Ана Блажева и Лидија Васиљевиќ: Од емпатија се создаваат нови модели на организирање

17.10.2019 00:46
Ана Блажева и Лидија Васиљевиќ: Од емпатија се создаваат нови модели на организирање

Во издание на „Rosa Luxemburg Stiftung“, минатата година во Белград е објавена книгата „Од меланхолија до побуна, Емоционално мапирање на левицата и феминизмот“ од авторките Ана Блажева и Лидија Васиљевиќ и уредничката на изданието Ксенија Форца. Со Блажева (гешталт психотерапевтка и научна соработничка во Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје и со Васиљевиќ, тренерка и супервизорка за психодрама, која докторирала на темата за политиката и менталното здравје, разговараме за феминизмот, менталното здравје, можностите за организирање и улогата на емоциите во политичкото дејствување за време на 13. фестивал Vox feminae на кој беше претставена нивната книга. 

Начинот на кој пристапувате на темата за менталното здравје е длабоко политичен: поединецот го промислувате и подразбирате како дел од општествената стварност, а причините за менталните проблеми ги наоѓате и во околината. Каков е одекот од вашата книга во мејнстрим психолошките и психијатриските кругови? Колку е распостранет вашиот поглед на менталното здравје во споредба со биологистичкиот и индивидуалистички пристап?

Ана: Дисциплинарните рамки го воведуваат социјалното како еден од факторите на менталното здравје. Сè повеќе истражувања покажуваат дека социјалните услови не можат да се заобиколат кога станува збор за разбирањето на проблемите на менталното здравје. Така што иако индивидуалистичкиот пристап е сè уште доминантna рамка зашто така се дефинирани самите дисциплини, растечки тренд е на проблемите да им се пристапува интердисциплинарно. На комплексни проблеми ккао овие можеме да одговориме надминувајќи ги границите на дисциплините и поврзувајќи го знаењето. Тоа значи дека не може да го набљудуваме менталното здравје надвор од општествената стварност и односи.

Лидија: Системот на здравствената заштита би требало да биде раководен од принципот на еднакви права и можности за сите што подразбира изедначена достапност до услугите, но и непристрасност во пристапот (што пак не значи дека треба да се биде емоционално дистанциран и рамнодушен кон проблемите на другите). Прашањето на менталното здравје е поврзано со проблемите што ги имаме сите во ова општество, со сиромаштијата, стигматизацијата, дискриминацијата и родовите улоги. Тоа се прашања кои, доколку ги игнорираме, ги репродцираме нерамноправностите што владеат и во другите сфери. Повеќето наши клиенти се среќава со пристап кој не се менува веќе со децении, а проблемот на неадекватноста на традиционалниот пристап кон менталното здравје е последица на дискриминаторските политики во општеството генерално, кои потоа се пренесуваат и во другите специфични области, што резултира со штетни, редукционистички и неадекватни пракси. Мојот пристап го одликува теоријата и праксата на инклузивност, критички однос кон стандардите на грижа за менталното здравје кои ја оневозможуваат користа за сите групи и достапност до услугите, а тој пристап не е доволно препознаен. Во овој момент поважно ми е помалку да ме попречуваат, зашто навистина не ни очекувам поддршка. Отворено се декларирам како политичка личност и сметам дека рамнодушноста и неутралноста не само што се невозможни кога се занимавате со оваа работа, туку се и неадекватни.

Во книгата ги потенцирате интерсекциите на различните опресии кои придонесуваат за нарушувањето на менталното здравје, но користите и критички апарат за да ја преиспитате и самата структура на лекувањето и дијагностицирањето на болеста. Што би издвоиле како основни насоки за феминистичкиот пристап кон менталното здравје?

Ана: Клучно е да се земат предвид системските придвижувачи, условите и односите кои влијаат специфично врз жените. Тука најмногу мислам на патријахалните очекувања и норми, но не единствено во традиционалните општества, туку и во современите варијанти и урбаните опкружувања. Искуствата не се исти ниту пак се исклучуваат меѓусебно, делуваат интерсекциски и низ сите системи – социјални, културолошки, економски...Мојот пристап е секогаш да се препознаат и разберат условите кои придонесуваат на односите и очекувањата такви какви што се, да се изгради силна база и поддршка за да ги живееме автентичните избори. Според тоа, мислам дека разбирањето на системските односи, работата на себе и мрежите на поддршка, како и солидарноста се добра основа за пристап кон менталното здравје кој може да биде феминистички, но и поширок.

Лидија Васиљевиќ

Лидија: Феминистичките принципи се следните: ненормативност, правото на сексуалното определување да биде прашање на слободна волја, ставање акцент на комплексноста на развојот на женскиот идентитет (наспроти форсирањето на ПА фазите кои не се земаат предвид во развојот на жената), работа на телесната артикулација, истражување на барањата без страв, поддршка и солидарност меѓу жените. Според Доротеа Дитрих и Мириам Рајбер, феминистичката психотерапија претставува процес на прифаќање на „внатрешното девојче“ што живее во секоја жена и негово негување. Ова подразбира пат кон самоспознавање кој влева сила и самопочит, и како нужен предуслов го поставува напуштањето на улогата на жртва. Со оглед на тоа што постои конфликт помеѓу нашите потреби и она што сме го учеле како адекватно однесување, тој внатрешен несклад често делува како причина за одење на терапија.

Психотераписката средба во која жените, во согласност со својата традиционална родова улога, се ставени во позиција пасивно и послушно да ги слушаат советите што им ги даваат авторитетите – за нив е уште еден во редицата нерамноправни односи во кои се вклучени, а тоа истото се однесува и на сите останати малцински групи. Затоа во феминистичката терапија акцентот е на засилувањето на компетициите, развивањето на самопочитта, поттикнувањето на клиентките да преземат иницијатива во сите односи (вклучувајќи го и терапискиот однос). Целта на тие пракси, а и крајната цел на целата терапија е клиентките да завладеат со своите животи. Се разбира, овие принципи се однесуваат и на сите останати групи, а најдобриот пат е поврзување со сите вредносно сродни анти опресивни правци. Таму е иднината на инклузивните политики за менталното здравје.

Пристапот кон психотерапија за голем дел од популацијата е прилично тежок, делумно заради стигмата, а заради неможноста да се најде соодветен терапевт (на пример, заради стравот од патологизација на сексуалните идентитети и пракси), но и заради економската реалност: приватните терапевти се скапи. Какви можности гледате за поголема достапност или пак за алтернатива на класичниот психтерапевтски модел?

Ана: Психотерапијата се соочува со непрепознавање во општеството, во институциите, во креирањето на политиките итн. Нова е како професија и воопшто како сфера на знаење. Во академска смисла има проблеми со етаблирањето на своето знаење во тесната научна парадигма. Нивото на непрепознаеност може да се илустрира со тоа што е отсутна од европската листа на дејности. Во Хрватска постои закон, но не и во другите држави од регионот, па оваа област е нерегулирана или е слабо регулирана, што исто така влијае врз достапноста на психотерапијата за пошироката популација. Со тоа е поврзана и политиката на менталното здравје која не е интерсекторска, па психотерапијата главно е врзана за здравствените установи, ако воопшто ја има, а не е дел од образованието или социјалната заштита.

Ана Блажева

Ние сè уште се соочуваме со реалност во која темата на менталното здравје е табу. Потоа, разликата помеѓу психологијата, психијатријата сè уште е непозната за пошироката јавност, а многу малку се знае за можностите и ефектите од психотерапијата. Но, приватната пракса на психотерапија за мнозинството е недостапна. Постојат терапевти кои имаат социјални пакети, про боно клиенти, а понекогаш групната работа овозможува поголема достапност. Се разбира, сето ова има големи ограничувања и влијае на тоа психотерапијата да биде маргинална во третманот на проблемите на менталното здравје.

Лидија: Освен одговорноста на заедницата и развивањето на општествена свест на идните помагатели во рамки на менталното здравје, секако е важно да се размислува за односот што го имаме кон себе. Колку вредност си даваме себе и на својата работа и колку ја вреднуваме соработката и солидарноста? Важно е да се има на ум основната причина која нè свртела кон психотерапијата, воспоставувањето однос со другите и со себе, поврзувањето на нашите искуства и нашата ранливост.

Во процесот на едуцирањето на идните психотерапевти, во системот кој го осмислив голема улога има и политичката димензија. Низ едукацијата и супервизијата таа политичност директно се остварува. Тука, пред сè е третирањето на моќта во психотерапевтскиот сојуз, кој вклучува и воспоставување однос на доверба и рамноправност со клиентите, неопходност за подлабоко (автентично) почитување на различни вредносни системи, као и препознавање на потребите на клиентите и типовите на отпор карактеристични за различни групи.

Процесот на учење треба да биде ускладен само доколку ги почитува автономијата и различните системи на вредности на супервизорите и оние кои се обучувани и ако им овозможува да ги освестат сопствените ставови, предрасуди и дилеми за луѓето со кои ќе работи. Супервизијата е политички процес, како што е и терапијата, а задачата на супервизорот е во текот на терапевтскиот процес да ги отвора прашањата за еднаквост и моќ, како и да промислува за можностите за применливост на традиционалните модели. Од круцијална важност е, како што истакнува Роџерс, идните психотерапевти и советници да имаат знаење за луѓето што доаѓаат од поинакво културно и социјално милје, како и искуство на работа со нив. Поседувањето на таков вид знаење и искуство отвора пат за суштинските промени кои се одразуваат на потесното (семејство, пријатели) и поширокото опкружување (општеството во целина). На овој начин се развива емпатијата или длабокото разбирање, во овој случај за оние кои се поинакви од мнозинството. Од емпатијата се доживува себе како политички активен субјект и желбата и потребата за пружање поддршка, доаѓаат и новите модели на организирање кои би требало и практично да им помогнат на оние кои немаат доволно средства.

Дијагностичкиот прирачник за ментални пореметувања (DSM) е на прилично лош глас заради патологизацијата на родовите и сексуалните идентити во минатото, но, на пример и заради неодамнешното воведување на дијагнозата спротивставување на авторитети кај тинејџерите. Дали психијатриските дијагнози носата предизвикуваат повеќе корист или штета?

Ана: Дијагностиката е медицинска пракса која е најкорисна во медицински рамки; може да биде насока, но и ограничување. Се покажало дека тие ограничувања можат да бидат штетни, на пример, во случаите на патологизација на сексуалните идентитети. Во гешталт психотерапијата, модалитетот во кој работам, не користиме дијагностички прирачници во работата (но се разбира дека мора да бидеме информирани затоа што комуницираме со другите дисциплини и професии). Мора да знаеме која дијагноза ја установи психијатарот и која фармаколошка терапија ја прима клиентот. Дијагностиката на децата и адолесцентите е уште почувствително подрачје. Дополнителен проблем на дијагностиката е отсуството на адекватен третман и систем на поддршка во нашите институции, но и во општеството.

Лидија: Нема дилема дека е потребна стандардизација. За разлика од анти психијатриското движење во 60 – тите години, кое го доведуваше во прашање комплетниот медицински модел, се залагам за вреднување на дијагностиката, но само како еден од показателите на состојбата. Токму како што институциите што сами на себе си стануваат цел, DSM почна да ја фингира стварноста и да ги прилагодува искуствата на клиентите за да ги стави во одредени категории. Тука им е нанесена голема штета на сите, а особено на жените. Стандардизацијата е неадекватна, а непослушноста отсекогаш се казнувала. Единствено квалитетниот разговор, разбирањето на начините на созревање, формирањето на родовите и социјалните улоги, животниот контекст (социјалниот, културолошкиот, вредносниот, религискиот) и нивното комплетно разбирање може да биде релевантна рамка за дијагностика, никако DSM самиот по себе. Исто така и екстремната верзија на ПМС (предменструален синдром) е ставена во поновите верзии што мислам дека е недопустливо, како жените да не се доволно патологизирани, па и натаму се продолжува со тој процес.

Многу теоретичи/ки пишуваат за родовите карактеристики на различните животни сфери. На приме, рационалноста, смиреноста и студеноста, кои се машки карактеристики, стануваат особини кои се вреднуваат како пожелни за разлика од афектот, емотивноста и грижата кои се одредени како женски. Може ки да говориме за политичкиот потенцијал на афектот? Како да се вклучат емоциите и/или говорот за емоциите во политичкото и интелектуално дејствување? Како вие тоа го правите во својата пракса?

Ана: Како што кажав претходно, сите ние сме поврзани афективни битија кои истовремено се и свесни. Така што сите имаме пристап (иако тој се одвива со потешкотии и не е лесно достапен) и кон нашето тело и кон несвесното со цел подобро да се спознаеме себе и светот околу нас. Го застапувам ставот дека афективното е нераздвоиво од политичкото, како што е нераздвојно од која било друга наша психолошка, но и социјална функција.

