Валкано и повалкано

11.10.2019 01:27
Валкано и повалкано

Пред самитот на ОН за климата, кој се одржа во Њујорк, британскиот неделник „The Economist“ објави „климатски број“ во кој во низа текстови ја анализира динамиката на сегашните и идните односи на капиталистичкиот начин на производство и глобалното затоплување. Во еден од текстовите, чиј наслов реферира на американскиот филм од шеесеттите „Dirty Dozen“ и гласи „Не толку валканите дванаесетмина“, „The Economist“ донесува попис на дванаесетте милијардери чие работење, се вели, е climate-friendly. Стожерниот медиум на економскиот либерализам со ова настојува да му даде замав на разрешувањето на парадоксите по кои се трага откако климатските промени станаа најактуелен глобален проблем и покрај тоа што доминантниот економски систем е темелна причина за уништувањето на животната средина, токму тој и го содржи решението за овој проблем.

Во текот на деведесеттите години бизнис заедницата ги игнорираше климатските промени, при што американските конзервативни милијардери од индустријата за фосилни горива дарежливо ги финансираа организациите кои се занимаваа со негирање на научните докази за глобалното затоплување. Во текот на 2000-те години науката во пошироката јавност почна да се издигнува над овој вид пропаганда, за бизнис заедницата најпосле да еволуира до фазата во која покажува подготвеност за „јаглероден компромис“, пронаоѓање решение со кое би се ублажиле ефектите од климатските промени без да се спроведат фундаментални промени кај пазарната економија.

Самите Обединети нации уште во 2000 година ја осмислија иницијативата Глобален компакт, според чија замисла компаниите кои прават најголема штета, доброволно, како резултат на ненадејна освестеност, својот начин на работа ќе го трансформираат во „одржлив“. Но, како што е вообичаено, корпорациите ја искористија оваа иницијатива за да можат со формално пристапување кон компактот да ги измијат рацете од деструкцијата што ја нанесуваат на животната средина и луѓето и така формално измиени да си го продолжат бизнисот како и обично.

И покрај тоа што во следните дваесетина години свеста за штетноста на климатските промени значително зајакна, а нивните последици ескалираа, во водечките меѓународни организации и бизнис заедницата и натаму како решение се промовираат козметички промени. Така на неодамнешниот климатски самит беше инаугурирана и банкарска верзија на Глобалниот компакт, Принципите на ОН за одговорно банкарство, кон што пристапија 130 банки со вкупен имот вреден 47 милијарди долари. Меѓу принципите е и барањето за усогласување на работењето со целите на ОН за одржлив развој и Парискиот климатски договор, но слично како и во случајот со Глобалниот компакт, мерките за постигнување на овие цели се доброволни, а на банките им се дадени години за да ги осмислат и имплементираат. Освен тоа, истражувањата покажаа дека 16-те банки кои сега им пристапија на Принципите на ОН за одговорно банкарство во трите години откако е потпишан Парискиот климатски договор со речиси 700 милијарди долари се финансираа индустриите за нафта, јаглен и гас, водечките причини за глобалното затоплување.

Тоа се случува и покрај тоа што, според упатствата на Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), основен предуслов за избегнување на неповратното уништување на климата е токму радикалното намалување на емисијата штетни гасови за глобалното затоплување да запре на температурата која е повисока за еден и пол степен во однос на прединдустрискиот период. Токму затоа потпишувањето необврзувачки договори кои овозможуваат сѐ да остане исто, денес рутински се дочекува со огромна скепса, а надвор од мејнстримот сѐ повеќе може да се слушнат гласовите кои зборуваат дека единствената промена која може да ја спаси планетата е радикална трансформација на економскиот систем.

На пример, водечките опозициски партии во Америка и Велика Британија изработија програма за „нов зелен договор“, а во науката која се занимава со проучување на животната средина постои струја која заговара напуштање на капиталистичкиот начин на производство. Паролите како што се „Климатска криза = истребување од страна на капитализмот“, „Да ги изедеме богатите“ или „Очекувајте отпор“ станаа пак вообичаени глетки на климатските протести ширум градовите во западните земји.

Дека и самите капиталисти добро ги слушнале и ги прочитале овие пораки се гледа и од споменатата анализа на „The Economist“, која покажува дека дванаесетте водечки светски милијардери, кои заедно тежат 200 милијарди долари, од 2010 година до денес вложиле 2,6 милијарди долари во развој на технологии за производство на енергија со низок јаглероден отпечаток. Целта на овие вложувања истовремено е и дебело да се заработи и да се одржува економско статус кво, а дека таквата логика во бизнис заедницата стана општоприфатена покажуваат статистиките според кои во 2004 година во зелена енергија биле вложени вкупно 50 милијарди долари, за таа бројка до 2017 година да порасне на 330 милијарди.

Така, меѓу „дванаесетмината не толку валкани“ се најде јужноафриканскиот произведувач на електрични автомобили Илон Маск, произведувачот на батерии за неговите автомобили Роберт Фридланд, кој својата climate-friendly диспозиција ја докажува со поседување рудници за кобалт, никел и бакар во Австралија и Африка, како и неизбежниот Бил Гејтс. Тука е и компјутерскиот инженер Бил Џој кој своето место на оваа листа го заработи со вложување во компанијата Beyond Meat, која произведува „алтернативи на месото“, како и двајца кинески индустријалци и еден Бразилец, најголемиот „етанолски милијардер“ Рубенс Омето чија компанија Косан произведува биодизел на база на шеќерна трска, заедно со нафтениот гигант Royal Dutch Shell.

