Или комунизам или неофеудализам!

07.10.2019 00:51
Или комунизам или неофеудализам!

 

Интервју со американската филозофка, професорка и теоретичарка Џоди Дин.

Од каде ви е идејата за опозиција помеѓу комунизмот и неофеудализмот?

Причината за оваа опозиција е во тоа што мислам дека социјализмот во дефанзива стана споредлив со еден вид капиталистичко општество. Поразениот социјалистички проект правеше премногу отстапки за капиталистичкиот пазар. Затоа мислам дека социјализмот повеќе не е хоризонт на една еманципаторна иднина, туку името на тој хоризонт е комунизам. Тоа е став на непомирливост со која била верзија на капитализмот. Од друга страна, неофеудализмот е другата страна на варваризмот. Така што мојата паралела помеѓу комунизмот и неофеудализмот е варијација на воскликот на Роза Луксембург „Социјализам или варварство!“ На местото на варваризмот го ставив неофеудализмот затоа што капитализмот самиот по себе секогаш е варварски, а сега се работи за специфична форма која се карактеризира со екстремна хиерархичност, парцијализација на сувереноста, раздвоеноста помеѓу градовите и провинциите. Неофеудализмот го гледам како структура на тој варваризам во кој живееме сега.

Да ги појасниме овие четири основни моменти: парцијализација на сувереноста, хиерархија и експропријација со новите господари и слуги, провинциите кои пропаѓаат и привилегираните градови, и чувството на несигурност, исцрпеност и катастрофизмот поврзан со сето тоа.

Да почнеме со првото. Парцијализацијата на сувереноста е израз кој го познаваат историчарите од средниот век. Специфичноста на феудализмот истовремено е постоење различни правни системи, различни правди. Не постоела една закрилна сувереност, туку само оние фрагментираните, фрагментирани ситуации на права и правда: една правда за богатите, друга за сиромашните. Цртите на политичкото раздвојување биле лични. Наместо апстрактниот систем на граѓанското право, каде сѐ би требало да биде неутрално, еднакво и неподелено, некого сте познавале и сте му направиле услуга. Линијата на легалното и илегалното е заматена. Тоа особено важи за богатите, додека сиромашните можат да настрадаат и да завршат во затвор заради секаква ситница. Имаме ситуација во која нема униформен систем на правда. Таа е парцијализирана, фрагментирана.

Така денес супербогатите живеат во својот одвоен, приватен свет?

Апсолутно и не мора да имаат ништо заедничко со нас останатите. Имаат приватни авиони, приватни школи, заградени квартови во градовите. Дури имаат и сопствени обезбедувачи, телесни чувари, па не се во иста положба ни во однос на полицијата.

Екстремни хиехархии

Другото својство на неофеудализмот го нарековте однос на нови господари и слуги?

Можеме да кажеме дека на дело се екстремни хиерархии. Некои луѓе живеат над нас. Тоа мошне јасно се покажува преку разните медиумски платформи. Глобалните медиумски платформи како Гугл, Амазон, Микрософт или Епл ги собираат нашите податоци, ние ги создаваме за нив и тогаш кога не сакаме. А од нив зависиме во својата секојдневна комуникација. Во ситуација сме која наликува на онаа во која живееле селаните од средниот век. Не сме поврзани со земјата, но се работи за нашата животна инфраструктура, нашите меѓучовечки односи денес зависат од податоците. Овие компании се новото племство. Интересно е што зборуваше tech гуруто од Силиконската долина Џарон Лание за господарите и слугите на интернет уште во својата книга „You Are Not a Gadget“ од 2010 година. Препозна дека корпорациите и вмреженото општество создаваат класа господари и сите нас нѐ третираат како слуги.

Кога зборуваме за историските социјализми, вообичаено мислиме на еден обид и неуспех и потоа го отфрламе социјализмот како минато. Како обидите да не можат секогаш одново да се обновуваат?

Пред сѐ треба да се обидуваме, а не да резигнираме во сознанието дека сѐ ќе биде полошо. Друга работа е тоа што постоеле реални победи на историските социјализми. Описменување - голема работа! Електрификација - големо достигнување! Вселенската програма во Советскиот сојуз исто така. Фактот дека работниците можат да управуваат со фабриките во кои работат - како обидот со социјалистичкото самоуправување во Југославија - сето тоа се големи достигнувања. Да се преправаме дека сето тоа наследство е негативно, е десничарски обид капитализмот да се прикаже како општество без алтернатива. Мораме да ги славиме победите од минатото и да учиме од нив.

Зошто е корисно да се зборува за неофеудализмот?

Тоа ни овозможува да согледаме што е влогот во денешниот неограничен капиталистички развој. Тоа нема врска со префинетоста, иновацијата, производството на сѐ повеќе добра, подигнувањето на нивото на животот. Наместо тоа, сведоци сме на пренасочување кон себеси, креирање нешто што сѐ повеќе наликува на феудализмот од кој проникна капитализмот. А тоа се постигнува со создавање оваа екстремна нееднаквост, која ја одвојува богаташката каста од нас останатите. Тоа е производ на неограничениот пазар. Не само пазарниот монополизам, туку и монополизмот на моќта: политички, општествено и културно. Затоа треба да се ослободиме од него.

Велите дека постоењето на неофеудализмот не смееме да го сфатиме како обична паралела, туку како опишување на постоечките тенденции. Па сепак, ние сѐ уште живееме во капитализам?

И да и не; сакам колач за мене и сакам да го изедам. За среќа, марксистичката традиција ни дава речник за тоа. Можеме да го препознаеме комбинираниот и нееднаков развој, истовременото постоење различни политички и економски облици. Капитализмот се потпира на ресурсите и односите на страните во произведувањето вишок вредност - најочигледни примери се семејствата и државите. Прашањето е дали можеме комбинацијата на сопствените тенденции кон монополот и потпирањето на екстракцијата и силата да ги сметаме за некапиталистички облик и како таквото размислување може да придонесе за нашето разбирање на политиката. Мојата теза е дека, ако современоста ја гледаме како неофеудализам, тоа ни ги отвора очите за предизвиците од организирањето на голем дел од населението како што се кметовите, сервисерите, слугите. Терцијарниот сектор е изразен во контекст на поделената сувереност околу меѓународната доминација на преоптоварените платформи.

На современиот капитализам му требаат предкапиталистичките општествени модели во многу сфери од животот. Но тоа не е едноставно враќање кон традицијата, ретрадиционализацијата на општествата за кои се зборува понекогаш. Тоа се нови облици на поробување?

Секако, уште Роза Луксембург зборуваше за тоа дека капитализмот се потпира на предкапиталистичките односи. Но сега самиот капитализам во себе создава односи кои не се стриктно капиталистички, како некои од новите облици на принуда. Но ако сте принудени на автомобилска услуга, тоа не е проблем само на капитализмот, туку и на државната моќ и експропријацијата. На капиталистичките претприемачи им се даваат сѐ повеќе можности за прогон во капиталистичките земји. Ако банката ве гони зашто погрешно сте го напишале чекот, ако некоја личност може парично да ве казни зашто не сте дошле на состанок или компанијата на вашата кредитна картичка може да ве казни ако не сте ја платиле ратата од кредитот, а моето осигурително друштво може да ми го поништи осигурувањето и кога ќе го платам долгот - што значи сето тоа? Некапиталистичките односи се создадени со помош на капитализмот, за капитализмот и неговата можност за експропријација.

Агенциското изнајмување работници е пример кога тие не се на пазарот за работна сила, туку се „купопродаваат“ во целина, како личности?

Мислите на „секундарните“ и „терцијарните“ пазари? Како и селаните во феудализмот кои ја обработуваат земјата на сопственикот и тие мораат да ги користат сопствените средства. На пример, возачите на Убер ги користат сопствените возила за да му помогнат на Убер да заработи. Тие впрочем ги поседуваат сопствените средства за производство, но инаку се експлоатирани. Тоа е поинаков облик на експлоатација од вообичаената класна експлоатација. Таа е капиталистичка, ја создаваат капиталистите, но е и феудална.

Толку различни земји како Кина, Египет, Украина и САД имаат нешто заедничко во својот однос помеѓу градовите и провинциите?

Сето тоа се места со очајно запуштени делови и преоптоварени градови на рабовите. Книгата на Фил А. Нил Hinterland одлично го илустрира тоа. Тој ја скицира истовремената тенденција на урбанизацијата и урбаното пропаѓање, заборавените краишта, еколошки жртвуваните зони и распрснатите предградија, кои стануваат еднообразни населби и станбени навики ширум планетата.

Комплексните мрежи - дигитални, комуникациски и информациски - се пример за модерната капиталистичка концентрација, монополите и финансиските олигархии?

