Турција ја прогласи порнографска детската книга за бунтовни девојчиња

05.10.2019 10:16
Турција ја прогласи порнографска детската книга за бунтовни девојчиња

Книгата е објавена на 47 јазици и содржи инспиративни приказни за жени од различни професии и историски периоди.

Турските власти одлучиле делумно да ја забранат детската книга „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“, која во светот е продадена во повеќе милионски тираж, и таа да биде третирана како порнографија, со образложение дека можела да има „штетно влијание“ врз младите.

Книгата, која е објавена на 47 јазици, нуди серија на инспиративни приказни за жени од најразлични професии и историски периоди, од личности како Марија Кири и Џејн Остин, па сè до Бијонсе и Малала Јусафзаи.

Сепак, во одлуката објавена минатата недела, од турското владино тело за заштита на малолетници од вулгарни публикации соопштиле дека книгата „може да наштети на лица под 18 години“.

Ова практично значи дека книгата може да се продава само на полнолетни лица и дека таа ќе мора да биде сокриена од излозите на книжарниците.

Една од авторките на книгата, Франческа Кавало, вели дека е разочарана од оваа одлука.

„Девојчињата заслужуваат да бидат окружени со повеќе жени кои ќе им бидат пример. да растат мислејќи дека можат да бидат сè што сакаат. Кога владата е исплашена од детска книга која промовира еднаквост, тоа значи дека промовирањето на ваквите пораки низ детска литература може да има влијание и да ги направи помотивирани и со желба да се борат секојдневно“, вели Кавало.

Книгата стана светски бестселер по нејзината објава во 2016 година преку една од најуспешните „Кикстартер“ кампањи. Кавало вели дека единствена тешкотија која досега ја имале е одлуката на Русија да го цензурираат профилот на транродова девојка во книгата.

Турската асоцијација на издавачи оваа недела издаде соопштение во кое одлуката на владата ја нарекуваат „опасност од перспективата на слободите на изразување и медиумите, како и закана за принципите на демократско општество“.

Турскиот издавач на книгата изјавил дека чека официјално да ја погледне одлуката за да даде свој коментар.

Извор: The Guardian

 

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Европа / Свет / Историја
Свет / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото