Милијардерот кој „им удира шлаканици на капиталистите“ и својата заработка ја дели со работниците

09.10.2019 00:55
Милијардерот кој „им удира шлаканици на капиталистите“ и својата заработка ја дели со работниците

Хамди Улукаја

„Ако заработувам јас, заработуваат и работниците. Мојата добивка е нивна добивка, а нивната среќа е моја среќа.“

Така зборува Хамди Улукаја. А шансата некој да слушнал за него во Хрватска е мала. Имено, во Хрватска не се зборува за работодавачите кои ја делат добивката на својата компанија со работниците. Таквите приказни не можат да поминат во хрватскиот етер.

Хамди Улукаја е ѕвезда во САД. Работник во џинс со капче, кој сѐ што има стекнал со сопствените раце, тоа е помалку важно, но не е единствениот. Но затоа е единственот чии предавања - зашто, Хамди Улукаја не може да се одбрани од повици за предавања и гостувања во телевизиски емисии - стануваат инстант хитови.

Луѓето едноставно не веруваат во она што го слушаат, не веруваат дека тоа што го слушаат и им се допаѓа го кажува капиталист „тежок“ две милијарди долари.

„Време е да признаеме дека учебникот кој веќе 40 години го користат водечките луѓе од светскиот бизнис веќе не е употреблив“, рече Хамди Улукаја на престижната конференција ТЕД, одржана годинава во Ванкувер.

Би било погрешно да се каже дека Хамди Улукаја не верува во моќта на бизнисот, во Америка и нејзиниот митски сон - по ѓаволите, тој го живее - но правилата според кои игра се значително поинакви од оние кои и ние во Хрватска радо ги копираме. На крајот на краиштата, обрнете внимание на неговата следна реченица:

„Максимизирањето на профитот со цел единствена корист да имаат акционерите е најглупавото нешто што сум го слушнал во животот!“

Признајте дека тоа е мелем за работничките уши. Ако пак ѝ припаѓате на другата страна на капиталистичката бариера, останете со нас до крајот на текстот, можеби ќе научите нешто.

Хамди Улукаја, во бизнис светот познат и како „кралот на јогуртот“, е роден на 26 октомври 1972 година во Турција. Во Анадолија. На бреговите на Еуфрат. Во село полно со пастири. И малиот Хамди, секако, бил пастир. И Курд. Значи, национално малцинство во земја која баш и не ги трпи националните малцинства.

Кога велиме дека малиот Хамди е роден во село и не сме сосема во право. Имено, роден е негде попат. Како што родителите ги селеле овците, така се родил и тој - попат. Исто така, не сме сосема во право ни кога велиме дека малиот Хамди е роден на 26 октомври. Не се знае точниот датум. Но се знае дека пораснал со овци и дека пред да научи што било, научил како се прават сирење, кајмак и - јогурт.

Јогуртот што го произведува Хамди Улукаја денес е најпознатиот јогурт во светот. Го нарекол Чобани и како бренд достигна вредност од пет милијарди долари.

А младиот чобан во Америка дошол со само 3 илјади долари во џебот. Татко му прво го испратил да студира политички науки во Анкара, но веќе во 1994 година младиот Хамди заминал во Њујорк. Емигрирал. Ништо чудно за Курд од Турција.

Неколку години подоцна, во разговор за Си Ен Ен, рече дека ја напуштил Турција зашто не можел да ја поднесе репресијата кон неговиот народ. Го употреби зборот угнетување.

По доаѓањето во САД почнал интензивно да учи англиски јазик и да размислува за сопствен бизнис. Тоа траело одредено време, сѐ додека во 2005 година не видел оглас во кој се продава стара, напуштена фабрика за јогурт. Во близина на Њујорк. Да не заборавиме, огласот го нашол во ѓубре.

Тоа бил знак. Како пред него да се запалила грмушка. Веднаш му се јавил на татка си: „Американциве немаат поим што е тоа јогурт, за нив тоа е десерт полн со шеќер и овошје, дојде време да пробаат вистински јогурт, онаков каков што правиме ние.“

За разлика од некои хрватски татковци, таткото на Хамди Улукаја не можел да му даде ништо друго на сина си освен совет. „Земи кредит“, му рекол, „а останатото го знаеш“.

Нема смисла сега да навлегуваме во детали и да ви раскажуваме како земал кредит, ја купил фабриката па дури потоа почнал да бара машини, при што онаа за одвојување на млекото без кое нема вистински јогурт, а Хамди наумил да го направи најдобриот „грчки“ јогурт во светот, чинела 1 милион долари. Ја нашол во мал огласник за 50 000 долари.

Додека возел кон Висконсин за да ја земе машината, размислувал како да ја нарече компанијата. Не му требало долго: „Јас сум чобан, зошто да не ја наречам фирмата Чобани, тоа ќе им звучи егзотично на Американците“.

Со оглед на тоа дека немал пари за маркетинг, одлучил својот јогурт да го пакува на поинаков начин од останатите производи на пазарот и го ставил во мал сад - да, мал сад кој и денес го користат останатите производители - а за ширење на пазарот почнал да ги користи инфлуенсерите на социјалните мрежи. Им испраќал јогурт и ги замолувал да го пробаат, без никакви обврски.

Американците набрзо полуделе за јогуртите на Хамди Улукаја. Тоа било нормално зашто најпосле, после децении труење со десерт полн со шеќери и овошја, добиле вистински јогурт.

Фабриката Чобани во Твин Фолс

Но, ова не е приказна за јогуртот. Ова е приказна за капитализмот каков што го гледа Хамди Улукаја.

„Јас сум Курд, растев на планините во Турција меѓу овци. Во нашето општество не е важно кој колку овци има, туку каков е како човек. Таква е атмосферата и во моите фабрики, кога ќе влезете ќе ја почувствувате човечката душа“, вели Хамди.

„Чобани“ е прогласена за една од десетте најиновативни компании во светот. Околу 30 проценти од вработените се бегалци и мигранти, токму тие имаат предност при вработувањето, а пред три години Хамди објави дека 10 проценти од компанијата - да потсетоме дека вреди најмалку 5 милијарди долари - им дава на работниците, кои во тој момент биле 2 000.

„Ова не е никаков подарок, ниту Пи Ар, јас им го давам на луѓето само она што е нивно, тие го заработија тоа“, рече во таа прилика.

И покрај сето тоа, платите во „Чобани“ се значително над просекот во браншата, додека посебно внимание им се посветува на родителите кои во земјата во која се работи од утро до ноќ имаат породилно отсуство како она во социјалните држави од скандинавски тип.

Значи, јасно е дека станува збор за неверојатно успешна фирма која работи на подеднакво неверојатен начин. Не само за американските прилики. Еве уште една изјава на Хамди:

„Пропаднатата компанија која ја преземав не се откажала од јогуртот, туку од луѓето, кренале раце од нив како да не вредат ништо. Бев страшно лут на нивниот директор кој седеше таму некаде во некоја зграда, во раце држејќи ги таблиците кои му покажуваат дека мора да ја затвори фабриката. Меѓутоа, во таблиците нема луѓе, тие не кажуваат ништо за луѓето, во нив нема ни збор за одговорноста кон општеството. Жално е што денес многу бизниси се водат токму на тој начин, со помош на некакви таблици.“

Извор: https://www.slobodnadalmacija.hr

 

ОкоБоли главаВицФото