Тоа што афективното поле им „припаѓа“ на жените е резултат на односите и поделбата на трудот во патријахалните општества и као резултат на тоа е потиснато во доменот на приватносто, во домот. Ова, за мене, е подеднакво важно политичко поле во кое гледам потенцијал за трансформација на општеството, односите и системот. За искористувањето на тој потенцијал нужно е да ја знаеме и да бидеме свесни за афективната динамика за да подобро ги разбереме и нашите и туѓите однесувања, вредности итн. Се залагам за поинаков пристап во политиката – политика на грижа, како пристап кој го прифаќа фактот на нашата поврзаност и наместо личната корист и просперитет ја воведува грижата за себе и за другите како клучен принцип. Се инспирирав од делото на Силвија Федеричи која покажа дека жените со репродуктивниот труд го овозможиле преживувањето на заедницата. Се залагам за барањето политиката да ја втемелиме на репродуктивната грижа која животот го прави одржлив, а со тоа и околината, што за мене, денес е нужен политички фокус.

Лидија: Неодамна на трибина на Центарот за политики на еманципација зборувавме за употребата на стравот како емоција во политиката. Стравот е тешко да се игнорира зашто е сеприсутен: во медиумите, образованието, културата, меѓучовечките односи, политичкиот живот. Тој по потреба се засилува до ниво на паника, се насочува кон одредени групи и поединци, поттикнува и канализира кон насилство или терор. Политиките на стравот се методолошки соработници на власта, методологија на управување, упориште на замена на тези и сигурен показател за свртување на вниманието од поважни теми и проблеми кои всушност ја мачат власта, со наметнување на имагинарни или каузално помалку значајни теми. Во меѓувреме, медиумите сензационалистички нè бомбардираат со застрашувачки приказни, без никаков аналитички и структурен пристап кон проблемите што ги „обработуваат“.
Понатаму, тука се прекаризацијата, стравот од отказ и невработеност, механизам кој луѓето ги претвора во тивки и покорни слуги, она што ни е всушност потребно – нов утопизам. Комерцијализацијата на стравот и креирање на неговата јасна употребна вредност поттикнува повлекување во уште подлабок индивидуализам во промислувањето на проблемите и заканите, препреките на здружување, емпатија, размена и соработка. Значи, стравот и несигурноста ги покриле сите други емоции, здравата лутина – која е неопходна за бунт и промена, како и тагата која ни помага да се соочиме со самите себе. Емоциите се важи и доколку ги исклучиме од процесот на промислување на политиката ќе станеме заложници на стравот и манипулациите со него. Не само што е важно да се негува поемоционален пристап, туку мислам дека нема ни доволно страст, онаа креативната, не деструктивната.

Александар Димитријевиќ неодамна кажа дека анксиозноста и депресијата се шират во Србија како грип. Врз основа на чисто анегдотален примерок, би рекла дека феноменот е значително поширок. Како и зошто анксиозноста и депресијата во ова конкретно време и простор добија толкав замав?

Ана: Анксиозноста и депресијата се резултат на отуѓувањето и губењето токму на заедницата и чувството на припадност. Во општество во кое се оневозможува поврзувањето, сигурноста, прифаќањето и припаѓањето, резултатите се депресија и анксиозност. Во случајот со анксиозноста стануваме преплавени со сè и сешто и не можеме да лоцираме од каде доаѓа стравот што го чувствуваме. Во обид да се дофати, лоцира, ние го врзуваме за разни работи што уште повеќе го шири нашиот страв и така стануваме постојано уплашени, несигурни, вознемирени. Во случајот со депресијата страда нашето поврзување. Не се чувствуваме поврзани, исполнети, ниту еден контакт не е задоволувачки, не можеме да доживееме задоволство...

Лидија: Постои еден одличен графит во Белград – „Не те ебат педерите, туку капитализмот“. Во една поширока смисла, секако може да се осврнеме на неолибералното сценарио на животот, кое сите нас нè прави несигурни, недоволно добри, кое нè инфалитизира и константно нè расплинува како личности. Без чувство на интегритет и доживување на границите и на тоа кога е доста и кога сме доволно добри, не можеме да бидеме стабилни. Кога на сето тоа ќе го додадеме и чувството на безнадежност и повеќедецениско потиснување и незадоволство, вистинско чудо е што нема и повеќе психози.

Илустрации:  Nicole Xu

Извор: Vox feminae

 

ОкоБоли главаВицФото