Уметниците Јана Јакимовска и Ненад Тонкин нудат решение за подобар изглед на центарот на Скопје

12.10.2019 01:16
Уметниците Јана Јакимовска и Ненад Тонкин нудат решение за подобар изглед на центарот на Скопје

Уметниците Јана Јакимовска и Ненад Тонкин, денеска напладне (12 октомври) ќе го започнат ликовниот проект „Визија Скопје“ на плоштад Македонија, кој ќе трае два дена и со кој ќе укажат на проблемот со узурпацијата на јавниот простор во последните 10 години, со почетокот на проектот Скопје 2014, но и ќе понудат можни решенија.

„Сведоци сме на безобразното и брутално узурпирање на јавниот простор во градот Скопје и тоа во последните 10 години, односно со почетокот на проектот Скопје 2014. Од тротоарите до плоштадите и парковите во централното градско подрачје јавните површини сè повеќе се намалуваат. Покрај физичкиот напад голема улога има визуелниот и естетскиот изглед на градот кој проектот Скопје 2014 го доведе до тотална катастрофа. Грдите, неквалитетни и прескапи згради и фасади, уништените паркови и зеленило, несразмерно големиот број лоши фигуративни скулптури на мала површина на плоштадот во Скопје создаваат слика на хорор и лудило која е наша реалност и секојдневие“, велат Јакимовска и Тонкин.

„Визија Скопје“ е ликовен проект кој има преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап нуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје. Тоа е и коментар, но и критика на постоечката состојба. Припаѓа во категоријата на site specific проекти реализирани во јавен простор од времен карактер.

Како позитивен пример, а и според начинот на реализација може да се користи и во други средини.

Начинот на реализација е преку употреба на визир-скици да се најдат нови решенија за конкретни локации на плоштадот, но и да се искоментира и критикува постоечката узурпација. Цел на размислување може да биде една конкретна зграда, скулптура или пак поголем дел од плоштадот.

Учесници / реализатори на делата ќе бидат студенти од Факултетот за ликовни уметности од Скопје, Архитектонскиот факултет од Скопје и Ликовната академија од Штип. Изработените дела ќе останат на истите позиции до крајот на денот (сабота 12 октомври) и во текот на следниот ден (недела 13 октомври) во вид на јавна изложба.

„Визија Скопје“ е проект финансиски поддржан од Град Скопје во рамките на годишната програма за 2019 година.

 

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Уметност
Јавни простори / Култура / Уметност
Јавни простори / Свет / Уметност / Историја
Јавни простори / Уметност
Јавни простори / Уметност
Јавни простори / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото