Јапонките не сакаат да се мажат

05.10.2019 09:57
Јапонките не сакаат да се мажат

Невестата носеше фустан во вид на роденденска торта, со корсет и широка сукња. Неколку мигови пред почетокот на венчавката, тивко стоеше на скалите и чекаше да влезе на церемонијата.

„Вау, навистина ќе го направам ова“, помисли таа.

Ова не беше конвенционална венчавка, стапување во брак на двајца луѓе. Триесеттина луѓе беа собрани во салата за прослави во Токио за да присуствуваат на венчавката на Санаи Ханаока (31) – за самата себе.

„Сакам да откријам каке да се живее сама, сакам да се потпрам на сопствената сила“, им рече на присутните додека им се заблагодаруваше што дошле на нејзината соло венчавка.

Процентот на вработените жени во Јапонија е повисок од кога било во историјата, но културолошките норми не држат чекор со овие факти: од јапонските сопруги и мајки и понатаму се очекува на својот грб да го носат домаќинството, грижата за децата и да им помагаат на постарите членови на семејството.

А бидејќи веќе им е доста од двојните аршини, жените во Јапонија сè почесто избираат да не се мажат и да се сосредоточат на работата и својата новостекната слобода. Тоа особено ги загрижува политичарите кои се знаимаваат со опаѓањето на бројот на жители во државата.

До средината на деведесеттите години, само една од дваесет жени во Јапонија не била омажена пред својата 50-годишна возраст, а до 2015 година, според статистиките, немажена била секоја седма жена.

Кај жените на возрасто од 35 до 39 години, тој процент е уште повисок: речиси четвртина од нив никогаш не стапила во брак, во споредба со само 10 отсто немажени жени на истата возраст пред две децении.

Како последица на ова, на немажените жени им се достапни сè повеќе услуги. Сега се одржуваат сингл караоке забави само за жени учеснички, расте бројот на ресторани дизајнирани за оние кои сакаат да вечераат сами, а наменски се градат и опремуваат и станбени комплекси за жени кои сакаат сами да изнајмат или да купат станови.

„Мислев на тоа дека ако се омажам ќе мора да работам повеќе домашни работи. Ја сакам својата работа и имам доволно слобода да се занимавам со неа“, вели Кајоко Масуда (49), карикатуристка.

Животот без брак за сè поголем број жени во Јапонија е своевиден облик на ослободување.
„Кога ќе се омажат, мора да се откажат од многу работи“, објаснува Мари Мијура, професорка по политички науки на Универзитетот во Токио.

Оваа промена делумно е последица на фактот што речиси 70 отсто од жените на возраст помеѓу 15 и 64 години се вработени, а тоа е рекорд. Но, ако се омажат, кариерите неретко им страдаат заради обврските кои ги наметнува животот во брак и водењето на домаќинството.

На немажените жени во Јапонија, кои имаат успешни кариери и пари, достапни им се голем број активности кои нивните мајки или баби не можеле ни да ги замислат.

„Причината заради која многу жени се одлучуваат за брак е потребата за финансиска стабилност. Јас немам никакви проблеми заради тоа што сум сама, а немам ни проблеми од финансиска природа“, вели Мики Мацуи (49), директорка на издавачка куќа во Токио.

Дел од жените, своите мажени пријателки ги доживуваат како опомена или предупредување. Шигеко Широта (48), која работи како воспитувачка и живее во стан која неодамна самата го купила, вели дека повеќето нејзини пријателки главно остануваат дома со децата и не немаат помош од своите сопрузи.

„Не е фер што жените мора да бидат заглавени во куќата како домаќинки. Среќни се додека се со своите деца, но мажите ги опишуваат како големи бебиња“.

А бидејќи одлучила да не се мажи, Шигеко Широта имала доволно слобода да патува и да се занимава со своите хобија. Минатото лето учествувала на танцов натпревар во Ирска, а потоа ја однела мајка ѝ на патување во Кина.
„Повеќе не мора да се потпираме на мажите“, вели таа.

Некои мажи реагираат на овој тренд на тој начин што и самите го избегнуваат бракот. Платите во Јапонија стагнираат, а со општествените очекувања од мажите дека тие мора да го хранат семејството, многумина стравуваат дека нема да можат да го одржуваат домаќинството. Само третина од мажите на возраст меѓу 35 и 39 години никогаш не биле во брак, додека пред дваесет години тоа било случај само со четвртината Јапонци.

Меѓутоа, некои научници наведуваат дека нестапувањето во брак денес, не е толку работа на ослободување колку што е одраз на фактот дека потребата да се биде во брак не е толку силна како што била порано.

„Податоците покажуваат дека мал е бројот на жени кои едноставно одлучуваат „Не сакам да се мажам, наместо тоа, тие го одложуваат бракот и ги чекаат вистинското време и соодветните околности, но тие никогаш не се случуваат и тие остануваат сами “, објаснува Џејм Рено, професор по социологија на Универзитетот во Висконсин, кој го проучува бракот во Јапонија.

Каори Шибуа (42) во своите дваесетти години била во долга врска која ја раскинала. Оттогаш само повремено излегувала со мажи. „Не мислам дека свесно сум го избрала тој пат“, вели таа и додава дека жените избираат да се омажат затоа што кога се сами се чувствуваат ранливо.

Но таа самата пред две години отворила кафуле и убедена е дека ќе може самата да се издржува.

Да не се биде во брак има и свои лоши страни. Ханаока, жената што минатата година се омажила за со себе си, куќата ја дели со двајца цимери. Кога ќе се почуствува осамена, таа ја пушта снимката од забавата за да се потсети на луѓето што ја сакаат. „Сега сакам да го правам тоа што го сакам“, вели таа.

Извор: The New York Times