1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Лоши вести доаѓаат од Брисел, добри вести од вашата влада: фактот дека старите ЕУ-членки го користат овој метод е одамна познат. Во меѓувреме ваквата тактика е омилена и на периферијата на Европската унија, а ја употребуваат и земјите кои сакаат да станат дел од ЕУ. Еве, на пример, воведување 100 отсто царини од страна на Косово за српските производи, како реакција на обидот на Белград да го блокира влезот на Косово во Интерпол. Дали има поголем контраст на европскиот дух отколку воведување на произволни царини и спречување на безбедносната соработка? Згора на тоа: граѓаните на двете земји ги поддржаа ваквите чекори.
Политички игри на моќ наместо помирување
Друг пример: Бугарија се заканува со вето за членството на земјата ЕУ-кандидат - Северна Македонија. Слично како и Грција, која на својот мал сосед 28 години му го блокираше патот за влез во сите меѓународни институции, се исполнува бугарската популистичка желба и свечено бара Скопје да го преиспита својот став кон минатото. „Casus belli" е прашањето поврзано со тоа кому му припаѓа револуционерот Гоце Делчев, роден во Османлиското царство, етнички Бугарин и основач на македонското револуционерно движење. Заедничка историска комисија од двете земји треба да ја разјасни контроверзната тема, но барем дошла до заклучок дека двата народа во средниот век делеле заедничко наследство. Но модерното време се покажува како камен на сопнување зашто се појавува автономна македонска нација во рамките на социјалистичка Југославија. Софија непопустливо одбива да ја признае оваа нација. Но, зошто токму сега се појавува ваков скандал? Во Бугарија претстојат важни локални избори и десните екстремисти, исцрпени од нивното учество во владина коалиција, се чини се во потрага по непријатели и политички пораки.
Поради политички игри на моќ во двата ентитета на Босна и Херцеговина е невозможно да се дојде до помирување и обединување на оваа проблематична земја. Освен тоа, постои и конкурентска борба на патот кон ЕУ, што поттикнува негативни чувства меѓу соседите – кој е поблиску до целта, Северна Македонија или Албанија?
Балканските земји се потпираат на ЕУ за да ги консолидираат националните држави
Значењето на европската интеграција во одредена мера се претвори во спротивното: наместо да се обидат да ги надминат нацоналните разлики со спојување на економските ресурси (како што сторија земјите основачки во 1950-те), балканските земји се потпираат на ЕУ за да ги консолидираат своите национални држави и да им дадат легитимитет на сопствените политички елити. Овие мали земји се настанати со разграничување од соседите – и со помош на геполитички „спонзори“ во времето околу Првата светска војна, од каде потекнува и терминот „балканизација“. Поттикот во правец на обединување најчесто доаѓа однадвор – од сојузниците во случајот со повоена Југославија, од Варшавскиот пакт и НАТО, и сега од европските проекти како „Берлинскиот процес“ од 2014, кој меѓу другото и со финансиска помош промовира подобра интеграција.
Може ли Балканот и без поттик однадвор оваа интегација да ја смета за значајна цел? За такво нешто треба прво да престанеме регионот да го делиме на ЕУ-членки и земји кандидатки, бидејќи овие земји се неверојатно слични. Просечната месечна плата е меѓу 400 и 600 евра, само во Грција и Хрватска се нешто повисоки. ЕУ-членките Бугарија и Романија имаат само мала предност во однос на земјите кандидати Србија и Црна Гора, кои неодамна започнаа со отворање на преговарачките поглавја. Инфраструктурата насекаде е лоша, националниот протекционизам често ја попречува трговијата или инвестицииите, а туризмот е важна гранка во регионот. Поради масовната емиграција има големи празнини на пазарот на трудот. Повеќето валути се слаби или врзани за еврото, како на пример бугарскиот лев. Црна Гора и Косово го користат еврото како платежно средство и покрај тоа што не се членки на еврозоната. А не започнавме да ги броиме сличностите во музиката, кујната, јазиците и обичаите...
Политичарите заглавени во 20 век
Нели овие сличности можат да бидат основа за потесна регионална соработка? Деновиве Србија, Северна Македонија и Албанија разговараа за можноста да се воведе еден вид „мини Шенген-зона“ за трите земји. Зошто во оваа група да не влезат и Бугарија и Романија? Поради сличниот животен стандард нема да дојде до големи миграциски движења од една во друга земја. Меѓуграничната размена и трговијата само ќе профитира од отворени граници. Но, и двете ЕУ земји членки Бугарија и Романија се сметаат за супериорни и сметаат дека доколку влезат во „малиот Шенген“ нема да бидат никогаш примени во големата европска Шенген-зона. Во основа, работите се токму спротивни – колку е поголема регионалната соработка, толку е полесно да се стане дел од големата Европа. Слични форми на сорабока би биле можни и во други области и без да се чека препорака од ЕУ за да започнат – транспорт, заштита на животна средина, комуникации или банкарство.
Оваа визија може понатаму да се развива во една регионална група – слична на Нордискиот совет, Балтичкото собрание, Бенелукс или Вишеград – која ќе се залага за интересите на балканскиот регион. Ова би одговарало на новата геометрија на „концентрични кругови“ во ЕУ, која е во најава. Балканот нема да биде во средиштето на овие кругови, но да се надеваме дека нема да биде ниту на надворешна позиција. Зошто е тешко да се спроведе една ваква регионална интеграција? Меѓу другото, замисливо е ривалство помеѓу Бугарија и Србија, или обиди на Грција и Србија да ја преземат лидерската улога. Освен тоа, Хрватска и Романија одбиваат да бидат воопшто перцепирани како балкански земји. Контрадикторни влијанија доаѓаат од САД и Русија, а популистите и понатаму се занимаваат со потпалување на духовите од минатото. Во балканскиот регион на политичарите им се придава преголемо значење во споредба со граѓаните и компаниите. Тие имаат преголем страв дека би биле бескорисни во денешниот свет, па затоа претпочитаат да си останат заглавени во 20 век.
Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Бугарија. Меѓу другото има предавано и во Германија, Франција и САД.
Извор: DW