Текстот потсетува дека „зелениот папа“ Фрањо летоска организираше состанок со шефовите на Бритиш Петролеум, Ексон Мобил, Шел и Тотал, на кој од нив побара да го поддржат системот за тргување со емисија на јаглерод диоксид, па завршува со заклучокот дека без „климатските капиталисти, вклучувајќи ги и оние кои трагаат по профит, зачувувањето на планетата ќе биде уште потешко отколку што е во моментов“. Во останатите текстови од „климатскиот број“, „The Economist“ се занимава и со разни други опасности во однос на климатските промени во зачувувањето на капиталистичкиот поредок во светот и им пристапува нудејќи конструктивни решенија. На пример, се проблематизираат различните ризици за процесите на производството, транспортот и пласманот на производи како што се нивото на морињата, бурите и големите суши и се наведуваат резултати од истражувањата кои покажуваат дека некои компании во услови на понатамошни климатски промени би можеле да изгубат и до 20 проценти од својата вредност.

Во однос на тоа, се анализира и осигурителната индустрија, инаку вториот најголем институционален инвеститор на глобално ниво, која исто така сѐ потешко се соочува со обештетувањето на осигурениците од штетите настанати заради сѐ почестите и понасилните природни катастрофи како што се поплавите, пожарите и ураганите. Годишните осигурани загуби се зголемени за 20 пати од седумдесеттите години, со што осигурителните куќи се обидуваат да се соочат преку зголемување на премиите кои треба да се уплатуваат. Но последица од тоа е што дури половина од регистрираните штети од природните катастрофи минатата година воопшто не биле осигурани, па така речиси 50 проценти од сите Американци живеат во близина на вода, но и покрај тоа 90 проценти од нив немаат осигурување од поплави.

Притоа, организацијата на ОН, како и вообичаено, се наоѓа во шизофрена позиција условена од сопствената структура во која доминира влијанието на големите сили. Заради тоа практично е присилена да формализира половни решенија, и покрај тоа што тие се во спротивност со независните истражувања кои ги нарачува ОН. Токму таква судбина на мртво слово на хартија го снајде и минатогодишното истражување на финските еколози, на чело со оние од независниот институт Биос кој обединува релативно нов вид специјалисти - економисти биофизичари кои се занимаваат со улогата на енергијата во економската активност. Истражувањето е нарачано за потребите на ОН за подготвување на Глобалниот извештај за одржлив развој за оваа година, а во него авторите ја апострофираат воспоставената практика дека во анализите за климатските промени „економистите секогаш ставаат акцент на трговијата со јаглерод диоксид како решение за проблемите на глобалното затоплување, додека сѐ повеќе научници природници и мултидисциплинарни организации велат дека се потребни длабок политички ангажман и проактивно управување со економската транзиција“. Во истражувањето се констатира дека ерата на евтина енергија, на која се темелеше развојот на модерното индустриско општество и која дури 80 проценти се темели на фосилните горива, е зад нас. Затоа светот ќе мора да се прилагоди на црпењето енергија од помалку ефикасни извори, па и производството на таква енергија ќе бара поголеми напори на општеството за спроведување на сите човечки активности.

Авторите предлагаат конкретни промени во областите за производство на енергија и храна, транспорт и домување и тврдат дека дури ни глобално имплементираната идеја за тргување со кредити за емисија на јаглерод диоксид не е доволна за „различни економски актери да се обединат кон заедничка цел“. Тргувањето со јаглеродни кредити досега беше камен темелник на секоја широко прифатена климатска политика затоа што имплицира најмало влијание на државниот интервенционизам, но дури и во случај на глобална примена, тврдат авторите, „одредени актери и натаму би се натпреварувале на пазарот во согласност со својата деловна логика“.

Во делот кој се занимава со економската теорија, авторите тврдат дека ниеден општоприфатен економски модел не е адекватен да даде одговор на моменталната криза, токму затоа што сите тие модели се разработувани врз основа на претпоставката за континуиран енергетски и материјален раст, што веќе не е случај. Затоа предлагаат промена на перспективата според „општествената и структурната димензија на човечкото однесување“, а не само според индивидуалната. Во сценариото кое сѐ уште може да се квалификува само како утописко, финските автори предлагаат создавање „единствени, автономни економии и општества кои соработуваат во регулирана меѓународна трговија заради специфични причини како што се безбедноста на храната, наместо заради принципите на слободната трговија која е цел самата по себе“. Во такво општество „економската активност веќе не би гледала смисла во постигнувањето економски раст, туку во повторна изградба на инфраструктура и практики насочени кон постфосилен свет со радикално помало оптоварување на природните екосистеми“.

Со овој процес, како што тврдат авторите, би требало да управува „група прогресивни држави“, зашто единствено државите имаат легитимитет и капацитет да ги финансираат и организираат големите транзиции. Тие би требало да спроведат економска транзиција која е „во спротивност со моменталното доминантно политичко уредување, организирано околу постулатите на меѓународната слободна трговија“, се заклучува во извештајот кој го нарача ОН - токму спротивно од она што преку оваа и други меѓународни организации се наметнува како единствено можно решение за спас на планетата.

Слики: Nguyen Thanh

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото