Отворен повик за наградата ДЕНЕС 2020

17.10.2019 02:21
Отворен ПОВИК за наградата ДЕНЕС 2020

Факултет за работи што не се учат (ФР~У) Битола/ Скопје и Центарот за современи уметности - Скопје го објавија отворениот повик за наградата ДЕНЕС 2020 за млади визуелни уметници во Северна Македонија до 35 години.

Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која вклучува критичко и естетско размислување и имплементација, и е единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава.
Оваа значајна и независна награда означува двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во 2020 година.

Отворениот повик трае од 15 октомври до 5 декември, резултатите ќе бидат објавени на 10 декември, 2019 година,
а пријавувањето е на адресата: nagradadenes@gmail.com

Оваа значајна и независна награда е организирана во соработка со Residency Unlimited од Њујорк, поддржана е од The Trust for Mutual Understanding од Њујорк и се доделува на секои две години во Македонија. Победникот ќе има можност да присуствува на двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited  во втората половина на 2020 година.

Наградата ДЕНЕС, која го носи името на истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во периодот од 1953 – 1955 во Македонија, се доделува по четринаесетти пат во земјава.

Повеќе за критериумите за пријавување и историјата на наградата видете тука

ДИСКУРЗИВНО – ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК

Бидејќи наградата ДЕНЕС е биенална и се доделува во 2020 год., оваа година ќе се одржи третото издание на дискурзивно – едукативната програма насловена „Совршениот уметник“, со идеја да го дополни, надогради и предизвика критичкото, аналитичко, теориско но и практично знаење и капацитети на младите уметници – кандидати за наградата ДЕНЕС но и сите заинтересирани.

Отворениот повик за учество во оваа програма се објавува на датумот кога се објавува и наградата ДЕНЕС а тоа е 15 октомври и трае до 25 октомври, 2019 година.

Програмата опфаќа повеќе практични но и теоретски предавања, работилници и семинари од интернационални културни работници со идеја да се истакне важноста на политичката и општествена димензија на уметноста но и на самите чинители на уметноста, размената на искуства и дебата, општествената инклузија на младите уметници но и нивната непосредна околина и можностите за зајакнување на едукативниот систем во земјава посебно во визуелната уметност.

Она што е особено важно да се нагласи е дека учеството во оваа програма не ги квалификува уметниците директно во финалето за наградата ДЕНЕС 2020 но организаторите силно ги охрабруваат да земат дел од неа затоа што ќе значи дополнителна референца.

Предавањата опфаќаат:
25 октомври 2019 година - предавање на Срѓан Јовановиќ Вајс во Музеј на современа уметност, Скопје
29-30 ноември 2019 година – интернационален симпозиум за работнички права на културните работници во Кино Култура, Скопје

Пријавувањето е на адреса: sovrseniotumetnikdenes@gmail.com а потребно е доставување на професионална биографија, кратко мотивациско писмо и електронско портфолио со јасно наведени активности.