Проект: „Медиумот е порака“

17.10.2019 16:05
Проект: „Медиумот е порака“

Информациите имаат огромна моќ во обликувањето, преобликувањето и разложувањето на светот во кој живееме. Современиот граѓанин е речиси патолошки свесен за кревкоста на реалноста пред наездата пораки и за обемноста на предизвикот да ги систематизира и промисли, и да ја пронајде смислата во хаосот што го создаваат. Дополнително, полето забрзано се трансформира со појавата на нови феномени кои водат кон мултипликација и дисторзирање на пораките и директно влијаат врз комплексните општествени и психолошки релации. Мислата „Медиумот е порака“, на канадскиот философ Маршал Меклуан, нѐ повлекува чекор наназад од хаосот на фркотните парцијализирани пораки за да го рефокусира нашиот интерес кон медиумот сам по себе. Имено, медиумот општествено влијае не само преку содржината што ја пренесува, туку и преку својата природа, карактеристики и структура. Тој пред сѐ го овозможува и креира просторот и контекстот за комуникација, а оттаму и самата комуникација. Теоријата на Меклуан е особено релевантна денес, со појавата на новите медиуми. Затоа, ја земавме оваа теза на Меклуан како водилка во нашиот проект.


Проектот „Медиумот е порака“ има за цел да развие дискусија околу состојбата на медиумите и нивната улога и интеракција со останатите важни сектори во нашето општество. Притоа, особено нѐ интересира односот медиуми-култура – нивната соработка, меѓузависност, функционалност.


Секако, важен повод за ангажирање околу овој проблем е и тоа што 2019 е година на два, за нас, важни јубилеи: 25 години од „Маргина“, списанието за култура, и 10 години од интернет порталот за култура „Окно“. Во изминативе децении овие два медиуми посветено се трудеа да придонесуваат на македонската културна сцена, да бидат достојни платформи за акција и интеракција на домашните но и регионалните и светските уметници, писатели, теоретичари... и да бидат прозорци кон пошироките простори на културата и уметноста и често низ нивните преплети со политичкото. Клучните принципи на овие два медиуми со децении се токму децентрализацијата, дисеминацијата, деметрополизацијата на културата и уметноста, како и преиспитувањето на воспоставените културни практики.


Никола Гелевски, главен уредник на „Маргина“ и „Окно“, за новиот проект вели:

„Од каде ваков наслов и ваков проект, медиуми, култура, идеологија?! Вака би рекол: дури со означувањето - именувањето, дефинирањето, толкувањето, осмислувањето - луѓето ја формираат стварноста од она што го гледаат околу себе. Реалноста во која живеат е социјално конструирана. Значи, еден од основните процеси со кои стварноста се конструира/гради е комуникацијата. Медиумите се комуникациска алатка. Комуникацијата е примарниот процес со кој се гради стварноста, а не е изведен, накнаден процес кој ја „претставува“ реалноста која постои пред тоа, надвор и независно. Комуникацијата ги создава социјалните факти во кои општеството живее. Меѓу многуте проблеми во земјава, значи, еден од најбитните е комуникацискиот, т.е. културниот, т.е. идеолошкиот. Не само што слабо комуницираме меѓу себе, туку се утињаат и јазиците со кои комуницираме. Заради тоа е проектов, да понудиме уште една платформа за комуникација, надвор од имбецилните а зовриени квази политички дискурси во кои сме потопени како во цистерна за гомна.“




Проектот „Медиумот е порака“ се состои од неколку типови активности, дисперзирани во пет градови во Македонија. Караванот започнува во Струга и Охрид, во петок и сабота, на 18 и 19 октомври.


Во петок, на 18 октомври, во 19:00 часот, во Домот на Миладиновци во Струга, со логистичка помош на струшкото здружение ИНКА, ќе се одржи разговор насловен „Македонските медиуми: лудило во системот или систем во лудилото?“


Следниот ден, во сабота, на 19 октомври, во 12:00 часот, во Центарот за култура во Охрид, ќе се одржи вториот разговор под наслов „Медиумот е порака (за медиумите, културата и идеологијата)“.


В
о разговорите ќе учествуваат: Ардита Истрефи Иљази, Тијана Радеска, Ѕвездан Георгиевски, Снежана Трпевска, Сашо Орданоски, Никола Гелевски и Александра Бубевска. Дел од темите за дискусија ќе бидат комуникацијата како процес на конструирање на општествената реалност, масовните медиуми како инфраструктура за формирање на различни говори за општеството, манипулацијата наспроти слободната комуникација,културните студии и критичкото читање на идеолошката природа на медиумската работа итн.


Двата разговори ќе бидат проследени со промоција на книгата „100 насловни страници на Окно“ во која е направен избор на највпечатливите илустрации на уметничката група Свирачиња. Нивните луцидни, високо естетизирани постмодернистички монтажи претставуваат субверзивен коментар на современите општествени поместувања.


Во Охрид, во сабота, во Центарот за култура ќе биде поставена и изложбата на корици на списанието „Маргина“. На изложбата ќе бидат претставени седумдесетина корици на тоа култно македонско списание. Проследувањето на визуелниот дизајн на списанието дава и суптилен увид во тековите на културните движења и уметничките тенденции во последниве 25 години.


Издавачката куќа Темплум, во духот на проектот, ќе донира околу 300 книги во локалните библиотеки во Струга и Охрид (во вкупна вредност од над 1500 евра), обрнувајќи внимание на важноста на ревитализацијата на локалните библиотеките како базични културни простори со значаен потенцијал за еманципација.


Исто така, поврзано со проектот „Медиумот е порака“, и како поттик за уметниците и графичките дизајнери, порталот Окно распиша конкурс за гифови на тема Книга/Книги. Најдобрите гифови од конкурсот ќе бидат парично наградени и претставени во неколку градови во нашата земја.

Проектот е поддржан од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан
Активизам / Графички Дизајн / Уметност / Настан
Активизам / Графички Дизајн / Уметност

ОкоБоли главаВицФото