Јубилејна изложба – 30 години Ликовна колонија Галичник

09.10.2019 11:02
Јубилејна изложба – 30 години Ликовна колонија Галичник

Вечерва (9 октомври), во 20 часот во Мултимедијалниот центар Мала станица ќе биде отворена јубилејна изложба – 30 години Ликовна колонија Галичник. На изложбата ќе биде претставен селектиран избор на дела од сите досегашни сесии на колонијата, а ретроспективата ќе биде проследена и со елабориран каталог.

Како резултат на тридецениското постоење на оваа колонија, на изложбата се вклучени дела од повеќе уметнички техники, почнувајќи од класичните, како што се масло на платно, склулптура во дрво, метал, колажи, до инсталации, дигитални принтови, фотографии, графички инсталации, видео проекции, звучни инсталации, интернет проекти со аугментативна реалност итн. Огромниот број на автори, домашни и странски, ќе бидат претставени на оваа изложба, со што се надеваме дека достојно ќе биде одбележан овој долг творечки период и ќе биде привлечен за нашата кутурна и уметничка јавност.

„30 години егзистирање на ликовната сцена во Македонија не е мала бројка, туку значи доследност, истрајност, предаденост, пожртвуваност, се со цел да се придонесе кон збогатувањето на македонското културно милје, да се направи одличен креативен спој на традиционалните и природни убавини со најсовремените ликовни егзегези на одлични уметници од светот“, пишува Ана Франговска, претседател на колонијата.

Ликовната колонија Галичник, која ја основа Нове Франговски (1939-2017), отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори. Целта не е репетитивност во изборот на автори, квантитет на продукција, л'арт пур л'арт оправданост во импресионистичкиот манир, туку една современа форма на промоција на уметноста, која овозможува квалитетни средби, резиденција во визуелен јазик адекватен на современите текови во уметноста, манифестација која овозможува суштински контакти клучни во создавање на уметничко вмрежување кое пак од друга страна е плодно тло за афирмација на македонската култура и уметност во светот.

„Изминативе 30 години сите активности на Ликовната колонија Галичник ја докажаа оправданоста за опстојувањето на оваа манифестација, а секако и единственоста, т.е. уникатноста на оваа резиденција од сите останати во земјата и регионот. Таа е веќе препознатлива визуелно-уметничка активност на светската арт мапа“, це вели во воведниот текст за изложбата.

Селектори на изложбата се д-р Сања Којиќ Младенов, виш кустос од Музејот на современата уметност од Нови Сад и Ана Франговска, претседател на колонијата.