Идеја постои, нема волја за инвестирање во воз до аеродром

10.10.2019 00:02
Идеја постои, нема волја за инвестирање во воз до аеродром

Патувањето од скопските населби до Меѓународниот аеродром знае да чини и до 20 евра во еден правец, односно да биде поскапо и од самиот лет со нискобуџетна компанија. Доколку не се користи такси, цената на билетот за директната автобуска линија до аеродромот е 180 денари, но возниот ред не секогаш одговара на полетувањата и слетувањата на авионите од аеродромот. Граѓаните најчесто се приморани да користат сопствен автомобил за да стигнат до Меѓународниот аеродром Скопје во ситуација кога на околу 2 километри од аеродромот минува постојната железничка пруга Скопје – Куманово.

И покрај близината на железничката инфраструктура до самиот аеродром, досега никој во државава не се заинтересирал да инвестира во воведување на директна железничка линија од Меѓународниот аеродром Скопје до главната железничка станица. Во Програмата за работа на актуелната влада е вметната идејата за воведување на приградски патнички сообраќај со воз околу Скопје, со кој се предвидува изградба на пруга до самиот аеродром. Сепак, овој проект засега е доведен единствено на ниво на замисла што е вметната за реализација во Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година.

За воведување на аеродромскиот воз е проценето дека ќе бидат потребни 30 милиони евра, колку што е потребно да се изгради пруга до самиот аеродром и железничка станица во близина на терминалот. Од Министерството за транспорт и врски велат дека овој проект се наоѓа во самиот зародиш, бидејќи државата допрва ќе треба да одлучи од која меѓународна финансиска институција ќе побара поддршка за функционирањето на аеродромскиот воз.

„Бидејќи се работи за голем проект, очекуваме финансирањето да биде од меѓународни финансиски институции“, посочуваат од Министерството за транспорт и врски.

Допрва ќе треба да се изработи идеен и основен проект за изведба на планираниот железнички крак до аеродромот и на идната железничка станица. Пред нивната изработка, задолжително е да се изготви физибилити студија за оправданоста од реализацијата на овој проект, која што би дала одговори и на прашањето за тоа кои институции од земјава би требало да бидат вклучени во инвестирањето во проектот.

„Мета.мк“ се обиде да добие одговори од дел од оние субјекти кои би имале интерес од воведувањето на аеродромскиот воз. До Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Железници на РСМ во два наврати доставивме прашања на оваа тема, но не добивме одговори од единственото претпријатие коешто е задолжено за инвестирање во нови пруги во земјава.

Од ТАВ Македонија, како концесионер на Меѓународниот аеродром Скопје, велат дека го поддржуваат проектот за воведување на аеродромски воз, кој би бил дополнителна придобивка за патниците. Сепак, тие посочуваат дека нивната компанија работи во областа на аеродромските операции и немаат намера да влегуваат во други бизниси.

„За реализацијата на проектот може да се применат најдобрите практики, но ние не сме компетентното тело да коментираме за инвеститорот или за проектот“, нагласуваат од ТАВ Македонија.

До Меѓународниот аеродром Скопје засега може да се стигне единствено со автобус и автомобил

Од Градот Скопје не добивме одговори на поставените прашања за реализација на проектот аеродромски воз, со образложение дека Меѓународниот аеродром Скопје и самата железничка траса до него се наоѓа надвор од територијата на главниот град, а со тоа ваквиот проект е и надвор од нивни ингеренции.

Уште еден показател дека недоволно се размислува за овој проект е фактот што во Националната програма за железничка инфраструктура за периодот 2019 – 2021 година тој не е впишан за реализација.

Граѓанската иницијатива „На Точак“, во соработка со Град Скопје, лани ја промовираа идејата за идно комбинирање на железничкиот и велосипедскиот сообраќај на територијата на главниот град. Една година потоа, од „На Точак“ велат дека работите се немаат помрднато од точката каде што беа пред една година. Со минатогодишното возење се утврдило дека велосипеди не можат да влезат во македонските возови, ниту пак железничките станици се соодветно реконструирани. Не е направено ништо ниту за железничко поврзување во рамките на регионот на Скопје со постоечката инфраструктура, со која би се подобрила комуникацијата со воз со приградските населби и села.

„Наместо тоа, се најавуваат скапи проекти за трамвајски врски низ градските населби за кои ќе треба креирање целосно нова инфраструктура, а дел од најавените рути би минувале паралелно со постоечката железничка пруга“, велат за „Мета.мк“ од „На Точак“.

Од оваа граѓанска иницијатива не се воодушевени од идејата за воведување на директна железничка линија до аеродромот, бидејќи таа ќе послужи како мерка за стимулирање на авиосообраќајот. Сепак, од „На Точак“ сметаат дека тоа не значи дека инвестирањето во железничко поврзување со индустриските зони во источните предградија на Скопје и подобрувањето на меѓуградскиот железнички сообраќај не е потребно.

Скопската железничка станица зјае празна и чека на идеи за нејзино користење; Фото: Борче Поповски

Токму изградбата на новата железничка пруга од Куманово до Бељаковце во блиска иднина ќе овозможи значително унапредување на патничкиот сообраќај меѓу главниот град и вториот по големина град во земјава. Со првата фаза од изградбата на пругата кон Бугарија е предвидено да се изгради пруга што го обиколува Куманово, при што на трасата е предвидено да се изгради и нова железничка станица – Куманово Ново и ново стојалиште во близина на центарот на градот – Перо Чичо, а во функција ќе остане и постојната железничка станица која што се наоѓа надвор од градот.

Според податоците на Државниот завод за статистика, лани со воз од кумановските железнички станици отпатувале само 3.000 патници. Исклучителното ниско ниво на користење на возот би можело да се промени штом се стави во функција пругата Куманово – Бељаковце. Во ваков случај, двата најголеми града во земјава би биле поврзани со патнички возови. Скопскиот аеродром, пак, се наоѓа на половина растојание од двата града и би можел да биде една од попатните станици на возовите меѓу Скопје и Куманово.

Актуелните податоци покажуваат дека со воз би можело да се патува побрзо, поевтино и покомотно меѓу скопскиот аеродром и главната железничка станица. На автобусот од Транспортниот центар до Меѓународниот аеродром Скопје му се потребни од 30 до 35 минути за да го мине ова растојание, додека возовите од скопската железничка станица до Илинден патуваат од 13 до 19 минути. Цената за билет за воз за оваа дестинација е 43 денари во еден правец, додека патувањето со автобус до аеродромот чини 180 денари во еден правец. Конечно, постојните автобуси до аеродромот можат да превезат од 51 до 59 патници, а наспроти нив, постојните македонски возови имаат капацитет од 146 до 302 седишта.

Покрај ваквите бројки, податоците за превезени патници од скопскиот аеродром покажуваат дека авиосообраќајот доживува рапиден раст во изминативе години. Според информациите од Државниот завод за статистика, во 2010 година скопскиот аеродром имал околу 540.000 патници, додека лани оваа бројка се искачила на над 2,1 милиони патници. Проценките на ТАВ Македонија се дека забрзаниот раст на ависообраќајот ќе продолжи и во наредните години, при што бројката од 3 милиони патници би можела да се достигне веќе во 2022 година.

Во соседството, бугарските власти во 2015 година изградија посебна метро линија до софискиот аеродром, со крак долг 5 километри којшто води директно до терминалот 2. Албанските власти во моментов работат на реконструкција на пругата Тирана – Драч, која вклучува и изградба на крак долг 7,4 километри за поврзување на тиранскиот аеродром со Драч и Тирана. Во јуни 2021 година, за помалку од 15 минути ќе се патува со воз меѓу овие два града и меѓународниот аеродром во Тирана.

Во случајот на Скопје, за воведување на аеродромскиот воз би биле потребни слични инвестиции. Постојат две алтернативи за изградба на директната железничка линија – едната преку изградба на крак долг 5 километри од железничката станица Миладиновци, а втората преку изведба на пруга долга 3 километри од станицата Илинден до самиот аеродром. Единствената разлика меѓу Скопје, Тирана и Софија е што кај македонските власти засега нема доволно волја за да се работи на реализација на еден ваков проект. 

Извор: Мета.мк

ОкоБоли главаВицФото