Косово: Победниците и губитниците ги заменија улогите, Курти прогласи победа

07.10.2019 11:02
Косово: Победниците и губитниците ги заменија улогите, Курти прогласи победа

Според првичните резултати, со 95,88 проценти изброени гласови на предвремените парламентарни избори на Косово, Самоопределување е победник со само 0,74 проценти повеќе гласови од Демократската алијанса на Косово. Српска листа освои 47.633 гласа, или 6,21 отсто, и со тоа ги добива сите десет загарантирани места што ѝ припаѓаат на српската заедница.

Политичката сцена на Косово претрпе тектонски промени по предвремените парламентарни избори затоа што ниту една од досегашните владејачки партии не се пласира на едно од првите две места.

Движењето Самоопределување на Аљбин Курти и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа, освоија најмногу гласови, според првичните резултати на Централната изборна комисија на Косово.

Демократската партија на Косово (ПДК) на поранешниот претседател на косовското собрание Кадри Весељи е на третото место, додека на сигурен влез во парламентот смета уште само коалицијата предводена од поранешниот премиер Рамуш Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК).

Проекциите покажуваат дека Српска листа ги освои сите десет мандати наменети за српската заедница.

„Работевме напорно, долго време се ангажиравме, но сè се исплаќа, затоа што секоја жртва вреди за нашите сакани граѓани. Го сметавме тоа за наша обврска и ќе ја вратиме земјата на вистинскиот пат“, им рече Курти, кој во текот на ноќта прогласи победа, на поддржувачите собрани пред седиштето на приштинското движење, кое веќе петнаесет години настојува да дојде во позиција да формира влада на Косово.

Ваквиот резултат може да доведе до тоа ниту една од партиите предводени од поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово да не учествува во владејачката коалиција.

Според косовскиот устав, на прворангираната партија ѝ се дава можност да предложи кандидат за косовски премиер и да ја преземе иницијативата за формирање на идната влада.

Косовскиот претседател Хашим Тачи го распушти претходното собрание на парламентот, откако владата на Рамуш Харадинај падна кога премиерот поднесе оставка по повикот од Трибуналот за специјални злосторства за Косово.

Извор: МКД.мк

 

ОкоБоли главаВицФото