женска перспектива, зашто жените дури во поново време излегоа од приватната сфера, па според тоа, тие токму во подрачјето на приватното, секојдневното оставиле многу траги за своите животи – нивните животни приказни се расфрлани по готвачите, ѕидните куварици, споменарите, дневниците, белешките... Затоа тие навидум банални извори можат да се искористат за подобро да разбереме како живееле и размислувале жените, тоа исто така е женска историја, да речеме: дали нивниот начин на размислување бил стопен во општествените рамки? Во кои аспекти им робувале на стереотипите, а за тоа не биле свесни? Секојдневието се чини банално, но всушност е бојно поле на разни идеологии и општествени притисоци, истовремено е силно контролирано и невидливо и токму во таа област на невидливост и неважност, многу жени се избориле за изразување отпор кон доминантните општествени вредности, меѓу останатото и преку пишувањето во „небитните“ жанрови.

Кои се вашите нови планови, проекти?

Последните години многу повеќе се занимавам со проекти за поттикнување на читањето, отколку со женски теми. Ме интересира поврзаноста на читањето, критичкото мислење и емпатијата и за тоа доста пишував и одржував предавања. Како и кога се занимавав со женските животи па ме интересираше практичната страна, тука е слично – ме интересира како книжевноста и идентификацијата со ликовите може да влијае на нашето сочувство за вистинските луѓе и ситуации околу нас и може ли воопшто, или тоа е премногу утописки начин на размислување. Неодамна го покренав и блогот Tekstovnica зашто ми требаше место за некој друг вид пишување, кое не е ни академско ни строго критичарско. Тука ги обединив своите критики кои излегуваа на разни места. Интензивно размислувам и за нова книга, сè уште е на ниво на идеја, па не можам поконкретно да зборувам, но нема да биде за женска тема.

На сликите се порцеланските скулптури, Painted Ladies, од Jessica Harrison


Извор: https://www.mvinfo.hr

ОкоБоли главаВицФото