1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 02:59
Бугарија го фрли камчето. Тоа се вика „Рамковна позиција“. Мислев дека инатењето е во суштина поради коските на Гоце Делчев, но работата се покажа далеку полоша.
Да започнам со позитивното: Бугарија сака нејзините соседи да ги рехабилитираат жртвите на југословенскиот терор, честопати насочен кон луѓе кои се идентификуваа како етнички Бугари. Одлично, тоа е суштински момент во декомунизацијата која задолжително и претходеше и на евроинтеграцијата на источна Европа. Но зошто тука одеднаш се појави и барањето да се тргнат натписи кои ја споменуваат бугарската фашистичка окупација? Можеби не била толку страшна како што ја претставуваат југословенските идеолози, но нели не се сомневаме дека се случила? Јас предлагам да се смириме малку на таа тема, да ја признаеме историската вина на нашата држава, која одлучи да ги преземе териториите подарени од Хитлер во тој срамен сојуз.
Истата симетрија ја гледам и по однос на темата за малцинствата. Бараме од Скопје да не претендира врз македонско малцинство во Бугарија, но малку понатаму во позицијата, настојуваме Албанија да признае бугарско малцинство. Постојат две решенија за малцинското прашање- или сите ќе се откажат од малцинствата кај соседите и следствено нема да признаваат такви на своја територија, или (кое ми се гледа како европски пат) да го признаеме правото на секого да се смета за член на која сака етничка група. Во таа втора верзија треба да настојуваме Македонците да признаат бугарско малцинство, кое никогаш не фигурира во нивните пописи. Зошто не ја отвораме таа тема: ќе се сетите, затоа што сакаме некако тие сите да се прогласат за Бугари. Не гледам посебни најави за тоа, доколку ги исклучиме оние кои земаат бугарски пасоши за да емигрираат во Германија.
Да се избегнува „македонскиот јазик“?
Најбезумен ми делува пасусот за јазикот. Во него се посочува следното: „Во однос на јазикот да се користи фразата ’официјален јазик на Република Северна Македонија’. При апсолутна неопходност да се користи терминот ’македонски јазик’ во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фусноста да се појаснува дека е тоа „согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Затоа што македонскиот бил поврзан со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година. Што претпоставува ваквиот лупинг? Во нашиве популистички времиња, оние кои ќе признаат постоење на македонски јазик ќе бидат остро напаѓани од медиумската полиција.
Претставете си сличен ултиматум од Италија кон Шпанија: при споменување на изразот шпански јазик да се стави ѕвездичка со која ќе се објасни дека тој произлегува од латинскиот, сопственост на нашата татковина.
Јас многу сакам нашиот јазик да го зборуваат повеќе луѓе, затоа што тоа е мојот занает, да пишувам текстови на бугарски јазик. Македонски разбирам, но не многу добро - најлесно ми е кога разговарам со постари лица за секојдневни теми. Експериментирав со студенти - им давав весник од Скопје- ги терав да го преведат. Дури и најголемите националисти не успеваа. Овој официјален, политичко-новинарски јазик доста отстапува од старите наречја. По истата логика, не е очигледно дали еден Шпанец денес би го разбрал добро италијанскиот - има многу заедништво, но и многу разлики, кои мора да се научат.
Во Бугарија стана прашање на национален ритуал да се пуштаат интервјуата на македонските дејци без превод (како што на времето немаше превод од руски). Ќе чуете сериозни закани од страна на национал-популистите кон медиумите кои си дозволуваат да преведуваат. Предавници, им го признаваат јазикот!
Дали слушањето без превод ќе го ликвидира македонскиот јазик не знам, но непосредниот ефект од тоа е дека не разбираме сосема добро. Доколку сакаме да ги приближиме јазиците, како што тоа го сторија на почетокот на минатиот век Србите и Хрватите, веројатно ќе треба да почнеме со изместување на нашата сопствена јазична норма кон западните дијалекти, а тие пак- кон своите источни. Преку прифаќање на некои нивни колоритни думи како „политичари“, со патувања, со размена на студенти, а најмногу со борба за тоа медиумите од едната и другата страна непречено да пристигнуваат кај соседот. Зошто ова последното го нема во декларацијата? Просто не разбирам. А тоа е далеку поважно од заедничките ритуални чествувања; а притоа слободниот проток на информации чудесно одговора на ЕУ.
Еден народ?
Да обрнеме внимание и на тезата за еден народ во две држави, која толку им се допаѓа на националистите. Таа едноставно не може да биде наложена со ултиматуми и закани. А и тешко е да се одбрани- затоа што во Северна Македонија живее една третина Албанци. Тие дел ли се од нашиот заеднички народ или не? А сите останати жители на двете земји: Турци, Роми, одреден број Срби и други луѓе поврзани на различни начини со бивша Југославија?
Самиот израз „народ“ е доста нејасен. Покоректни термини се „етнос“ и „нација“. Дали се изградила здрава македонска нација- тоа е прашање на интерпретации. Но сигурно е дека таа е различна од нашата поради различниот пат на тоа население низ 20-от век. А дури ако почнеме да говориме за етнички групи во ЕУ, едноставно ќе станеме смешни. Европа не е збир на племиња, туку од национални држави. Дека во целиот балкански микс, еден од голем дел од Бугарите (да речеме 5 милиони) се најблиски до славогласните во Северна Македонија (на пример, 1,3 милиони) ми се гледа очигледно, но што да правиме сега? Втора, овојпат антрополошка, Комисија за договорот за добрососедство?
Ми се чини дека господин Борисов просто се мачи како да им угоди на националистите. Сочуствувам со него, но самиот си е виновен. Во меѓувреме, Србија води преговори за членство во ЕУ и започнува да претендира за местото регионален лидери, кое го дели со Грција- деновиве предложи мал Шенген со Македонците и Албанците, добива специјална поддршка од Вишеградската група, продолжува да поддржува сериозно културно присуство во регионот... А Бугарија ќе си остане со глупавата заштита на националната чест од пред повеќе од еден век. Неодамна гледав млади Македонци на една конференција. Само да знаете колку слободно си разговараа на српско-хрватски со другите учесници. Зошто? Ајде да размислиме.
Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија и предавач на Универзитети во САД и Франција. Тој е редовен колумнист на бугарската редакција на ДВ.
Слики: Свирачиња
Извор: DW