Тања Бругуера: Уметноста е алатка која ве спасува од хаосот

10.10.2019 12:48
Тања Бругуера: Уметноста е алатка која ве спасува од хаосот

Тања Бругуера се смета за една од најзначајните и најангажираните уметници во светот денес, која се занимава со инсталација и перформанс, чии дела се однесуваат на општествените ефекти од моќта на политичката сила.

„Јас сум политички уметник“, рече Тања Бругуера на почетокот на своето предавање насловено „Политичко времено специфично“ во Музејот на современа уметност во Скопје, каде гостуваше на 2 октомври и објасни дека како некој што доаѓа од Куба и магистрирала во Чикаго, САД, често се соочувала со арогантноста на западот и со колонијалистички принципи, била ставана во категорија на „латино“ или „жена уметник“. Дел од проблемот било и тоа што нејзинатата уметност била сфаќана како „егзотична“. „А јас сакав да внесам политички став во делото, не само нешто што припаѓа на местото и културата во кои се реализира проектот, туку и политичкиот момент во кој се одвива. Сакам да го внесам и тајмингот како елемент на делото затоа што времето е медиумот на политичарите“. Според Бругуера еден од најголемите предизвици на уметноста денес е како е да се смени менталитетот дека е таа продукција, бидејќи според неа, уметноста е процес на имплементација во општеството. „Не сакам да работам со метафори зашто тие можат да бидат присвоени од оние што ги критикувате, сакам да работам со факти“, рече Бругуера. Исто така, смета дека деполитизирањето на уметноста е опасно зашто на тој начин се пасивизираат луѓето. „Уметноста е алатка која ве спасува од хаосот“.

Изразот „Политичко времено специфично“ е термин кованица на Тања Бругуера, осмислен со цел да се дефинира уметноста која е создадена да постои во одреден политички момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание. Со оглед на тоа што, според неа, веќе не е доволно да се создава уметност како а постериори реакција или коментар, време е да се создава уметност за она што сè уште не се случило и допрва треба да се случи. „Кога нешто ќе прочитаме во весник, веќе е доцна, политичките одлуки се донесени. Прашањето е како да се направи превентивна политичка уметност, во мојот случај тоа значи да се разбере како работи владата, што ќе направат следно“.

Предавање на Тања Бругуера во МСУ, Скопје, 2.10.2019 година

Тања Бругуера учествувала на „Документа 11“, а ја основала и програмата за Бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана. Бругуера има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015 година, во Музејот на современа уметност „Тејт“ во Лондон, во музејот „Гугенхајм“ и во МОМА, музејот на современа уметност во Њујорк. Таа неодамна го отвори Меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана – како школа, изложбен простор и „тинк-тенк“ за уметници активисти и за граѓаните на Куба.

Родена е во 1968 година во Хавана, Куба. Неколку пати била апсена од полицијата во Куба и била притворана. Живее и работи во Хавана и во Њујорк.

Кои се главните поенти на вашето предавање?

На предавањето во Скопје дадов еден преглед на она што го работам и неколку од клучните концепти кои ги користам во мојата работа како уметник. Исто така сакав да ја истакнам разликата помеѓу краткорочните и долгорочните проекти. Мислам дека има голема разлика помеѓу изработување на дело за изложба наспроти социјално ангажиран проект, една од главните разлики е тоа какви стратегии ќе користите.

Првпат доаѓате на Балканот, дали имавте моженост да го разгледате Скопје? Што мислите за спомениците во центарот на градот?

