Нобеловите награди за 2019

11.10.2019 16:16
Нобеловите награди за 2019

Аби Ахмед Али, премиерот на Етиопија, е добитник на Нобеловата награда за мир за 2019 година.

Како што соопштија од Нобеловиот комитет, наградата на Аби Ахмед му се доделува за „неговите заложби да се постигне мир и меѓународна соработка, а особено за одлучната иницијатива да го реши граничниот конфликт со соседната Еритреа“.

Аби Ахмед стана премиер во април 2018 година и многу брзо постигна мировен договор со соседната Еритреа со кој беше решен спорот помеѓу овие две земји кој траеше со години. Од Нобеловиот комитет напоменуваат дека Аби Ахмед посредувал и во нормализација на дипломатските односи меѓу Еритреа и Џибути, а спровел и значајни реформи во Етиопија, со кој овозможил надеж на граѓаните за подобра иднина.

„Норвешкиот Нобелов комитет се надева дека Нобеловата награда за мир ќе му даде сила на премиерот Аби во неговата важна работа за мир и помирување. Етиопија е втора најнаселена држава во Африка и најголемата економија во Источна Африка. Мирна, стабилна и успешна Етиопија ќе има многу позитивни ефекти и ќе го засили братството меѓу нациите и луѓето од регионот“, наведуваат од Комитетот.

Оваа година за Нобеловата награда за мир имаше вкупно 301 номинација, меѓу која беа и премиерите на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, за постигнувањето на Преспанскиот договор. Меѓу фаворитите за наградата, покрај Аби Ахмед, беа и шведската климатска активистка, Грета Тунберг, како и премиерката на Нов Зеланд, Жаклинда Ардерн.

Нобелова награда за литература

Нобеловата награда за литература за 2019 година му е доделена на австрискиот писател Петер Хандке. Во исто време, полската писател Олга Токарчук со задоцнување ја добива Нобелова награда за литература за 2018 година. Ова го објави Шведската академија во Стокхолм.

Во образложението на Академијата се вели дека полската авторка Олга Токарчук го добива признанието за „наративната фантазија која со енциклопедиската страст го претставува преминувањето на границите како форма на живот“, додека австрискиот автор Петер Хандке за „влијателниот труд кој со лингвистичка инвентивност ја истражува периферијата и специфичноста на човечкото искуство“.

И двете награди се во вредност од по девет милиони шведски круни (околу 830.000 евра). Како и другите Нобелови награди и тие ќе бидат доделени на 10 декември, денот на смртта на основачот на наградите Алфред Нобел. Последен пат Нобеловата награда за литература беше доделена во 2017 година на писателот Казуо Ишигуро.

Досега 14 автори од германското говорно подрачје ја имаат добиено Нобелова награда за литература, вклучувајќи осум Германци. Пред точно десет години, Херта Милер беше последната добитничка на наградата, а пред точно дваесет години таа му припадна на Гинтер Грас.

Минатата година доделувањето на наградата беше откажано поради скандал во Шведската академија и беше одложено за оваа година. Институцијата падна во длабока криза откако неколку жени го обвинија Жан-Клод Арно, сопругот на сега веќе поранешната членка на Академијата Катарина Фростенсон, за сексуален напад и вознемирување. Против Фростенсон и Арно имаше и обвиненија дека наспроти строгите статути на академијата однапред ги откривале имињата на добитниците на Нобелова награда.

Секоја година, Нобеловиот комитет на Академијата прима по околу 200 номинации за престижната награда. Според нејзиниот претседател Андерс Олсон, комитетот летоска избрал потесен круг фаворити составен од осум кандидати од кој пак конечно биле избрани победниците за 2018 и за 2019 година.

Нобелова награда за медицина

Научниците Вилијам Кeлин, Питер Ретклиф и Грег Семенза ја добија Нобеловата награда за медицина во 2019 година за откривање „како клетките се чувствуваат и се прилагодуваат на достапноста на кислородот“, соопшти шведската Академија.

