Демократија на работ на пропаста

15.10.2019 00:47
Демократија на работ на пропаста

Во романот на Мохамед Ханиф, „Црвени птици“, има една сцена во која пилотот на американски бомбардер кој се урнал некаде во Арабиската пустина и завршил во бегалски камп, со сопственикот на локалната на продавница разговара за крадци. „Нашата влада е најголем крадец“, вели тој. „Краде и од живите и од умрените“. На тоа продавачот одговара: „Фала му на бога ние немаме такви проблеми. Ние крадеме едни од други“.

Оваа мала вињета добро ја резимира пораката на новата книга на Дарен Асимоглу (Daren Acemoglu) и Џејмс Робинсон (James Robinson), „The narrow corridor: states, societies, and the fate of liberty“ (Тесниот премин: држави, општества и судбината на слободата). Тука, авторите изнесуваат тезата дека изгледите за остварувањето на слобода и просперитет зависат од постигнувањето на многу деликатната рамнотежа помеѓу државната репресија од една страна и беззаконието и насилството во кои општествата често запаѓаат, од друга страна. Ставањето на преголеми овластувања на државата во однос на општеството води во деспотизам. Ако државата е премногу слаба, ќе завршиме во анархија.

Како што се истакнува во насловот на книгата, помеѓу двете дистопии води тесен премин кои го пронашле само мал број држави, главно во индустријализираниот запад. Асимоглу и Робинсон нагласуваат дека доколку цивилното општество не е будно, претпазливо и способно да се мобилизира против потенцијалните автократи, секогаш се заканува можноста за регресија во авторитарни облици на владеење.

Новата книга на Асимоглу и Робинсон се потпира на нивниот претходен бестселер „Why nations fail: the origins of power, prosperity, and poverty“ (Зошто пропаѓаат државите: изворите на моќта, просперитетот и сиромаштијата). Во таа книга и во другите нивни дела, како главни придвижувачи на економскиот и политичкиот прогрес, тие го одредуваат она што го нарекуваат „инклузивни институции“. На пример, такви институции се заштитата на приватната сопственост и владеењето на правото, се достапни на сите граѓани ( или барем на најголемиот број) и не дозволуваат фаворизирање на мали групи елити во однос на остатокот на општеството.

Земјата што најмногу ја загрозува таа нивна теза е Кина. Политичкиот монопол на Комунистичката партија на Кина, високото ниво на корупција и леснотијата со која им се одзема имотот на политичките конкуренти и економски опоненети воопшто не личат на инклузивни институции. Сепак, не може да се одрече дека во последните четири децении, кинескиот режим одржал невидени стапки на економски пораст и го изведе најголемото намалување на стапката на сиромаштија познато во историјата.

Во претходната книга, авторите тврдеа дека кинескиот економски раст брзо ќе запре доколку експолоататорските политички институции не бидат заменети со поинклузивни. На тоа инсистираат и во новата книга. Кина ја опишуваат како земја во која државата доминирала над општеството во време од речиси два и пол милениуми. По толку време, тврдат тие, мали се шансите Кина да го пронајде тесниот премин на демократијата. Во случајот на Кина, според нивно мислење, изгледите за политичка реформа и продолжување на економскиот раст остануваат многу мали.

Втора голема држава која денес ја негира тезата на авторите се Соединетите држави. Во времето кога излезе нивната претходна книга, многумина мислеа дека токму Соединетите држави се најдобар пример на функционирањето на инклузивните институции, зашто тоа е држава која се збогатила и изградила демократија штитејќи ја приватната споственост и владеењето на правото. Но дистрибуцијата на доходот во САД стана пореметена како во вистински плутократија, додека политичките институции на нејзината претставничка демократија потклекнуваат под жестоките напади на демагозите.

Изгледа дека „Тесниот премин“, делумно е напишана и за да се истражи таа перцепирана слабост на либералните демократии. Авторите го воведуваат терминот „ефект на црвената кралица“ за да ја опишат постојаната борба за зачувување на отворените политички институции. Како Алиса, и цивилното општество секогаш мора да трча побрзо од авторитарните водачи и нивните деспотски амбиции.

Способноста на цивилното општество да се спротивстави на „Левијатанот“ би можела да зависи од природата на општествените поделби и нивната еволуција. Демократиите обично настануваат со побуна на група луѓе, доволно голема за да ја оспори моќта на елеитите или со поделби внатре во самите елити. Мобилизацијата на таквите групи во 19-от и 20-от век предизвикаа индустрализацијата, светските војни и деколонизацијата. Владејачките елити конечно го прифатиле барањето на противничката страна да се прошири правото на глас, без условување за поседување имот (обично) за сите мажи. За возврат, групата што стекнала право на глас го прифатила ограничувањето на моќта за експропријација на големосопствениците. Накратко, правото на глас е дадено во замена за сопственичките права.

Но, како што тврдев во заедничкото дело со Шарун Муканд (Sharun Mukand), либералната демократија бара повеќе од тоа: таа подразбира права кои ќе ги штитат малцинствата (може да ги наречеме граѓански права). Одредувачка карактеристика на политичката спогодба која произведува демократија е тоа што од преговорите се исклучени оние на кои заштитата на граѓанските права им е најпотребна, а тоа се малцинствата. Тие на своја страна немаат ниту ресурси (како елитите), ниту бројност (како мнозинството). Оттаму, оваа политичка спогодба ѝ дава предност на осиромашената верзија на демократијата, која би можеле да ја опишеме како изборна – во однос на либералната демократија.

Со тоа може да се објасни зошто либералната демократија е толку ретка ѕверка. Неуспехот во заштитата на малцинските права е добро позната последица на политичката логика врз основа на која се воспоставува демократијата. Она што бара објаснување не е релативната реткост на либералната демократија, туку самото нејзино постоење. Не изненадува тоа што либералните демократии се малубројни, туку фактот што воопшто постојат.

Тоа не е утешен заклучок во време кога либералната демократија е соочена со закани дури и во оние делови од светот во кои, како што верувавме, е трајно вкоренета. Но разбирањето на тоа колку либералната демократија е всушност кршлива би требало да ни помогне да ја надминеме апатијата која настанала затоа што досега ја прифаќавме здраво за готово, како нешто што се подразбира.

Слики: Nate Kitch

Извор: Project Syndicate

 

ОкоБоли главаВицФото