Понеделник

14.10.2019 01:00
Понеделник

Понеделник, првиот ден во неделата, во словенските јазици го носи името понеделник (руски понедельник, полски poniedziałek, српски понедељак, хрватски ponedjeljak, словенечки ponedeljek etc.) зашто следи веднаш ПО денот во кој НЕ се ДЕЛА. Римјаните овој ден го нарекувале dies Lunae - „ден на Луна“.

Во римскиот пантеон Луна е персонификација на Mесечината (лат. luna „месечина“). Варон пишува дека култот на оваа божица во Рим бил донесен од сабинскиот крал Тит Татиј. Кралот Сервиј Тулиј (c. 575-535 год. п.н.е.) на Луна ѝ изградил храм на ридот Авентин, веднаш до храмот на Дијана. Имала и храм на Палатин кој ноќе бил целосно осветлен. Во римската уметност Луна е најчесто претставена како жена што вози бига, букв. „двопрега“ – кола впрегната од две животни, обично коњи или волови. Најчесто е во друштво на богот на сонцето Сол (лат. sol „сонце“), кој на релјефите вози квадрига, „четворкола“, кола впрегната од четири животни. Луна и Сол во Рим биле почитувани како заштитници на циркуските игри. Во нивна чест еднаш годишно биле приредувани игри во кои учесниците се натпреварувале во трки со биги и квадриги. Луна била заштитничка на оние што возеле биги, а Сол – на оние што возеле квадриги.

Од латинското dies Lunae се изведени имињата на денот понеделник во јазиците од романската група: француски lundi, италијански lunedì, шпански lunes, романски luni etc. И во јазиците од германската група понеделник е ден на месечината. Името на овој ден во овие јазици е, всушност, превод на латинската синтагма dies Lunae: англиски Monday („Moon’s day“), германски Montag („tag des Mondes“) etc. Понеделник е ден на месечината и во албанскиот јазик: e hënë „понеделник" буквално значи „на месечината“ (албански hënë „месечина“).

Felix dies Lunae nobis sit!

Слика: Божица Луна (Arch of Constantine, Rome)

Слични содржини

Култура / Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја

ОкоБоли главаВицФото