Човечкото достоинство

10.10.2019 00:27
Човечкото достоинство

Паметам, октомври беше, некаде 1977-та. Во тоа време имаше авионска линија од Скопје за Белград наутро и навечер. Така патував само на еден ден во Белград, на постдипломските студии. Кога вечерта на аеродромот во Белград чекав на летот за Скопје, ми рекоа дека авионот бил преполн. Иако имав авионска карта! Нè замолија за разбирање, затоа што група сојузни спортисти морала итно да лета за Скопје. Ние, јас и тројца други патници, бевме жртвата. Ни рекоа да чекаме на поштенскиот авион за Скопје, во еден часот по полноќ. Летот беше вистинска авантура. Малечкиот авион често „пропаѓаше“, губеше нагло на височина. Во Скопје нè дочека празен аеродром. Немаше жива душа. Ниту превоз. Пилотот помина по некое време крај нас. Додека се качуваше во возилото што чекаше на него, ни рече да чекаме на поштенското комбе. Возачот на поштенското комбе не` погледна строго. „Ќе ве земам. Ќе седите врз вреќите. Во темница, за да не ве види милицијата. Забрането е да пренесувам луѓе,“ ни рече нервозно. Ми се пристори дека сум во расказ на Чехов.

Помош од министерот

Во три по полноќ, возачот на поштата нè „истовари“ на Плоштад. Стигнав од Белград. Ама, како да стигнам дома, си велев. Не живеев во центарот. Последниот автобус одамна беше отиден. Може некаде во градот имаше некое заталкано такси, ама на Плоштадот немаше. Моите дома тогаш уште немаа телефон. Човекот кој патуваше со својата петнаесетгодишна ќерка, ме праша дали одам во нивниот правец. Кон Црвениот крст. Тогаш се сетив дека најдобриот другар на брат ми живее во близина. Кога заѕвонив кај нив, тој со сонлива насмевка ми ја отвори вратата. Го разбуди татко му и му ја раскажа мојата неволја. Татко му не ме познаваше, ама го знаеше брат ми. Тој стоеше пред мене во пиџама во риги, какви што носеа сите социјалистички татковци. Си ја замазни разбушавената коса, се насмеа и рече: „Чекајте, да ѝ кажам на жена ми и да наметнам нешто врз себе“. Мислев дека ќе се пресоблече. Тој, пак, брзо се врати со палто, кое го беше облекол врз пиџамата. И со влечки! Син му исто тргна со пиџама и влечки. „Кој ќе нè види? Нема жива душа,“ се смееја обајцата. Татко ми и мајка ми не им дозволија на моите спасители туку така да си заминат. Ги викнаа на кафе, дури да се раздени. А потоа на заеднички појадок. Јас им раскажував за вистинската чеховска авантура на летот со поштенскиот авион.

Човек ќе рече, па што има необично во оваа случка, освен, можеби, седењето врз вреќи со писма? Необичното беше што таткото на другарот на брат ми во тоа време беше министер во владата на Република Македонија. Јас, сепак, не се плашев да го прашам во никое време да ме однесе дома. Тој, иако не ме познаваше, не се колебаше ни секунда дали да го стори тоа. Тој министер живееше како сите социјалистички граѓани. Во обичен трособен социјалистички стан. Тој не се однесуваше како да припаѓа на некој друг свет. Иако, сите знаевме дека да се биде функционер во поранешниот систем значеше да се има привилегии и врски. Ама тогаш уште имаше и такви „обични министри“, како тој човек. Тој уште знаеше што значи човечкото достоинство. И дека тоа и министер како него го докажува кога се однесува по мерата на својата човечност. Освен тоа, функцијата, дури и во високата политика, уште не значеше брзо збогатување. Или, можеби, уште беа малкумина тие што сакаа да платат толку висока цена. А цената на брзото збогатување секогаш е загубата на човечкото достоинство.

Достоинството денес почесто ќе го најдете кај најбедните

Затоа македонската реалност ја доживувам како приказна од некој роман на Достоевски. Како приказна за секојдневие каде, на едната страна, во животот на просечните луѓе, има толку беда, неволја и очај, а на другата, во светот на новите олигарси, луксуз и алчност без мера, лажност и невкус. Достоинството денес почесто ќе го најдете кај најбедните.

Како што е во романите на Достоевски. Како што е и во филмот „Медена земја“, во приказната за последната пчеларка која го спасува кредото на пчеларите – кредото на животот и честа - пред алчноста на пчеларите-номади. Тие се оние што се однесуваат како да немаат друга скапоценост, освен парите. А скапоценоста за пчеларите е природата и пчелите. Што заборавиле и новите македонски богаташи, предавајќи се целосно на алчноста? Заборавиле дека секогаш треба да се почитува правилото на животот, што го памети таа навидум бедна, а толку достоинствена пчеларка. Таа од медот на пчелите зема само една половина. А другата им ја остава ним. Затоа што и тие треба да преживеат. Ако не преживеат пчелите во зимата, ниту таа нема повеќе да има мед. Бедата во која живее таа жена со својата стара и болна мајка, не е далеку само од животот на просечниот европски граѓанин. Најтажното е што нејзината сиромаштија е светлосни години далеку од неизмерното богатство на новите македонски милионери. Нивниот декадентен свет одамна ја изгубил врската со реалноста. Затоа тие повеќе не знаат што значат зборовите чест и човечко достоинство. Меѓутоа, пчеларката од „Медена земја“ го сочувала најдрагоценото нешто за човекот. Чесноста кон ближниот и сочувството со неговата неволја. Таа зрачи достоинство во сета нејзина измаченост и огрубеност од тешкиот живот. Таа жена е оригинал, додека новите богаташи се копија на својата алчност. Во нејзината сиромаштија блеска силината на човечноста и сочувството. Во нивното богатство блеска само лажниот блесок на парите и на моќта. Сиромавиот не го губи своето достоинство и чест во бедата. Додека богаташот може да го сочува достоинството само кога нема да ја заборави бедата на луѓето како пчеларката. Кога тој, токму затоа што богатството е моќ, ќе биде постојано свесен дека тоа го задолжува со своето богатство да придонесе општеството да станува сè похумано. Тоа е идејата на модерните општества, кои имаат систем на социјална поддршка на сиромашните. Само алчноста и загубеното човечко достоинство го помрачува умот до таа мера, што тој потоа брзо го заборава тоа правило на животот во заедницата. Тие што се збогатуваат крадејќи од другите, го губат личното достоинството, но и го уништуваат животот на заедницата.

Не само богатството е голем испит за човечкото достоинство. И политиката, како можност за моќ, прави политичарите лесно да ја изгубат врската со реалноста и со обичните луѓе. Не верувам дека некој денес ќе се осмели, како јас тогаш, да заѕвони во три по полноќ кај другарот на брата си, за да го замоли татко му да го префрли дома. А притоа да знае дека тој е министер.

Слики: Naftali Beder

Извор: DW