Тие ја следат логиката на моќта, а тоа значи дека победникот добива речиси сѐ, а губитниците речиси ништо. Губитниците се „долгата опашка“ на дистрибуциската крива. Поточно, комплексните мрежи се карактеризираат со слобода на изборот, раст и преференцијално додавање; луѓето сакаат нешта кои ги сакаат и другите луѓе. Добар пример е Твитер: најпопуларните неколку луѓе на Твитер имаат над сто илјади следбеници, додека просечниот корисник има околу двесте. Или филмовите: секоја година ширум светот се снимаат илјадници филмови, но само два-три стануваат глобални феномени. Поголемиот дел ќе ги погледнат само неколку луѓе. Оваа дистрибуција на логиката на моќта e резултат на слободните избори и растот. Хиерархиите се создаваат „природно“. Тоа ни зборува за состојбата на вмреженото општество: не митски избалансираното, хоризонтално, егалитарно општество кое ни се ветува, туку неговата застрашувачка, неофеудална спротивност.

Нови можности за борба

Дали граѓанското општество директно се политизира во неофеудализмот? И либертаријанците сакаат да зборуваат за економскиот феудализам?

Општествените движења долго ја нагласуваа политизацијата на граѓанското општество. На пример, феминистките го истакнаа слоганот дека личното е политичко. А тука се и критиките на расните и родовите аспекти на буржоаските правни субјекти. Сега е јасно дека либералниот правен субјект никогаш не бил неутрален, каков што се прикажуваше. Субјектот на правата впрочем се однесува на разликите. Во САД правото функционира поинаку, на пример, за црните и белите луѓе, богатите и сиромашните, мажите и жените итн. Идејата за посебна неутрална рамка на правата и должностите, која ја застапуваше буржоаското право, сега е широко отфрлена. Така завршивме во ситуација во која доминираат две институции кои Хегел ги поврза со граѓанското општество - корпорациите и полицијата. Во либертаријанскиот имагинариум пак феудализмот го зазема местото на непријател, кое претходно беше резервирано за комунизмот. Опасноста од централизација - монопол и силна држава - е опасност за приватната сопстеност и во таа смисла идеолошките елементи остануваат непроменети.

Како комунизмот, како активно движење, може да им се спротивстави на ваквите тенденции?

Во термините на мојата анализа ја гледаме парцијализацијата како слабеење на националната држава, што е нужно и за комунистичкиот универзализам. Наместо да ја разбереме само како фрагментација и сепарација, парцијализацијата можеме да ја сфатиме како канал кон нов интернационализам. Транснационалните организации - од финансиските институции, корпорациите, платформите на социјалните медиуми, до партиите, алијансите и политичките формации - сугерираат можност за заеднички структури ширум и долж националните држави. Единствен проблем е што во моментов тие им служат на капиталистичките, а не на комунистичките цели. Но не е тешко да се замислат со променети цели, како компоненти на разновидниот комунистички еко-систем, посветен не на капиталистичката акумулација и заштитата на привилегиите на милионерите, туку на еманципаторниот егалитарен процвет на мнозинството.

Комунистичкиот начин ги препознава поделбите во општеството како класен конфликт, во кој учествува и ја зазема страната на селаните и пролетаризираните. Таков премин веќе постои, на пример, во селските организации кои се дел од движењето Via Campesina, да споменеме само еден пример. Елиминирајќи ги господарите, ја отфрламе приватната сопственост, а средствата за комуникација, производство и транспорт ги ставаме во служба на човечките потреби. Не е тешко да се поделат милиони долари фикционален капитал - капиталистичкиот систем тоа го прави редовно. Ние ќе го направиме тоа наменски. Докрајчувањето на економијата со капиталистичката акумулација го прави можно и разрешувањето на поделбата на рурално и урбано, па и самата поделба на трудот која е негов двигател. Со помош на визијата на комунизмот која ја има на ум провинцијата, отвораме нови можности за организирана борба, а врз основа на веќе постоечките тенденции - да се сетиме на маоистичката стратегија за опкружувањето на градовите. Интензивирањето на политиката околу проблемите со миграциите и бегалците, класната борба во своите различни појавни облици на рабовите од градовите, растечкото незадоволство на развластените во провинциите, што може да се види во Франција и во изборната политика која направи поместување кон десно во САД, Унгарија, Полска, Канада и на други места - сето тоа е рамка на реални борби кои сѐ уште не се одлучени. Нема ништо неизбежно во поместувањето кон десно. Тоа е прашање на организирање, нудење политика која зборува за широките простори на човечките потреби и грижи, која пружа можност за процвет. Наместо да им се препуштиме на несигурноста и атмосферата на апокалипса, можеме и мораме да ги култивираме комунистичките доблести на солидарност, храброст, дисциплина и доверба. Доблести кои се создаваат од другарството и го поттикнуваат. Сѐ останато нѐ осудува на неофеудализмот.

Слики: Serban Savu

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото