Португалија ја избра левицата

16.10.2019 00:00
Португалија ја избра левицата

Антонио Коста

На изборите во Португалија, одржани во неделата на 6 октомври, надмоќно победија Антонио Коста и неговата Социјалистичка партија (PS, Partido Socialista) од левиот центар. Доверба им изразија околу 37 проценти од гласачите. Второто место го освои Социјалдемократската партија (PSD, Partido Social Democrata), партија од десниот центар. Таа доби околу 28 проценти од гласовите. Донтоновиот метод на конверзија на гласовите во мандати на Социјалистичката партија ѝ донесе 106 парламентарни мандати, а на Социјалдемократската партија 77, иако последниов резултат може малку да се зголеми. Сѐ уште не се распределени четири мандати резервирани за иселениците, а гласачите во странство традиционално гласаат за Социјалдемократската партија.

На трето место е Левиот блок (BE, Bloco de Esquerda), партија на левите социјалисти, со околу десет проценти од гласовите и 19 пратеници, додека на четврто место е Унитарната демократска коалиција (CDU, Coligação Democrática Unitária), заедничка листа која настапува на избори од 1987 година. Ја сочинуваат Португалската комунистичка партија (PCP, Partido Comunista Português) и Еколошката партија на „Зелените“ (PEV, Partido Ecologista ‘Os Verdes’). Со седум проценти од гласовите, коалицијата освои 12 мандати.

Четвртиот традиционален учесник на изборите, Демократскиот социјален центар (CDS, Centro Democrático Social) со десна ориентација, на неделните избори доби четири проценти од гласовите и 5 мандати. Тоа е една третина во однос на претходните избори и прашањето е дали оваа партија во која се случи раскол воопшто ќе опстане по уште еден мандат во опозиција.

ПС и ПЦП од лево и ПСД и ЦДС од десно се традиционални учесници во изборните натпревари и доминираат уште откако Движењето на вооружените сили на 25 април 1974 со лев воен удар ја собори салазаристичката диктатура и ја пренесе Португалија во демократија.

Од првите демократски избори, по падот на диктатурата, до овие неделните, на власт се менуваат ПС и ПЦП од една страна и ПСД и ЦДС од друга, освен во 1983 година, кога ПС и ПСД направија голема коалиција, наречена Централен блок (Bloco Central). Во 1999 година на водечката четворка ѝ се придружи тогаш основаниот Лев блок, основан од незадоволните од левото крило на социјалистите и десното крило на комунистите, и учествуваше во владата секогаш кога социјалистите ги освојуваа изборите.

Антонио Коста во изминативе години вешто ја водеше досегашната влада составена токму од социјалистите, Левиот блок и комунистите. Со оглед на изборниот резултат, нема сомнеж дека претседателот на републиката Марсело Ребело де Соуза ќе му довери уште еден мандат за составување влада. Бидејќи во парламентот има 230 мандати, Коста, по вообичаениот театар на сенки при формирањето влада, повторно ќе мора да направи коалиција, а Левиот блок и комунистите тешко ќе можат да најдат оправдување да не прифатат уште едно влегување во коалициска влада под негово водство.

Кои се најголемите губитници и добитници на овие избори? Најголем губитник е самиот модел на репрезентативна демократија. Имено, дури 45,5 проценти од гласачите, најмногу досега, не сметаа дека вреди да се излезе на избори и, останувајќи дома, им препуштија на другите да одлучуваат за нивната судбина. Од друга страна пак, гласачите сепак не избраа ниедна антисистемска, протестна партија или партија без никаква програма, иако во понудата имаше и такви.

Губитник е и угледот на Португалија да остане, како досега, со Луксембург и Малта, една од трите држави во Европската унија без екстремна десница во парламентот. Имено, еден мандат освои партијата Доста! (Chega!), крајно десно популистичка партија основана во април годинава. Како политичка програма ги нуди „португалскиот национализам“, општествениот конзервативизам, радикалниот економски либерализам и залагање за спречување на миграциите.

Социјалдемократите постигнаа најлош резултат уште од 1983 година, кога мораа да се согласат на голема коалиција со социјалистите. Демократскиот социјален центар исто така е губитник во однос на минатите избори, со освоени една третина од мандатите изборени во 2015 година. Неговиот пад и функционирањето во иднина дополнително го оптоварува влегувањето во парламентот на неговите двајца нови конкуренти од десницата и екстремната десница: Либералната иницијатива (IL, Iniciativa Liberal), од десниот центар, основана пред две години, го освои својот прв парламентарен мандат, исто како и екстремната Доста!.

Комунистите пак го остварија најлошиот изборен резултат уште откако Револуцијата на каранфилите им овозможи да излезат на избори, иако и бројот на претставници на овие избори им дава доволен коалициски потенцијал за формирање владино мнозинство.

Главен добитник несомнено е досегашниот премиер Антонио Коста. Во својот прв мандат успеа да ја извлече земјата од челуста на „тројката“ на Европската унија (Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и Европската комисија), од наметнувањето на неразумното штедење и понатамошното намалување на буџетските средства за социјална политика што ги спроведуваше претходната социјалдемократска влада од 2011 до 2015 година. Кога ја формираше коалицијата со социјалистите, комунистите и Левиот блок, многумина се сомневаа во опстанокот на власт на дотогашниот градоначалник на Лисабон, претходно министер за внатрешни работи и правосудство, правник по потекло од индиската Гоа, некогашната португалска колонија.

Комунистите тогаш се залагаа за зголемување на минималната плата и напуштање на еврото, Левиот блок пак се залагаше за јакнење на социјалните политики, што предизвика незадоволство кај „тројката“, а десната опозициска коалиција групирана околу социјалдемократите му дуваше во вратот. Тогаш коалицијата на Коста ја нарекуваа „крпеница“ (geringonça), конструкција која е толку лошо составена што набрзо ќе се распадне. Но, Коста со вешто маневрирање успеа да ги донесе сите четири државни буџети, а со нив и прогресивното зголемување на минималната загарантирана плата, зголемувањето на пензиите и 13-та плата и го врати кариерното напредување во јавните и државни служби, со одржување рамнотежа помеѓу јавните приходи и расходите. Успеа истовремено да го намали дефицитот на најниско ниво откако Португалија ѝ пристапи на Европската унија во 1986 година. Растеше и бруто општествениот производ.

Партијата Луѓе-Животни-Природа (PAN, Pessoas-Animais-Natureza), исто така од левиот центар, се залага за човекови права, права на животните и природата и биоцентризам. Освои четири мандати, три повеќе од претходно, така што и таа очекува повик во коалицијата. Добитник е и партијата Слободен (L, Livre), која во 2014 година ја основаа активистите од Левиот блок, зашто не им одговараше начинот на управување со партијата. Освои еден мандат.

Мошне веројатно е дека Коста повторно ќе формира влада со еднакви или слични принципи како досега и ќе успее да ги собере сите партии од левата страна на политичката лепеза. Но меѓународниот контекст во новиот мандат ќе го соочи со значајни предизвици, а тоа го кажа и самиот во говорот по прогласувањето на изборните резултати. Без триумфализам предупреди дека „денес постојат реалности кои никој не може да ги игнорира, како што се климатските промени кои бараат итни одлуки, кои се одлучувачки за нашата иднина, а бараат политичка стабилност“. Очекуваното забавување на светската економија исто така нема да му оди од рака, како ни германската рецесија и Брегзитот.

А би било навистина интересно од страна да се посматра лицето на португалскиот премиер, лидерот на коалицијата со комунистите, или претседателот, додека во државна посета хрватскиот претседател на владата или републиката ќе ја изнесуваат флоскулата за двата тоталитаризми, како што се случи на посетата на Загреб во мај 2017 година.

15.10.2019

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото