На 17 октомври почнува 38. Скопски џез фестивал

08.10.2019 11:10
На 17 октомври почнува 38. Скопски џез фестивал

Скопски џез-фестивал најави силна програма за 38-то издание, во чиј фокус ќе биде одбележување на 50-годишнината од германската издавачка куќа „ECM Records“. Фестивалот на 17 октомври ќе го отворат двајца познати гитаристи од САД: Дејвид Торн – еден од најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во изминатите 40 години и Фред Фрит – иноватор, композитор и импровизатор со неговото трио.

„Ориентот и Медитеранот ќе прострујат низ музиката на Ануар Браем – волшебникот на инструментот ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа ECM, кој со својот квартет годинава прославува 10 години од објавувањето на прославениот албум „The Astounding Eyes Of Rita”, како и низ звуците на грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос. Тој ќе настапи со својот уникатен квартет во чии дела се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните облици на импровизација и џез“, соопшти СЏФ.

Педесетгодишнината на ECM годинава се совпаѓа и со пет децении на еден од најзначајните и највлијателни бендови на 20 век – „Art Ensemble of Chicago“ кој ќе го одбележи јубилејот со светска турнеја што ќе заврши во Скопје. Ќе настапи и норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке со својот оригинален проект „Batagraf“ во есклузивно издание.

На последниот фестивалски ден, 20 октомври, ќе настапи најпоетичниот пијанист на денешницата – норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре, една од најдоминантните фигури на современата европска музика.

„Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј сет на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните ECM вљубеници „Next To Silence“ и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на ECM „Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher”, промоција и презентација на книгата „Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник, како и доделување на наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2019 година“, најави Скопски џез фестивал.

 ПРОГРАМА:

17 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
DAVID TORN (САД)
FRED FRITH TRIO (САД)

18 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
SOKRATIS SINOPOULOS QUARTET (Грција)
ANOUAR BRAHEM QUARTET (Тунис/Германија/Шведска/Либија)
24:00 Клуб Епицентар
NICOLA CONTE dj set (Италија)

19 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
JON BALKE BATAGRAF (Норвешка)
ART ENSEMBLE OF CHICAGO (САД)
24:00 МКЦ Дансинг сала
DŽIJAN EMIN & THE MAGICAL ORCHESTRA (Македонија)

20 OКТОМВРИ
18:00 МКЦ Кино Фросина
JOELLE LEANDRE (Франција)
20:00 Македонска опера и балет
TORD GUSTAVSEN TRIO (Норвешка)
JAMES BRANDON LEWIS UNRULY QUINTET (САД)

ПРОГРАМА ПЛУС:

15 ОКТОМВРИ, МКЦ Клуб и ресторан
20:00 | Награда „Златен орикс“ за најдобар млад џез музичар во 2019

16 ОКТОМВРИ, МКЦ Кино Фросина
20:00 | SOUNDS AND SILENCE: Travels With Manfred Eicher - документарен филм
22:00 | NEXT TO SILENCE (Македонија)

17. ОКТОМВРИ, МКЦ Кино Фросина
14:00 | CLOUD ARRANGERS на Жига Коритник - презентација на книга