Постои тренд повеќе да се вреднуваат другите култури отколку сопствената, иако не се толку убави. Мислам дека постои една анксиозност да се припаѓа, да се избрише тоа што нè разликува од другите и она што всушниост може да го дополни универзалниот дискурс. Исто така мислам дека во светот денес се одвива процес на гентрификација на формите, па така може да видите градови што личат на други градови, исти работи што се лоцирани на различни места, без оглед на културата. Така што мислам дека таа анксиозност да се припаѓа може да се разреши повеќе со нешта што се различни отколку слични. А тоа што во изградбата на овие споменици, како што слушнав, било инволвирано перење пари, тоа исто така не е новост. Мислам дека во моментот перењето пари преку изградба на објекти е најпрофитабилниот бизнис во светот, насекаде само се градат згради, без никој да се праша кој ќе живее во тие згради. Затоа што тие се празни, изградени се само да се исперат некои пари. Но, има и други држави освен вашата кои го фалсификуваат своето минато со цел да го направат славно и величенствено а тоа води директно во национализам. Така што овие две појави ги гледам како целина, да се избирише еден период од историјата, и во исто време да се внесат чувства - треба да се знае каде води тоа. Исто така, верувам дека ако избришете дел од минатото, колку болно и тешко тоа да било, тогаш не може да одите напред, се наоѓате на ничија земја кадешто не можете да остварите никаков прогрес, бидејќи не сте се соочиле со траумите, не сте заздравиле...но не сум од тука и не сум таа што треба да дава упатства како треба да се постапи...

Тања Бругуера, Мадрид, 2019 година

Како врз вашата кариера влијаеше вашето потекло од Куба, дали ќе работевте вакви дела да бевте родена на некое друго место?

Мислам дека не. Тоа што сум од Куба, земја со социјалистичко уредување, односно што израснав во социјалистичка држава го обележа начинот на којшто го гледам светот и начинот на кој реагирам на социјална неправда и на работите што се случуваат во светот. Чувствувам и се надевам дека луѓето можат да видат дека во моите дела се обидувам да внесам хуманизам и некои идеи за социјална правда, бидејќи тоа беше темелот на револуцијата во Куба, иако веќе не е така или не се случи на начин како што беше ветено, но барем секогаш ја имав таа идеја. Моите дела секогаш гравитираат повеќе кон утопија отколку кон дистопија и мислам дека тука има голема разлика, бидејќи многу луѓе кои се од Запад инклинираат да размислуваат за иднината врз база на дистописки реалности или на дистописки потенцијални иднини, но јас мислам дека денес е тешко да се се биде ентузијастичен во врска со иднината. Сепак, постојано го имам на ум принципот дека секогаш може да изградиме нешто ново и идејата за градење на алтернативни институции потекнува, на пример, и од разбирањето на тоа што е авторитаризмот, дека тој денес се случува и кажувањето на луѓето што ќе се случи следно. Често не ми веруваат и ми велат: „О ти си од тој остров, таму е рај, таму сè е убаво“. А јас им велам: не, не, сум го видела ова порано. И мислам дека сите ние што сме го имале тоа искуство да живееме во авторитарна држава, сега имаме прилика да му покажеме на светот што ќе се случи во иднина, бидејќи веќе сме го преживеале тоа. И фактот што тоа било социјализам, а не капитализам не прави никаква разлика. Во книгата „Извори на тоталитаризмот“, Хана Арент пишува за двата системи и социјализмот и капитализмот и тоа може да се случи каде било. Сите имаме различен начин на гледање на реалноста и различни мерки за етичноста на таа реалност и таа етичност е многу важна во мојата уметничка работа и мислам дека тоа е така затоа што сум од Куба. Не заради тоа што Куба е етична земја и владата не е авторитарна, туку затоа што сега треба да се справи со сето тоа.

Левичарските мислители и не само тие укажуваат на поразот на демократијата секаде во светот и предупредуваат дека таа ќе биде заменета со некои облици на неофашизам.

Се надевам не. Проблемот е што не ја гледаме вредноста на историјата и бидејќи не се инсистира на тоа историјата да биде кажана, таа се држи подалеку од младите луѓе, ги правиме истите грешки. Има млади луѓе, на 20 или 30-годишна возраст, кои немаат буквално никави врски со минатото и тука е местото на кое се прават грешките. Се надевам дека светот нема повторно да поминува низ фашизам, иако ја разбирам оваа идеја на многумина современи филозофи дека при вакава социјална криза во системот, тој кој имплодира и потоа тие го гледаат тоа као единствен начин на кој се трансформира. Сè е во криза: институциите, надежта, довербата итн. Но, се согласувам со нив дека не функционираат ниту социјализмот, ниту капитализмот и мислам дека и двата овие системи не работат правилно и дека можеби треба да се најде друг начин на социјално организирање кој ќе обезбеди сигурност дека владите не се корумпирани, дека гласот на граѓаните навистина ќе биде слушнат, дека не се практикува политика на лажни вести. Не знам дали има готово решение, но ми се чини дека е јасно дека тоа мора да се направи.

Дали според вас е возможно во политиката каква што е денес во светот да се внесат вредности на кои повикуваат некои мислители, како што е емпатијата или солидарноста?

Тоа е тешко, но треба да се направи. Ќе ви кажам зошто: тешко е затоа што основата на функционирањето на денешното општество е конзумеризмот, потрошувачката, стекнувањето, сопственоста, но во исто време има многу луѓе кои се обидуваат да живеат поинаку и за тоа се доказ новите валути. Да, се согласувам за емпатијата и солидарноста, но исто така важна е и великодушноста што е концепт за кој мислам дека многу луѓе не го разбираат. Во денешново општество, многумина мислат дека великодушност е да се направи нешто да да се добие нешто друго. А всушност великодушноста е најубавиот гест бидејќи правите нешто само заради задоволството да се направи нешто добро за другиот. Го правите затоа што мислите дека е добро, дека е морално, а не за да добиете некаква награда за тоа. Мислам дека и оваа категорија мора да ја додадеме кон емпатијата и солидарноста.

Тања Бругуера, Венециско биенале, 2015 година

Вашата уметност честопати ја нарекуваат „корисна уметност“, што значи тоа?

Мислам дека тоа е заради идејата што за мене во денешно време повеќе не функционира парадигмата на Дишан, на пример, која веќе е стара повеќе од сто години, а која се состои во тоа дека ако на некој објект му ја одземете функционалноста, тоа автоматски го прави уметничко дело. Денес, уметноста може да биде дел од размислувањето за општеството, само отстранувањето на корисноста веќе не е доволно, треба да ги најдеме новите начини како може да функционира уметноста. И во ова се состои моето истражување. Како може уметноста да работи за нашето општество, уметниците се дел од општеството, тоа не се некои луди луѓе што живеат изолирано на некоја планина, живееме во градовите, имаме обврски како и сите други и пршањето е како својата професија да ја направиме дел од општеството на начин кој навистина ќе ги вклучува луѓето, а не како елитистичка пракса за богатите или за перење пари. Тоа го истражувам и затоа работам „корисна уметност“.

Какви нови проекти подготвувате во Институтот „Хана Арент“ во Хавана?

Од овој месец почнуваме со нов проект кој ќе се одвива секој петок и е посветен на свесноста за ракот на дојката, во кој покрај другите работи ќе ги информираме за оваа болест жените од соседството, кои не се уметници и кои можеби се плашат да влезат во овој уметнички простор, но тие ќе бидат таму и ќе им кажуваме како да се справат со тоа, а во меѓувреме ќе им прикажеме и уметнички дела на повозрасни жени од Куба. Тоа е момент на еден вид нивно оспособување, зајакнување на нивната позиција. Но исто така, на крајот на секој месец покануваме независни режисери од Куба и ги прикажуваме нивните филмови. Ова го правиме зашто нивните филмови често нема каде да се прикажат, тие се независни, честопати се цензурирани па се обидуваме да креираме простор каде луѓето можат да најдат засолниште од цензурата, од неинформираноста, од незнаењето како да ги изразат своите политички ставови. Тоа се обидуваме да го направиме, тоа е долготраен процес, не може овие работи да ги постигнете за два месеци, тоа проект што треба да трае можеби десет или петнаесет години.

Дали уметноста може да го промени општеството?

Пред многу години, кога никој уште не зборуваше за ова, веднаш ќе кажев – да, уметноста може да го промени светот! Затоа што сакав да ги убедам во тоа и луѓето околу мене, но сега кога многу луѓе се дел од овие размислувања, велам дека уметноста може да влијае да се промени политичкото однесувањето на луѓето, а оттаму почнуваат промените. Тоа може да го поттикнеме, но не мислам дека уметноста ја има инфраструктурата или ресурсите за да го промени целото општество. Она што може да го направи уметноста е да ги охрабри луѓето да посакуваат промена и да ги води тие желби додека не се остварат.

Тања Бругуера, El peso de la culpa

На крајот од својот краток престој во Скопје, Тања Бругуера донираше свое дело на Музејот на современа уметност.