Антиквизацијата наоѓа терен и во ЕУ

14.10.2019 10:27
Антиквизацијата наоѓа терен и во ЕУ

 

Антиквизацијата, со различни форми на политизирање на општеството со теми од антиката и историјата, која доби израз на масовна фасцинација кај дел од населението во Македонија, повеќе ја нема онаа сила со која претходниот режим се обидуваше да ја велича сопствената големина. Сегашната Влада направи напори за ублажување на провокациите кон соседите, иако сè уште не е јасно која верзија на историјата најпосле ќе биде прифатлива за унапредувањето на добросoседскте односи.

Но, епохата на антиката неретко наидува на интересни толкувања и поигрувања со историјата и во други делови во Европа. Всушност, повикувањето на античкото наследство создава привид дека е поблиску до современиот миг, можеби и повеќе отколку што би можело да се поверува во тоа.

Односот кон антиката е предмет на постојана дискусија и, како што укажуваат историчарите, без знаење за тој период нашата историска свест не е доволно изградена. Интересно е дека антиката, како историска епоха поврзана со градење идентитет, е актуелна и на северот на Европа, во нордиските земји, а што повторно предизвика дебата откако шведскиот Училишен завод неодамна го повлече својот контроверзен предлог да се укине изучувањето на антиката во наставната програма по историја.

Предлогот, според кој би требало да се посвети поголемо внимание на знаењетo од периодот по Втората светска војна, а помалку од периодот на антиката, наидоа на остри критики. Притоа беа изнесени повеќе интересни, но и помалку познати аспекти поврзани со античката историја.

Пред неколку години италијанскиот археолог аматер Фелис Винчи објави книга во која тврди дека Одисејата всушност се одигрувала во Балтичкото Море, каде што се наоѓа и античката Троја – во малото место Тоија во Финска. Тероијата на Винчи не наоѓа посериозна потпора во археолошкиот, лингвистичкиот или историскиот изворен материјал. Но без знаења околу античкиот период ваков вид идеи и теории сепак успеваат да најдат почва за натамошно ширење.

Културните манифестации што ги организирало локалното здружение во Троја, при што биле презентирани „откритијата“ на Винчи и е извршено крунисување на „убавата Хелена“, добиле финансиска поддршка и од „Европскиот развоен и гарантен фонд за земјоделство“ на ЕУ. Притоа на антиката се гледа како на културен линк што ги поврзува земјите во Европа.

Интересен е и примерот на општински советник во Стафансторп во јужна Шведска од редовите на конзервативната партија на Модератите, кој во предизборната кампања во минатата година настапи со својот изборен плаката „Ова е Спарта“, преземајќи ја таа реплика од холивудскиот филм „300“ кој се базира на битката кај Термопилите. Модерниот изборен афиш на шведскиот политичар бил украсен и со „спартански шлем“, при што многумина овој гест можеби на прв поглед би можеле да го сфатат како израз на уметничка слобода.

Но, во еден дебатен напис двајца доценти по античка култура забележаа дека ваква незграпност би можел да направи само некој што располага со скудни знаења за антиката, поставувајќи го едновремено прашањето дали општинскиот советник од Стафансторп бил свесен за поттикнување на асоцијации на Јозеф Гебелс? За нацистите античките општества и посебно античката Спарта претставувале идеал. Во еден говор во јануари 1943 година Гебелс силно ја нагласил подготвеноста за жртвување на спартанската армија кај Термопилите како урнек за германската армија во врска со битката кај Сталинград.

Без доволно познавање на антиката тешко би можело да се располага со способност за проблематизирање на ваков вид идеолошки злоупотреби. Антиката често функционира како идеал за елитите, но исто така била користена и од радикални и прогресивни движења за изразување на отпор и легитимирање на културни промени. Токму затоа, инсистирањето да се избрише антиката од образованието во училиштата не значи дека античките референци ќе исчезнат од нашето опкружување – но стануваат несфатливи и недоволно јасни. Критичарите укажуваат на непромисленото разграничување и оддалечување на историските релевантни контексти. Така, на пример, во споменатиот предлог на шведскиот Училишен завод за исфрлање на антиката од наставната програма, во ист време се наведува дека образованите по историја ќе ги обработува „различните форми на демократија“. А токму во тој контекст антиката е крајно релевантна, бидејќи да се предава за модерната демократија без да се укаже на Атичката демократија би претставувало чист историски фалсификат.

Во споменатата дебата во Шведска беше констатирано дека повеќемина историчари и истражувачи го опишуваат значењето на антиката на начин кој го посочува „постојаниот дијалог на нашата култура со антиката“, што овозможува и подлабоко разбирање на другите историски епохи.

За „Скопје 2014“, како контроверзен мегаломански проект, се разбира, тешко би можело да се најде пандан во Европа. Но несомнено дава повод да се зборува за еден поширок контекст на можни злоупотреби на антиката зад сомнителен идеолошки превез. Тоа секако не може да помине без голема конфузија и внесување дисонантни тонови во пошироката јавност. И тоа без оглед на напорите што ги прават владините комисии за ревизија на историјата, со цел да се унапредат добрососедските односи. Меморијата на луѓето изградена низ образовниот процес, и преку масовна пропаганда, тешко ќе може да биде „корегирана“, и покрај силните соседски ревизионистички апетити на кои е изложена Македонија на историската ветрометина.

Унгарскиот историчар Георги Шофлин смета дека националните митови за потеклото и културното наследство не се зависни од нивото на вистинитоста што ја содржат – кога еден мит е создаден тој секогаш ќе наоѓа приврзаници и ќе станува сè потешко да се оспори неговата содржина. Но кога нациите полагаат право на ист мит, тврдејќи дека располагаат дури и со ексклузивно право на него, конфликтот е неизбежен.


Слики: Свирачиња
Извор: Плус Инфо

ОкоБоли главаВицФото