„За основната важност на кислородот се знаеше со векови, но како клетките се прилагодуваат на промените во нивото на кислородот долго време беше непознато“, се истакнува во соопштението на Нобеловиот комитет.

„Годинашните добитници на Нобелова награда го открија механизмот на еден од најважните животни адаптивни процеси“, пишува во соопштението, во кое се додава дека нивните „елегантни“ откритија доведуваат до третмани за анемија, па дури и карцином.

Нобелова награда за хемија

Џон Гуденаф, М. Стенли Витингем и Акира Јошино се овогодинешните добитниците на Нобеловата награда за хемија за развојот на литиум-јонските батерии.

Тројцата научници работеа на развој и усовршување на малите, лесни батерии кои можат да бидат наполнети повеќе од стотици пати и имаат значително поголем животен век од обичните батерии.

„Предноста кај нив е фактот што не функционираат преку хемикси рекации како обичните батерии туку со помош на литиумски јони кои постојано се движат помеѓу анодата и катодата.“, изјавија од Фондацијата Нобел.
Ваквиот вид батерии овозможија револуција во светот на технологијата. Тие ги напојуваат електронските уреди кои секојдневно ги користиме како смартфони, лаптопи па дури и електричните возила. Тие првпат се појавија на пазарот во 1991 година и ја поставија основата за безжичното општество.

„Ваквиот изум е еден од најголемите бенефити за човештвото во поново време“, изјавија од Фондацијата при доделувањето.

Покрај нивната практична корист како дел од секојдневните уреди, батериите имаат моќ да складираат огромна количина енергија од обновливи извори како соларна енергија. Ова ги прави литиумско-јонските батерии, не само технолошки неопходни, туку и еколошки.

Тројцата научници се истакнати професори во областа на хемијата кои предаваат на најпрестижните светски универзитети. Гуденаф, роден во Германија во 1922 година е дел од Универзитетот во Тексас, САД. Витингем, 77-годишен Британец, предава на Униерзитетот во Брингхемптон, а Јошино, 71-годишен Јапонец родум од Осака, моментално предава на Меиџо Универзитетот во Нагоја, Јапонија.

Нобелова награда за физика

Еден американско-канадски и двајца швајцарски научници ја поделија годинешната Нобелова награда за физика. Иако немаат дефинитивен одговор на двете фундаментални прашања на науката: Како дојдовме тука и дали сме сами? Сепак се блиску до вистината.

Канаѓанецот Џејмс Пиблс, 84, професор на Универзитетот Принстон, се здоби со признанието за неговите теоретски откритија во астрономијата, за тоа што се случувало по Големата експлозија и што довело до формирањето на галаксиите и на универзумите какви што ги знаеме.

Швајцарските астролози Мишел Мајор, (77), и Дидие Квелоз, (53), обајцата од Универзитетот во Женева, откриле планета надвор од нашиот сончев систем- која орбитира околу ѕвезда слична на сонцето.

„Годинешните Нобелови лауреати за физика исцртаа слика на универзумот далеку почудна и поубава одошто било кога сме замислувале“, рече Улф Даниелсон од Шведската кралска академија на науки. „Нашиот поглед на нашето место во Универзумот никогаш веќе нема да биде исто“.

Пиблс е веројатно првиот лауреат кој добива Нобел за чисто теоретска космологија, наспроти нешто што може да се види.

Мајор и Квелоз, пак, ја открија првата планета надвор од нашиот соларен систем (наречена и егзопланета), што пак повторно ги натера астрономите да бараат живот на други планети.

„Можеби ќе успееме да откриеме некаков вид на живот. Се уште не знаеме каков“, рече Мајор, додавајќи дека научниците се сигурни дека на многу планети постојат добри услови за живот.

Најавата за Нобеловата награда започна со песната од популарната серија „Теоријата на Големата експлозија“, а следуваа бројни шеги поврзани со ликовите од неа.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото