Обична љубовна песна

12.10.2019 09:45

Како настрадав пробувајќи
Да спасам една
Одамна заборавена љубов
И како
Љубовта не признава
Проби
И како за љубовта
Сѐ е стварно
И како пробав
Да ја прошверцувам
Љубовта
Во чад од цигара
И како на граница
Ме фатија по чадот
Како ја фатија љубовта
А мене ме вратија назад
На старата лекција
И како не пуштив глас
И како
Ги голтав солзите
Со чувство дека пливам во океан
И моќта на бранот
Ме вивнува во небо
А силата на моето его
Дава отпор
Поради тоа што не сака с о л е н о
Како по милионити пат
Мојата душа беше сродна
А сродната душа
На мојата душа
Зафатена со плаќање сметки
Од минатото, идното,
Од другите димензии
На светската душа
Како во име на љубовта
Му дозволив на бранот да ме носи
И мојата душа се собра во зрно сол
На врвот на ножот
Што сродната душа ми го забоде во срцето,
Во срцето на телото
Што не знае
Како е да се живее без љубов
Тело од кое ударите се одбиваат
како гумена топка
што скока
сморена од силата на земјината тежа
и во еден миг станува точка
како со помош на само една точка
ѝ ставив крај на бесконечната сага за
љубовта
растегната како стопен кашкавал
како заразна насмевка
од едниот до другиот крај на устата
што чека да голтне

да ја голтне љубовта

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото